Дали знаете дека дивите пчели се клучни во опрашувањето на речиси сите цветни видови на Земјата, но и дека преку мали промени во нашето однесување може да им помогнеме во нивната борба за опстанок? Знаете ли зошто во продавниците за домашни миленици веќе не можете да купите црвеноушеста желка и да ја чувате како домашен миленик?
Ако сѐ уште се двоумите околу одговорите на овие прашања, тогаш треба да ја посетите изложбата во скопската Зоолошка градина бидејќи изложените едукативни постери на студентите од едукативно-технолошката организација Бреинстер (Brainster) ги имаат одговорите.
Токму со цел подобро да се едуцираат децата и нивните семејства за едни од најзначајните животни за целиот еко-систем, дивите пчели и црвеноушестите желки, студентите од Бреинстер повторно се вклучија во нова благородна мисија со изработката на реален проект. Тие како дел од програмата на Академијата за графички дизајн, имаа задача да изработат едукативни постери и анимации за овие видови кои ги покажаа на изложба која викендов се одржа во скопската Зоолошка градина.
Многу дечиња и нивните родители љубопитни да дознаат што се крие зад шарените постери, го посетија Едукативниот центар во Зоолошката, а студентите заедно со вработените во една од најстарите скопски институции, посветено одговараа на секое нивно прашање.
Со мали чекори ја штитиме природата и некои животински видови
Идејата за ваков тип на едукација и потребата од иновативно визуелно решение што ќе го привлече окото на дечињата и нивните родители потекна од скопската Зоолошка како дел од нивната програма за едукација. Зоонегувателот Војо Иванов ни раскажа зошто се одлучиле на студентите да им дадат задача да направат постери токму за овие видови.
„Се чини дека на денешните посетители не им оставме јасна и убава порака која ќе ги поттикне кога ќе се вратат дома да си постават некои прашања и да ги преиспитаат своите одлуки. Идејата беше да испратиме едукативно-еколошка нота за оние наши посетители што сакаат подлабоко да навлезат во приказната. А тоа е дека на пример искосена трева е можеби убаво за неговото око, но не и за околината бидејќи така полесно се загрева почвата и се уништуваат домовите на малите животинки кои не ги гледаме. Од друга страна, тие пак се храна за рептили, гуштери и птици. На тој начин природата некако си ја држи таа своја алка. Кога ние земаме еден дел од таа алка ја нарушуваме рамнотежата“, вели Иванов.
Тој потенцира дека граѓаните не ни знаат каква штета ѝ прават на природата и живиот свет со своите постапки, како на пример, кога ги пуштаат водните желки во езерцата. Затоа е потребна едукација од најмали нозе.
„Инвазивните видови на рептили како црвеноушестите желки, во последните години прават доста штета на локалните видови, на флората и фауната и практично затоа сакавме да ги едуцираме посетителите и на таа тема. Често се случува да дојдат тука со желка која веќе пораснала и само сакаат да ја пуштат кај нас. Не сфаќаат дека на тој начин прават штета на екосистемот. Идејата ни беше да излезат од градинава со некоја порака како тие ќе бидат подобри кон природата утре“.
Двата победнички постери на студентите ќе бидат поставени на соодветни места во Зоолошката. Едната информативна табла ќе биде поставена кај езерцето кадешто живеат желките, а втората посветена на пчелите во паркчето кај пингвините. Се прашувате зошто има пчели кај пингвините? Одговорот лежи во познавањето на природниот циклус. Бидејќи комарците обожуваат да ги напаѓаат пингвините, постои опасност да им пренесат болести. Затоа, зоонегувателите решиле таму да посадат лаванда од која „бегаат“ комарците. А пчелите пак, сакаат лаванда.
„Откако почнаа да доаѓаат повеќе пчели тука на цвеќињата, забележавме дека децата многу ги загледуваат, прашуваат, ама немаат никакви информации, немаме информативна табла за пчели. Затоа, сметавме дека интересен постер со едукативни пораки и интересни факти за пчелите е одлично решение за дополнителна едукација“, вели Иванов.
Татјана Гогоска, одговорна за односи со јавност на Зоолошката изјави дека сите понудени решенија од студентите и за двете теми биле исклучително креативни и содржински одговарале на зададената тема.
„Навистина беше тешко да определиме кои се најдобри од визуелен аспект, и оние што ги одбравме за победници беше заради сеопфатноста на постерите кои ќе служат како едукативен надгледен материјал понатаму на два пункта во Зоолошката. Додека трае изложбата ќе организираме посета на ученици, да ја погледнат и да се запознаат со овие два специфични жители на природата кои се многу важни“, вели таа.
Доедукација и покренување на свеста за општествено важни теми
И од Бреинстер изјавуваат дека им е многу драго што во листата на партнери за реални проекти ја додале и Зоолошката градина Скопје. Како организација и како тим за партнерства целат кон тоа студентите од академиите да работат на корисни проекти што ќе им донесат голема вредност од аспект на примена на стекнатото знаење за време на академијата, но и од аспект на доедукација и покренување на свеста за општествено важни теми.
„Нашите вредни и креативни студенти најпрво работеа на дизајн на постери за дивите пчели и црвеноушестите желки, а потоа истите дизајни ги ставија во движење односно креираа анимација на самиот дизајн. На овој настан ги изложуваме нивните уникатни дизајни и пренесуваме порака за тоа колку се важни овие животни за нашиот екосистем. Изложбата е заеднички настан на кој изложуваме вкупно 36 постери изработени од студентите, меѓу кои се и двете победнички решенија за секое од наведените животни. Се надеваме ќе има голем број на посетители кои ќе видат што можат да направат нашите студенти и ќе дознаат корисни информации за улогата на овие животни во природата“, вели Јована Joвановска Кануркова од тимот „Партнерства“ од Бреинстер.
Инструкторот од Академијата за графички дизајн, Михајло Тунев кој ги менторираше студентите низ целиот процес вели дека се соочиле со предизвик бидејќи станува збор за реален проект и имале контакт со клиент, но затоа и многу научиле.
„Крајните решенија се навистина многу добри, мислам дека добро ќе им служат на вработените во Зоолошката и ќе им помогнат и на родителите да им ги доближат овие видови повеќе на децата за да знаат утре како да им помогнат. Победничките решенија беа совршена комбинација на оној едукативен момент, имаа доста инетересни пораки и илустрации, а секако визуелно ги прикажаа овие животни многу креативно и во согласност со барањата на клиентот“, ни рече Тунев.
Инспирацијата на студентите
Победничкото решение од групата што работеше на постерите за црвеноушестите желки, Петар Велковски е матурант во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ кој го обожава графичкиот дизајн, но за овој проект бил особено инспириран бидејќи неговиот татко е ветеринар.
„Растев со животни, многу знам за нив и ги сакам, затоа сакав да направам постер што ќе биде ем добро визеуелен, но и со интересни и едукативни пораки. Ова е прво решение кое ми е одобрено и земено од клиент и затоа сум многу среќен и мотивиран уште повеќе да се посветам на академијата. Сите постери на колегите се одлични, навистина сме талентирана група. Од почеток знаев како треба да личи, имав замисла, но беше навистина предизвикувачко да се изработи. Наскоро ќе ја завршам и академијата, но ова навистина е неверојатно искуство за мене. Бреинстер има толку уникатен систем на работа, што никаде го нема на друго место. Реалните проекти, хакатоните и сите други активности навистина ни дава една друга перспектива и чувство како е да се работи во оваа индустрија“, вели Велковски.
Јован Митровски е исто така при крај на академијата во Бреинстер и досега учествувал на 2 хакатони и работел на повеќе реални проекти. И тој е особено горд на својот постер кој е поставен на изложбата.
„Одев на поедноставно решение, да ги има сите елементи поставени, но доста време и вимание посветив и на тој едукативен дел. Некако во глава ми беа најмалите кои не треба само да знаат дека пчелите го прават медот, туку и дека имаат два стомаци, дека на крајот на летото им треба повеќе храна и дека со мала помош од наша страна може многу да им помогнеме и да ги спасиме од изумирање“, рече Митровски.
Изложбата во Еукативниот центар во скопската Зоолошка градина е отворена за посетители до 19 ноември, а победничките постери гордо ќе стојат покрај живеалиштето на црвеноушеската желка и локациите во Зоолошката на кои на гости најмногу доаѓаат пчелите.