За воведувањето на телемедицината на македонскиот пазар, нејзините придобивки и иновативни аспекти разговараме со Огнен Нелковски – Координатор за развој на продукти и банкоосигурување во Винер – Виена Иншуренс Груп АД Скопје.
Новинар – Сања Наумовска
Може ли подетално да ни кажете што е телемедицина и кои се можностите што ги нуди новиот производ – апликацијата TeleDoc?
TeleDoc (myteledoc.app) е иновативен и единствен производ на подрачјето на телемедицината кој овозможува неограничен број на видео консултации со лиценцирани општи лекари од Македонија, 24 часа дневно во текот на целата година без никакви временски и територијални исклучувања и ограничувања.
Со тоа на нашите клиенти ќе им овозможиме најбрза прва реакција при каква било здравствена состојба без временско и територијално ограничување, при што преку своите мобилни телефони, лаптоп уреди или персонални компјутери во секое време 24/7 и од секое место без територијално ограничување во пристапот, ќе можат да остварат видео повик со доктор по општа медицина за конкретната здравствена состојба со која се соочува нашиот клиент во дадениот момент. Согласно остварениот видео повик нашиот осигуреник ќе добие брза првична дијагноза, терапија, или во најмала рака конкретна насока за понатамошно постапување, со цел спречување на дополнителен прогрес на здравствена состојба односно што побрзо постапување по истата, токму преку првичната брза реакција во вид на консултација со доктор. При користење на оваа услуга нашите клиенти ќе остварат видео повик со некој од општите лекари дел од базата на myteledoc.app кој ќе биде достапен во дадениот момент кога е потребен лекарски совет. Оваа апликација истовремено овозможува и препишување на валидни рецепти, интернационално признати за потребните лекарства, со што во даден момент, без оглед дали се наоѓаме во матичната земја или во странство, можеме лесно и брзо да пристапиме кон нивна набавка, што секако при дадена здравствена состојба може да биде исто така од исклучителна важност во интерес на времето и навремен третман со соодветни лекарства на конкретната здравствена состојба.
Вториот дел од услугите на Телемедицина се состои во уникатниот бенефит кој на нашите клиенти им дава можност да користитат услуги и во делот на второ специјалистичко мислење и тоа од страна на интернационално признати специјалисти од голем број на земји со широк опфат на специјалистички области, достапни преку базата на diagnose.me каде што ќе можат самостојно да го изберат лекарот специјалист од соодветната област за која што постои потреба да се спроведе второ специјалистичко мислење во врска со конкретна иницијално поставена здравствена дијагноза. Од исклучителна важност е да се напомене тоа што нашите клиенти имаат можност сето ова да го спроведат преку едноставно испраќање на целата медицинска документација во електронска форма на својот мајчин јазик (односно без дополнителни трошоци за превод на документацијата) и исто така повратно специјалистичко мислење од избраниот лекар специјалист го добиваат на својот мајчин јазик. Целата комуникација и размена на документација се одвива преку платформата на diagnose.me каде што секој наш осигуреник креира свој личен профил.
Кои би биле примерите за практична примена на Телемедицината, како наједноставно би го прикажале бенефитот од истата за потенцијалните корисници?
На пример кога кај некое лице ќе се појават изразени симптоми на разболување среде ноќ (одреден вирус, грип, малаксаност…), сите знаеме дека, доколку се наоѓаме надвор од редовното работно време на лекарот од поликлиниката, најверојатно ќе биде извршен третман во делот на итната медицинска помош, чекајќи можеби и неколку часа. Телемедицината, преку онлајн платформа која работи 24 часа на ден, 7 дена во неделата, на осигурениците им овозможува да ја користат во секое време и од секое место, притоа во прв момент не нарушувајќи си го својот комодитет (од својот дом, од канцеларија, од хотел, во движење…), бидејќи консултацијата се одвива во удобноста на просториите и локацијата каде моментално се наоѓа осигуреникот. Ако ги наведеме придобивките од телемедицината, оваа услуга исто така може да им биде од голема корист на вработените во компаниите во конкретни случаи кога истите имаат потреба од лекар на оддалечена локација или кога вработените се на службени патувања во друга држава или град. Понатаму, истата може да послужи и во случаите кога е потребно првично прилагодување на дозите на постоечките лекови како што е соодветно за постарите лица, или пак за дополнителни лабараториски тестови кога е потребно, односно за препишување лекови на рецепти, за давање совети за здрав живот, за виртуелни медицински консултации за тоа како првично да се постапи и управува со здравјето при итен случај, итн итн.
За кого е наменет овој иновативен производ?
Овој производ моментално е наменет за сите правни и физички лица, коишто веќе имаат искуство или пак размислуваат за прв пат да се вклучат со осигурување во сегментот на доброволно приватно здравствено осигурување. Самата апликација TeleDoc како и платформата Diagnose.me се доста интуитивни и едноставни за користење, така што и возрасната граница како и степенот на знаење во користењето на технологијата не играат никаква улога во користењето на бенефитите на телемедицината, коишто може да се спроведат преку кој било уред (мобилен телефон, персонален компјутер, лаптоп).
Каков тип на осигурување им е потребен на граѓаните за да можат да дојдат до TeleDoc?
Во овој момент користењето на апликацијата TeleDoc и платформата Diagnose.me е овозможено за сите наши осигуреници во сегментот на доброволно приватно задравствено осигурување како надополнување на основниот базичен продукт, а тоа е полисата за доброволно приватно здравствено осигурување на ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп.
Која беше мотивацијата за вас како осигурителна компанија за имплементирање на ваков тип на апликација?
Ние во Винер Осигурување, како дел од најголемата осигурителна групација на територија на Централна и Источна Европа, Виена Иншуренс Груп, континуирано работиме на планот на развој на нови односно редефинирање на постоечките осигурителни продукти, со цел следење на трендовите во осигурителната дејност, со истовремено прилагодување кон трендовите на дигитализацијата односно автоматизацијата на процесите како во делот на комуникација и продажба на полиси, така и во делот на постпродажните активности, односно постапувањето по однос на пријавени штетни настани.
Поконкретно во тековниот и периодот што следи, фокусот ќе биде ставен на имплементација на дополнителни продукти во различни осигурителни сегменти и секако она што на нашиот пазар е најактуелно во последните неколку години, континуирани модификации и подобрувања на осигурителните продукти од сегментот на доброволно приватно здравствено осигурување, како во делот на осигурителното покритие, така и во делот на корисничкото искуство односно во т.н. customer journey процес.
Што е иновативноста и предноста на TeleDoc? Како оваа апликација функционира на други пазари каде Виена Иншуренс Груп ја нуди оваа можност и каков е одзивот?
Овие услуги се во целост развиени од страна на нашиот партнер провајдер од Австрија myteledoc.app односно Diagnose.me како официјални партнери на компаниите дел од осигурителната групација Виена Иншуренс Груп, односно официјален партнер провајдер во сегментот Телемедицина на најголемата осигурителна групација на пазарите на Централна и Источна Европа.
Користа од телемедицината е подеднакво препознаена и од страна на правните лица (компаниите) како дополнителен бенефит за своите вработени, но и како еден вид на HR алатка која до одреден степен може да го амортизира не секогаш потребното отсуство на вработените за извршување на основни лекарски прегледи и консултации, и секако од страна на физичките лица (индивидуалци и семејства) коишто исто така во оваа алатка ја гледаат можноста за неограничена достапност на лекар во секое време и од секое место за себе и за своите најблиски.
Користењето на TeleDoc и Diagnose.me односно повеќекратните бенефиции кои ги овозможуваат истите се универзални за сите пазари каде што овие две апликации и платформи од сегменот на телемедицината се достапни, но секако тековно истите ќе трпат модификации во насока на усовршување и проширување на истите:
- анамнеза на основ на утврдени здравствени протоколи;
- препорака за понатамошно постапување во врска со здравствената состојба;
- советување во врска со одредени симптоми, дијагнози, терапии и лекарства;
- дигитално издавање на т.н. „розов рецепт“, интернационално признаен, со којшто може да се набават потребните лекарства од аптека;
- препорака за спроведување на медицински терапии и рехабилитации;
- објаснување на медицински поими, дијагнози, читање на резултати од извршени лабараториски услуги (крвна слика, уринокултура, брис);
- втори лекарски мислења од страна на широка листа на реномирани лекари специјалисти од различни специјалистички области, достапни од голем број на земји од Европа и светот.
На крајот, секако треба да напоменеме, дека телемедицината не ја заменува потребата од физичка посета на здравствени установи, туку претставува комплементарна поддршка во грижата за здравјето преку брз или лесен пристап до првично лекарско советување во врска со одредена здравствена состојба.
Какви се вашите планови за во иднина, дали планирате понуда и на нови услуги во овој правец?
Во иднина, достапноста на телемeдицината може да се прошири и во вид на самостоен (stand alone) продукт, односно во вид на пакет производ во комбинација со патничко осигурување, со коешто телемедицината би имала значајно надополнување земајќи ја во предвид достапноста на користењето на бенефитите без никакво територијално и временско ограничување, итн. Односно, можноста за креирање на што повеќе дигитално достапни продукти од сегментот на здравствено осигурување со коишто ќе се овозможи истовремено значителен бенефит за корисниците и одреден степен на амортизација на оптовареноста на здравствениот систем.