Ино Фаб Лаб, првата лабораторија за прототипирање лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје започна со реализацијата на проектот „Дигитален пластичен отпад“ преку кој ученици и наставници од четири основни училишта во Скопје, Штип, Тетово и Битола ќе стекнат практични знаења и вештини за современите 3Д технологии, како што се 3Д печатење, 3Д скенирање и креирање G-кодови. За време на проектот учениците ќе собираат пластични шишиња и ќе научат како со помош на технологијата за шредирање и екструзија може да се произведе филамент за 3Д печатење од рециклирана пластика.

„Со првите две предавања во основните училишта „Димитар Влахов“ во Штип и „Гоце Делчев“ во Тетово го започнуваме проектот „Дигитален пластичен отпад“ кој веруваме дека ќе им даде практични вештини и знаења на учениците и нивните професори за користење на иновативните 3Д технологии. Првиот допир на учениците со 3Д принтер предизвика голем интерес и возбуда кај нив, како и желба да научат што се може да се направи од рециклираниот пластичен отпад“, вели професор д-р Игор Јорданов, раководител на Ино Фаб Лаб.
Во проектот се вклучени и основните училишта „Блаже Конески“ во Скопје и „Свети Климент Охридски“ во Битола. Во рамки на овој проект, сите четири училишта вклучени во проектот ќе добијат по еден 3Д принтер кој ќе остане во нивна трајна сопственост.


Во второто полугодие интензивно ќе се работи на обука на учениците и нивните наставници за рециклирање и практична примена на технологиите за 3Д дизајнирање, 3Д скенирање и 3Д печатење. Тие ќе изработуваат производи со додадена вредност кои во мај ќе ги изложат на училиштен базар и ќе презентираат што научиле и направиле. Од собраниот пластичен отпад во Ино Фаб Лаб ќе се произведат и „бехатон“ плочки од рециклирана пластика со кои ќе поплочат одредени делови во нивните училишта.

Проектот „Дигитален пластичен отпад“ финансиски е поддржан од Амбасадата на САД, а го имплементира Ино Фаб Лаб, првата лабораторија за прототипирање во нашата земја која од 2020 година интензивно работи на зголемување на свесноста, вештините и интересот на младите за напредни технологии, наука и иновации. Партнер во проектот во сегментот на сoбирање на пластичниот отпад е „Пакомак“.