Mинистерството за образование и наука (МОН) ги промовираше првите дигитализирани интерактивни учебници за четврто, петто и шесто одделение, изработени во рамки на првата фаза од процесот на дигитализација која го почна МОН оваа година, а која ќе продолжи и во наредните години. Учебниците се поставени на платформата nastava.mk.
Како што посочи министерот Јетон Шаќири, ова не се класичните печатени учебници конвертирани во ПДФ формат, туку учебници со многу мултимедијални елементи како видеа, фотографии, илустрации, квизови и друга содржина, што го прави процесот на стекнување знаења поинтересен, а со тоа и поефективен за младите.
Шаќири истакна дека во изминатиот период нивната примена е тестирана во повеќе училишта и дека реакциите на наставниците и на учениците се исклучително позитивни.
„Станува збор за учебници по сите предмети од четврто, петто и шесто одделение на сите наставни јазици. Не се одлучивме за дигитализација на учебниците од пониските одделенија. Ги почитуваме педагошките препораки, бидејќи тоа е периодот за развој на однос на децата кон книгата и пишаниот збор. Дигитализацијата на учебниците ќе продолжи и во следните години, односно, како ќе се одобруваат и печатат нови учебници, согласно планот за реформата на основното образование која е во тек, така тие ќе добиваат и квалитетна дигитална верзија со богата мултимедијална содржина“, додаде тој.
„Откако дигитализиравме низа услуги и постапки за остварување на одредени права и дадовме поддршка за модернизација на ИТ и мрежната инфраструктура во училиштата, се фокусиравме на тоа и учебниците да добијат своја квалитетна дигитална верзија, како опција која во секој момент ќе им биде достапна на учениците, покрај печатените учебници кои и натаму ќе ги добиваат во училиштата“, рече Шаќири на промоцијата.
Дигитализираните интерактивни учебници ги изработи издавачката куќа „Тримакс“, избрана преку постапка за јавна набавка.