Интервју со Стефан Кувенџиев, декан на Технолошко-Металуршкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Технолошко-Металуршки факултет оваа година слави 65 години од своето основање. Сублимирано, што ги одбележа овие речиси седум децении?
Технолошко-металуршкиот факултет е основан од Народното собрание на Народна Република Македонија на 19 јуни 1959 година и годинава прославува 65 години од своето основање. Од основањето до денес, Факултетот е круцијален сегмент во едукацијата и профилирањето на компетентни кадри во сите три циклуси на образование за потребите на производствените капацитети и целокупниот стопански развој. ТМФ е директен учесник во индустријализацијата и економскиот развој на Македонија. Во голем број фабрики од металуршката, хемиската, прехранбената и текстилната индустрија, технолошките процеси се имплементирани, а добар дел и раководени од професорскиот кадар и кадарот што произлегол од ТМФ. Како и во изминатите речиси седум децении, Факултетот и понатаму континуирано ги следи и имплементира современите трендови на наставно-образовната, научноистражувачката и апликативната дејност. Технолошко-металуршкиот факултет претставува моторна сила и сериозен и сигурен партнер на индустријата и стопанството, но и непресушен извор на висококвалитетни и меѓународно-афирмирани академски работници.
По што е препознатлив ТМФ како факултет и по што се разликува од другите?
ТМФ е единствениот факултет во Македонија каде се изучуваат сите технолошки процеси неопходни за производните индустриски капацитети. Тука се профилираат инженери технолози и металурзи за потребите на индустријата и се трасира патот на технолошкиот развој во рамки на хемиското и контролно инженерство, неорганското инженерство и заштитата на животната средина, прехранбеното инженерство и биотехнологијата, полимерното инженерство, преработувачката и екстрактивна металургија, текстилното инженерство, како и инженерството на материјали и нанотехнологии. Токму наставно-образовната дејност во наведените области, како и богатото научноистражувачко портфолио на наставно-научниот кадар, се квалитетите кои ја дефинираат препознатливоста на Факултетот во академскиот простор на локално и регионално ниво.
Ја споменавте индустријата како ваш значаен партнер за кој создавате стручен високо-образовен кадар. Но, како индустријата возвраќа во создавањето технолози и металурзи?
Врската меѓу ТМФ и индустријата, која постои уште од самиот почеток, е нераскинлива. Индустријата е нашиот најважен партнер, како од аспект на наставно-образовниот, така и од аспект на научноистражувачкиот сегмент на нашето делување. Во таа насока, ТМФ има континуирана, повеќегодишна плодна соработка со повеќе од 30 индустриско-производни капацитети и компании, кои имаат мнозинско учество во финансиските параметри на македонската економија. Оваа соработка се темели на стипендирање на студентите од сите три циклуси на студии, континуирана реализација на летна пракса, реализација на клиничка и теренска настава коменторирана од предметните наставници и водечките инженери на компаниите, воедно и наши поранешни студенти. Дополнително, македонските компании и индустриски капацитети покажуваат несмален интерес за соработка со нас во делот на истражувањето и развојот за потребите на самите капацитети и заедничко учество на национални и меѓународни проекти.
Организирате натпревар за средни училишта за изработка на проекти во сферата на разните видови материјали. Искуствено, каков е интересот на професорите и на учениците и кој е процесот до неговото финализирање?
Заради промовирање на инженерството, заради доближување на студиските програми кои се изучуваат на ТМФ, а и новите трендови во науката, до средношколците, Факултетот почна со организација на натпревар за наноматеријали во 2012 година. Оваа година се рестартира организацијата на Натпреварот за средните училишта НАНОМАТЕРИЈАЛИ – МАТЕРИЈАЛИ НА ИДНИНАТА. Тоа е натпревар на тимови од средношколци со изработка и презентација на проекти од областите: наноматеријали, паметни материјали, хибридни материјали, метални материјали, керамички материјали, полимерни материјали, текстилни материјали, биоматеријали, биоразградливи материјали, композитни материјали, рециклирачки материјали. Поради реалните ограничувања во време на пандемијата со корона вирусот, натпреварот не се организираше во последните години, но оваа година ќе биде продолжена долгогодишната традиција. Покрај значителните награди за победничките тимови од регионалните и државниот натпревар, тимовите и нивните ментори ќе добијат и сертификат за учество, а за најдобрите ќе бидат обезбедени значителни поволности за упис на ТМФ.
Како да го модернизираме процесот на креирање квалитетен високо-профилиран кадар потребен за индустријата? На кој начин ги следите трендовите и потребите за кадар за во индустријата?
Факултетот е во секојдневна комуникација со индустријата во Македонија, како и со сите нови странски производни компании од областите што ги покрива. Во соработка со сродните факултети од инженерската фела, УКИМ, МОН, а паралелно и со сродните факултети од регионот и Европа, ТМФ континуирано ги следи современите трендови на наставно-образовниот процес и ја развива и модифицира методологијата за нивна имплементација во сите три циклуси на студии. Индустрискиот сектор во светски рамки и кај нас, се развива со забрзано темпо. Оттука, ТМФ е директно повикан да обезбеди соодветно профилирани инженери технолози и металурзи, како и стручни оператори кои би одговориле на ваквите потреби. Факултетот, при секоја реакредитација на студиските програми, редовно ги имплементира новите научни и технолошки достигнувања. Дополнително, во соработка со водечките компании, ТМФ во моментот работи на акредитација на стручни двегодишни студии за продукција на соодветно профилирани кадри – специјалисти /оператори во различните индустриски сектори, подготвени за брзо вклучување на пазарот на труд.