Љупка Вртева е носител на престижната титула „Инженер на 2023 година“. По завршување на средното образование во Македонија, Љупка Вртева дошла во Словенија, каде што ги завршила додипломските и магистерските студии на Машинскиот факултет на Универзитетот во Љубљана. Во 2019 година ја завршила и меѓународната програма за обука Европски енергетски менаџер – EUREM на Институтот Јожеф Стефан. Таа разви уникатна компјутерска програма во областа на механичката вентилација на зградата, а сега се занимава со дизајнирање на ефикасни енергетски системи. Вработена е во “Петрол“ како развоен инженер во областа на греење, вентилација и ладење на згради и проект менаџер за соларна централа.
Иновативност имаше ексклуцивна можност да разговара со Љупка Вртева.
Новинар – Верица Јорданова
Фото – Андреј Криж
Македонската јавност Ве запозна како носител на престижната награда „Инженерка на годината“ за 2023 година. На што се должи оваа престижна награда?
Словенија препозна потенцијал кај мене уште на самиот почеток од моето доаѓање. Бев одлично прифатена и добив можност таа моја нескротена желба за остварување, да ја надградувам секојдневно во студентските денови на Машинскиот факултет во Љубљана. По завршување на студиите се вклучив во системот како инженерка со сите знаења стекнати во текот на школувањето. Едноставно бев подготвена за нови предизвици.
Во текот на професионалната работа, моите претпоставени ми дадоа можност да го имплементирам моето СЕ во процесот. Инженерската професија не се состои само од техничко знаење. Инженерската професија е исклучително комплексна. Не можеш да бидеш инженер, а да ги немаш основните компоненти во себе како што се етика и морал.
Врз основа на таквите квалитети добив можност да бидам во контакт со младите кои се во процес на одлучување за упис на факултет по завршување на средното училиште. Мојот минат труд, преданост и посветеност на работата, како и начинот на кој го пренесувам моето знаење на новите генерации, резултираше со титулата „Инженерка на годината”.
Како и кога Вртева отиде во Словенија? Што беше професионалниот мотив да заминете од Струмица
Ја напуштив Македонија веднаш по завршување на средното училиште во гимназијата во Струмица, во 2011 година. Толку силно сакав да отидам далеку, што дури не чекав ниту да ја подигнам дипломата и да поминам уште едно лето во Струмица. Има многу мали и големи причини. Би се фокусирала само на една – во третата година во гимназијата во Струмица, самоиницијативно одлучив да полагам комисиски испит по предметот физика, бидејќи не бев задоволна од начинот на оценување од страна на професорката, односно бев жедна за правдина.
Врз основа на сите овие настани во средното училиште, делувањето на образовниот и општествениот систем воопшто во тоа време во Македонија, кај мене предизвикаа интензивно да размислувам дека мојот пат мора да го одам надвор од Македонија. Секојдневно зрееше желбата да продолжам со студиите надвор од Македонија. Во тоа време (2011 година), Словенија беше држава која со задоволство ги примаше децата кои сакаат да остават нешто зад себе, да стекнат знаење и да бидат праведно оценети и почитувани. По завршување на 4-та година, се спакував и заминав во Словенија.
Што за Вас значи титулата „Инженерка на годината“? Како да ги мотивираме младите идни средношколци и студенти да ги изучуваат техничките науки?
Во прв ред, за мене ова претставува можност, мојата приказна за различноста да има уште поголем ефект. Со ова признание добивам можност не само девојките, туку и сите млади луѓе дополнително да ги мотивирам, да се охрабрат, да бидат истрајни, да веруваат дека со свој труд можат да постигнат голем успех. Од друга страна, овaа титула за мене претставува признание за мојата работа и посветеност во областа на инженерството. Особено ме радува фактот што Словенија тоа кај мене го препозна и знае како да ме награди. Од срце посакувам младите да бидат свои, да бидат поразлични, да веруваат дека знаењето е најмоќно оружје на светот и дека само знаењето никој не може да им го одземе и присвои. Знаењето не се купува со пари, туку се стекнува. Постојат општества и држави каде трудот и знаењата се ценети и вреднувани, заради тоа им посакувам: Бидете истрајни, бидете свои, учете и светот ќе биде ваш!
Целиот натпревар се организира под слоганот „Од невидливост до инспирација“. Што, всушност, претставува овој слоган и како, практично, го живеете вашиот инженерски сон?
Овој слоган значи дека меѓу нас има многу девојки кои, можеби, заради одредени стереотипи општеството ги потиска и не се забележани, иако имаат голем потенцијал и се добри, успешни и се вистинските за инженерска професија. Организаторите во Словенија интензивно работат да ги идентификуваат 10 најсоодветни жени секоја година, кои можат да бидат пример не само за жените, туку за сите млади луѓе. Кога би зборувала за Македонија, би била попрецизна што би преставувал тој слоган. Би кажала дека тоа се девојки засенети од сјајот и бедата на една група луѓе во системот, луѓе кои трајно ги избришале основните начела за раст и развој со свој труд, посветеност, етика и морал.
Соработувате ли со колеги – инженери или институции од Македонија?
Со работата и сите видови активности на професионално поле, сите години наназад сум фокусирана единствено на Словенија. По пристигнувањето, ги изгубив контакти со Македонија. Никогаш не постоеше интерес за соработка, веројатно на обострана желба.
Кои се вашите професионални планови, каде го гледате развојот на вашата кариера?
Уште пред добивање на признанието имам планирани активности во поглед на професионален план. Во тек е активно учење и студирање на градиво потребно во процесот за стекнување на државна лиценца со назив машински проектант. Исто така, сакам да ја надоградам својата компјутерска програма за потребите на механичката вентилација на објекти, која сè уште е единствена програма од таков вид на пазарот. Сметам дека пред мене престои многу динамичен период, каде мора да го оправдам престижното признание Инжинерка на годината, да мотивирам што е можно повеќе млади, да покажам дека инженерската професија е мисија која ги поврзува најдлабоките чувства кај сите луѓе и нуди можност секој ден да го следат својот внатрешен компас.