Миле Шошевски разви иновативна машина за поставување подземни инсталации без раскопање на улици!

- Advertisement -

Поставувањето подземни инсталации е предизвик за секоја урбана средина. Потребата од ископи преку сообраќајници, плоштади, тротоари или зелени површини речиси секогаш предизвикува негодување кај граѓаните и попречување на нормалното движење и одвивање на сообраќајот.

Решение токму за овој проблем нуди Миле Шошевски и неговата компанија „Дрилтек системи“ која развива машина што ќе работи на принципот на хоризонтално подземно дупчење, како решение за урбани инсталации во радиус од пет до десет километри. Специјално за Иновативност тој информира дека машината веќе е патентирана, а во моментов се работи на нејзино унапредување во конечен производ и организација на нејзиното производство.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Миле, вашата компанија Дрилтек системи нуди иновативно решение за извршување на урбани подземни инсталации. Објаснете ни подетално за што се работи?

- Advertisement -

Урбаниот развој со себе носи големи предизвици, особено кога станува збор за инфраструктурни инсталации. Тоа се инсталации кои најчесто се под земја, а доминантен метод на нивно поставување и сервисирање е со методот на ископ на ровови во кои се поставува инсталацијата.  Овој метод, освен што е економски најдоминантен со себе носи доста негативности, како што се демолирање, застои, блокади, скриени трошоци и други последователни негативни социо-економски влијанија.

Секако, индустријата има развиено и друг приод за надминување на тие проблеми и е позната како постапка на хоризонтално подземно дупчење или попознато како NO-DIG (претходно Trenchless) индустрија. Тоа е добро развиена индустрија, но поради економската конкурентност на класичниот ископ, за некои сегменти на инсталации, хоризонталното дупчење е само алтернативен начин, дури и ретко употреблив. Дрилтек Системи нуди решение во делот на урбани инсталации кон краен корисник, или поедноставено инсталации во радиус од 5 до 10 километри каде што живеете, каде е вашиот бизнис и каде во моментот се наоѓате. Тоа се најчесто микро, мали и средни инсталации, како на пример оптика, водовод, струја, гас итн. Ова решение планираме да биде достојна конкуренција на класичниот ископ, со тоа што ќе ги надминува моменталните лимити на тековните решенија за хоризонтално дупчење.

- Advertisement -

Како го постигнуваме тоа? Со нов приод во управување и навигацијата на машината, што обезбедува компактност, брзина и прецизност, бараните карактеристики за економска конкурентност. Но од друга страна, мехатрониката што ја развивме, ни отвори простор да одиме чекор понатаму покрај автоматизираност, да развиваме и автономност на машината. Машината исто така е и мобилна со можност сама да направи мала работна јама од каде што ќе дупчи и мести инсталации. Така добивме решение кое не е само брзо туку и ефективно, со можност да креира мрежа од работни јами-шахти конектирани со хоризонтална дупнатини во кои е поставена инсталацијата. Секако автономноста оди во прилог кон полесно користење. Поточно не мора да се бара специјализиран кадар за да управува со машината. Манипулаторот само го следи корисничкиот интерфејс, се друго е на автоматиката.

Што ве инспирираше да креирате ваков тип на решение?

Лично, веќе подолг период сум инволвиран во областа на хоризонтално подземно дупчење. Со нашиот технички партнер, Геосонд имаме развиено и произведено три машини со кои настапуваме на пазарот со нудење услуги. Токму поради присутноста на пазарот, следењето на глобалните технологии и достигнувања, Дрилтек Системи најпрвин го увиде пазарниот јаз поради техничките ограничувања на машините за дупчење, како и потребата од дигитализација на индустријата. Да, секако веќе има развиена индустрија и автоматика, но концепти кои последните три декади само се подобрувани, но без значајни промени. Особено голем предизвик кога се бара компактност со техничка и деловна ефикасност, се урбаните средини. На тој начин потребата за решение некако сама се наметна. Но да стигнеме до тука ни беа потребни неколку години напорна работа и важен елемент беше тимот. Токму тимот, поточно различните експертизи ни помогнаа да развиеме конкретно решение.

Во која фаза е развојот на проектот?

Во последните две години успеавме да ги развиеме сите битни елементи и фази од замисленото решение. Почетокот ни беше поддржан од ФИТР со повикот Стартапувај 3, со што ни се олеснија некои фази од развојот. Почнувајќи од лабораториски тестирања за доказ на концепт до демонстрација на работа на терен, како доказ за функционирање. Во моментот имаме верзија на работен прототип кој го планираме за презентација пред инвеститори за излез на глобален пазар. Базирано на тоа решението е патентирано и понатака следи унапредување во конечен производ и организација на производство. Паралелно со тоа, како дел од креирање на успешна приказна, планираме на националниот пазар и да понудиме услуги, особено со оптика, електрични кабли и за потребите на терцијарна мрежа на гас.

Како функционира вашата автоматска машина и какви се инсталации можат да се поставуваат со неа?

Машината, ако се поедностави објаснувањето, е класична дупчалка. Разликата е во тоа што има во себе системи со кои се обезбедува сама да функционира, поточно манипулаторот само задава параметри (правец, насока, длабина. итн.) и потоа преку визир го следи процесот на дупчење од горе, над работната јама/шахта. При употреба може да гледаме две сценарија, првото кога треба еднократно да се направи кратка дупнатина, на пример премин на инсталација под улица без да се исече истата.

Второто сценарио е тоа што ние го нарековме брзо поставување на подземна инсталација. Тоа е случај кога краен корисник е на поголемо растојание од најблиската конекција, на пример 300 метри. Тогаш, машината на секои 20 до 50 метри има изработено работни јами од кои се изведува дупчењето кон наредната јама, добивајќи поставена подземна инсталација во линија или во полигон.

За споредба истиот пример,  моментално нај користениот метод е со изработка на ров со сечење и кршење во должина од тие барани 300 метри.

Додадената вредност е ефективноста на машината преку автоматизираниот начин на работа, со што таа должина би ја изработила за неколку часа. Решението, во моментов е наменето за микро, мали и делумно средни димензии на инсталации или како што напомнав претходно оптика, кабли за струја, водовод, гас и сл

Кои се предностите од користењето на оваа автоматска машина?

Со описот како функционира, практично се дефинираат сите предности на машината. Сумирано, тоа би било намалување на демолирањето на урбаната средина со поставувањето на подземни инсталации, преку економско конкурентен начин на работа, како за постојните дупчалки така и за  методата на копање ровови. A, пред се, подобрување на ефикасноста, намалување на трошоците и скратување на времето на имплементација на фирмите кои што ги поставуваат подземните инсталации. Исто така целиот концепт има и позитивно влијание на околината од еколошки и социо-економски аспект.

Колку компаниите се заинтересирани за овој иновативен начин на поставување на инсталации?

Имајќи ја предвид ригидноста на индустријата, нашето искуство кажува дека најголем интерес пројавуваат сопствениците на подземни инсталации, како на пример телекомуникациските компании. Бидејќи со нашата машина и целокупниот концепт што го нудиме им овозможува побрза имплементација на подземни инсталации, се општествено поодговорни бидејќи ги намалуваат ризиците за оштетување на околината и другите инсталации и целокупно ги намалуваат трошоците бидејќи нашето решение автоматизира дел од процесите при поставување на подземни инсталации. Од друга страна самиот  технолошки развој наметнува подобрување на сите постоечки процеси во било која сфера од бизнисот. Кога на тоа би го додале и поривот на сите наши клиенти да ги намалат или отстранат своите работни предизвици и пред се да ги намалат своите трошоци, заинтересираноста за овој начин на поставување на инсталации е голема.

Дали хоризонталното дупчење се применува кај нас и за какви инсталации?

Како метод, хоризонтално дупчење се применува во Македонија, но се уште далеку од нивото на кое треба да биде. А, кога станува збор за нашиот приод, иако има интерес се уште не сме излегле со услуги, но секако планираме набрзо да настапиме. Засега преодот од прототип во конечен производ е есенцијално за нашите планови за глобален пазар.

Какви се вашите планови за во иднина?

Бидејќи веќе имаме заинтересирани страни од неколку држави, некои чекори ги правиме побрзо од другите. Но сепак, за сериозен настап, не само на домашен туку и на интернационален пазар се бара сериозен пристап, особено кога станува збор за организирање на производ и производство. Нешто што бара како временски, така и финансиски ресурси. Во таа насока би рекол дека приоритет пред се ни е барање на техничко деловен партнер, кој нема само да инвестира за развој туку и ќе излезе во пресрет со настап на пазар. Од аспект на истражување и развој, искуствата до сега ни даваат насоки за уште два нови патенти, но чекор по чекор.

Сподели!
- Advertisement -