OpenAI и Фејсбук ќе ги обележуваат сликите генерирани со вештачка интелигенција

- Advertisement -

Како што сликите генерирани со помош на вештачка интелигенција (ВИ) стануваат сè пореалистични, така излегуваат сè повеќе прашања околу регулирањето на истите. Имено, компаниите OpenAI и Мета, сопственикот на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, најавија дека ќе започнат со обележување на сликите кои се генерирани со вештачка интелигенција.

OpenAI, познати по четботот ChatGPT и генераторот на слики DALL-Е, најави дека ќе стави т.н. воден жиг на сликите генерирани со софтверот DALL-Е. Во горниот-лев ќош на сликата ќе пишува дека таа е генерирана од софтверот на компанијата, а во метаподатоците на фотографиите ќе може да се види точно кој процес се користел за генерирањето на сликата.

- Advertisement -

Истовремено, Мета најави дека ќе имплементира построги механизми на своите социјални мрежи за обележување на сликите генерирани од софтвер кој користи вештачка интелигенција. Ознаките ќе важат за слики генерирани од програмите на компаниите Google, Microsoft, OpenAI, Adobe, Midjourney и Shutterstock, откако истите ќе почнат да вклучуваат водни жигови. Сликите создадени со сопствените алатки за вештачка интелигенција на Мета веќе се означени како „замислени со вештачка интелигенција“ на нивните социјални мрежи.

Од големите социјални мрежи, засега Тикток и Јутјуб бараат од корисниците да обележуваат видеа кои се генерирани со помош на вештачка интелигенција.

- Advertisement -

Сликите генерирани со вештачка интелигенција можат да предизвикаат забуна, особено кога ќе станат популарни по социјалните мрежи. Изминатата година, на пример, по социјалните мрежи циркулираше слика од Папата Франциск како носи пафер јакна. Позагрижувачки пример беше ширењето на фотографиите кои прикажуваа како наводно се апси поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Последиците од политичко манипулирани содржини кои се генерирани од вештачка интелигенција веќе се видливи и се од особена важност оваа година, во која следат избори во многу држави низ светот.

- Advertisement -

Неодамнешен пример за политичко манипулативна содржина може да се најде во лажираниот разговор меѓу новинарка и Михаел Шимечка, прогресивниот лидер на опозицијата во Словачка, неполни два дена пред изборите, за време на предизборниот молк. Во разговорот може да се чуе како опозицискиот кандидат наводно вели дека ќе откупел гласови од ромски гласачи. Владејачката партија победи на овие избори.

Засега, Мета планира да воведе систем обележување на генерираните содржини само за слики, велејќи дека не е доволно адекватна технологијата за проверување и обележување на видеа и аудио содржини. Но, како што може да се види од примерот во Словачка, манипулативните содржини се далеку од ограничени само на слики, што укажува на потребата на понатамошно развивање на мерките за обележување на ВИ содржини.

Извор – Мета

Сподели!
- Advertisement -