Дури 46,5 проценти од учениците или биле жртви на кибер булинг, или биле сведоци на истото, а 70,7 отсто сметаат дека свеста во општеството и нивната средина во врска со сајбер насилството е ниска и просечна. Позитивен е фактот дека 72 проценти од учениците се изјасниле дека би побарале помош од стручна служба, класен раководител или од самите родители.
Ова се дел од податоците од документот за политики – Водич кој ќе биде презентиран на денешниот настан „Сајбер безбедност за младите: Унапредување на свеста и знаењата на младите и наставниците против сајбер насилството“ во организација на Аналитика тинк-тенк.
На настанот, според организаторите, ќе се обратат министерот за образование и наука Јетон Шаќири и заменикот на Мисијата на Канада, Дејвид Морган.
Ќе се одржи и мултимедијална театарска претстава за кибер насилство подготвена од учениците и наставниците кои учествуваат во проектот, којшто е поддржан од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Северна Македонија.
Документот е базиран на истражување врз примерок од 500 ученици, со цел да се идентификуваат знаењата за кибер нападите и кибер криминалот, како и тоа колку младите знаат и ги применуваат методите за заштита во кибер просторот што го користат.
Анализата покажува дека само 14 проценти од испитаниците присуствувале на работилници наменети за безбедно користење на сајбер просторот, додека, останатите се изјасниле дека во нивните училишта не се одржуваат вакви работилници или дека не се информирани за тоа, а 62.2 отсто од нив сметаат дека е многу важно постоењето на неформални врснички клубови во нивните училишта преку кои ќе се врши едукација за сајбер безбедност со цел подобрување на училишната клима и справување со насилството.
Позитивен е фактот дека 72 проценти од учениците се изјасниле дека би побарале помош од стручна служба, класен раководител или од самите родители.
Фото- The Blue Diamond Gallery