Димитар, Харитина и Мартин градат болид со кој ќе се натпреваруваат на натпреварот „Формула Студент“ на Мате Римац

- Advertisement -

Млади и инспиративни момци и девојки се дел од студентскиот тим што го гради првиот тркачки болид со кој ќе настапат на настанот Формула Студент, заедно со свои врсници од целиот свет. Тоа се студенти, кои не се дојдени на факултет само да го научат она што ќе им се сервира или што мора за да добијат преодна оценка, туку сакаат да се докажат и да се испробаат надвор од конфорната зона.

Иновативност разговараше со тројца од нив, Димитар Алжуроски и Харитина Сакова, студенти на Машинскиот факултет и Мартин Миланоски, студент на ФЕИТ. Тие велат дека во изминатите месеци, не само што научиле многу за инженерските работи, туку и за себе, за комуникацијата со другите, за барањето спонзорство, за административните процедури…

- Advertisement -

Во нивниот тим се и Ивана Здравковска, Паола Укајдари, Кристина Трајкова, Стефанија Лазаровска, Ненад Раденковиќ, Стефан Стојанов, Никола Талевски, Марко Вуковиќ, Масимо Тасевски, Леонид Георгиевски, Јован Колевски, Георги Камчевски, Емилија Чешмеџиевска,Теодора Ѓеорѓиевска и Златко Трајановски.

Овие млади луѓе велат дека би биле среќни да имаат можност својот професионален развој да го продолжат во земјава и апелираат и институциите и компаниите да размислуваат како да ги задржат.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Кажете ми подетално кои се MES Racing?

- Advertisement -

Димитар: MES Racing е студентски тим кој го оформивме со Харитина и уште неколку студенти кои се дел од тимот, но и некои кои веќе заминаа во 2022 година. На почетокот бевме доста неискусни за прашањата како да менаџираме и да работиме на ваков тип на проект, па може да кажеме дека работата на студентскиот болид ја започнавме од февруари 2023 година. На почетокот сите бевме студенти од техничките факултети, но сега имаме колеги и од Економскиот и од други факултети. Во моментов, тимот на MES Racing брои 18 членови.

Харитина: Идејата која стои зад формирањето на тимот е изработка на студенсткиот болид и учество на натпреварот Формула Студент со него. Вакви студентски натпревари има повеќе, се одржуваат во различни држави. Може да се аплицира секоја година, но болидот мора да е различен.

Што ве инспирираше да се поврзете и да креирате болид и зошто токму тркачко возило, а не нешто друго?

Димитар: За натпреварот знаеме веќе неколку години, но на почетокот студиите се одвиваа онлајн и не се познававме меѓу себе. Идејата дојде подоцна, кога се запознавме. Јас лично сакам автомобили и трки, и тоа беше дел од инспирацијата, но исто така сакавме да работиме практично, на некој проект. Знаеме дека на нашите факултети нема практична работа колку што ние би сакале да има, и таа што ја добиваме е под надзор и имаме многу малку простор да згрешиме и да научиме од нашите грешки. Заради тоа си рековме дека самите ќе се ангажираме и така почнавме.

Мартин: Сега, на нашата идеја се надоврзуваат повеќе факултети и проектот се работи на ниво на УКИМ, како што предвидува и регулативата на „Формула Студент“. Освен колегите од Економскиот факултет, би сакале да ни се придружат и од други факултети, бидејќи ќе имаме потреба од некој што ќе работи на дизајн, на правни регулативи и други. Едноставно кажани ние симулираме еден Формула 1 тим, само составен од студенти. Болидот го градиме од нула, но ја работиме и целата логистика, како и менџментот на пари, ресурси и луѓе. При претставувањето во Хрватска ќе треба да презентираме како течел процесот на креирање на боилидот, како сме се снаоѓале во различни ситуации и какви решенија сме донеле.

Харитина: Како што Димитар е вљубен во тркањето, така јас сум во науката, што значи секој од нас може во овој проект да најде по нешто што го привлекува. Проектот е мултидисциплинарен, има сектори кои се целосно инженерски, некои се занаетчиски, но некои се повеќе комуникациски и општествени.

Опишете ни како треба да изгледа возилото, какви перформанси ќе има и од какви материјали ќе го направите?

Димитар: Болидот е скалирана Формула 1, поголем од картинг, помал од Формула. Брзината е важна, но не е најважна, бидејќи го возат студенти, а не професионални возачи. Организаторите на натпреварот го оценуваат пред се инженерскиот дел и која е нашата иновација и разлика од другите болиди. Целиме да биде направен од што полесни и лесно обработливи материјали, бидејќи кај нас е тешко да се најдат дел од материјалите, кои мора да ги нарачуваме од странство. Во нашата земја има капацитети кои произведуваат сериски делови за стандардни автомобили, а ние правиме уникат, заради што се соочуваме со доста проблеми. Немаме доволно искуство и ресурси за да направиме електрично возило, заради што во болидот ќе користиме стандардно гориво.

Харитина: Имаме планови, за неколку години откако ќе го усовршиме делот за внатрешно согорување, да изградиме тим кој ќе креира електричен болид. Во европските држави многу малку аплицираат со возила со внатрешно согорување.

Мартин: Планираме да ги насочуваме идните генерации како да продолжат и како да ги условршат работите кои ние нема да успееме. Тоа е процес што понатаму само ќе се развива и претпоставуваме дека за неколку години ќе почнеме со изградба на електричен болид, кој може да биде со вештачка интелигенција, што сам ќе се управува или класичен автомобил со возач. Секако, идеите ќе бидат условени и со промената на регулативите на Формула Студент, кои секоја година се различни.

Целта ви е да стигнете до Формула Студент, објаснете ни што е тоа и што ќе значи за вас претставувањето таму?

Мартин: Ние сме првиот тим од нашата држава кој сака да настапи на наков натпревар и да покаже дека, и ние како нашите колеги од другите земји, можеме да изработиме ваков проект. Целиме на натпреварот да бидеме барем на средина на листата. Надеж ни дава тоа што некои од судиите се навистина импресионирани од тоа што сме го создале досега, за толку кратко време. Натпреварот предвидува презентирање и на бизнис планот и на изработката на болидот.

Димитар: Мислам дека на техничкиот кампус ќе се зголеми бројот на студенти заради овој проект, бидејќи тоа слично се случуваше во Италија, каде што проектот е на повисоко ниво на развој. Секако, задоволство ни е и што ќе бидеме еден вид амбасадори на нашата држава и ќе се претставиме пред многу други земји.

Харитина: Натпреварот е спонзориран од Римац. Се случувало досега, студенти кои се покажале исклучителни на бизнис презентациите или другите делови од натпреварувањето, да добијат веднаш покана за вработување од светски компании. Тоа е голема можност за сите нас.

Што беше најголемиот предизвик досега во креирањето на болидот?

Харитина: Дефинитивно човечкиот фактор. Требаше многу да се докажуваме и да се убедуваме дека можеме да успееме. И со професорите и со компаниите од кои баравме поддршка. Секако, има компании кои многу ни помагаат и финансиски и со материјали, но има и големи компании кои не успеавме да ги убедиме да ни помогнат. Имаме предизвик и со колегите, студенти, да ги најдеме тие кои се мотивирани, кои ќе работат постојано со нас, ќе одвојат време и ќе дадат се од себе до крај во процесот. На почетокот може да речам дека многу розово гледавме, верувавме дека се можеме да постигнеме, но како одминува времето научивме дека не е баш така. Не се сите како нас, некому му треба да му се пренесе оптимизмот и ентузијазмот.

Димитар: Многумина и денеска се чудат како не се откажавме досега. Ни честиститаат за успехот. Решени сме да одиме во Хрватска, да научиме нешто и следната година да направиме подобар проект. Ние мислевме дека се можеме да направиме најдобро уште од првата верзија, но не е така. Ова е големо искуство. 

Мартин: На почетокот добивавме коментари од типот во оваа држава нема да успеете, не пробувајте, не се тудете, дури и од професори. Ние сепак докажавме дека не е така, дека можеме и тоа резултураше со квалификување на хрватскиот натпревар на Формула Студент, кој е во првите три за болиди со мотори со внатрешно согорување во Европа. Им докажавме дека грешат и дека ние можеме да направиме промена.

Што најмногу ви се допадна во досегашната работа на болидот, имаше ли аспекти што ве изненадија и што не ги очекувавте?

Димитар: Изненаден сум што на факултетот сретнав професори и асистенти кои имаат желба да помогнат, што не им е проблем да издвојат време и надвор од работните часови. Ме изненадија и компании кои ни дадоа своја опрема и не обучија како да ракуваме, иако немаа обврска да го направат тоа. Исто, изненаден сум колку многу научив досега. Не само во мојата струка, туку и како да им пристапувам на луѓето, како да разговарам, кога и како да им се обратам на спонзори…

Харитина: Кога почнавме со проектот очекувавме повеќе да научиме инженерство, но научивме и тоа, но и еден куп други вештини кои сигурно ќе ни се најдат во животот.

Вие сте студенти, идни инженери, што мислите какви услови за иновации и за развој на млади од вашите струки нуди земјава?

Харитина: Јас би сакала во иднина да продолжам со работа во развоен сектор, а не во типична компанија, што би значело да се фокусирам на иновации и развој. Во земјава за машински инженери нема таква можност. Се надевам дека вакви иницијативи ќе ги разбудат нашите компании и ќе им покажат дека и тука има луѓе што се научно способни и со самото тоа што ќе има колаборација меѓу компаниите и факултетите ќе се покачи и рангот на нашиот универзитет. Професори од други универзитети кои не посетија ни кажаа дека ние толку труд вложуваме заради недостатокот на ресурси со кои се соочуваме, што доколку одиме на некои од нивните универзитти ќе бидеме лидери.

Димитар: Нашите факултети воопшто не се слаби, ние тоа и го докажуваме со нашиот проект. Има добри професори и излегуваат способни кадри. Има капацитет, но нема лаборатории, нема финансиски можности и ресурси за да се докажеме.

Какви се вашите планови за во иднина?

Димитар: Мене од дете ми е сон да бидам конструктор на автомобили и се гледам во некој тркачки тим или компанија за возила. Се надевам дека овој проект ќе ми помогне да научам и да стигнам до некоја ваква компанија. Жал ми е што кај нас немаме таква.

Харитина: Јас од секогаш сум била насочена кон научниот дел, но морам да кажам дека сега ме интересира и практичниот дел со кој се докажуваат научните теории. За неколку години се надевам дека ќе бидам дел од некој институт за истражување и развој. Задоволна сум што учеството во Формула Студент отвора многу врати од вакви институции. Посакувам и кај нас да се отвори и да имаме шанса и дома да работиме. Можеби и јас кога ќе имам доволно искуство еден ден ќе отворам ваков институт кај нас.

Мартин: Во следната година сакам да завршам со овој проект и со други проекти за асистивни технологии во кои сум вклучен. За понатаму имам желби и соништа кои сакам да ги остварам, за електроинженери има доста опции во Формула или евентуално во некои центри каде што има развој на микропроцесорска индустрија. Генерално, сакам да работам на проекти кои помагаат на луѓе, да направам нешто што ќе биде корисно за човештвото. 

Сподели!
- Advertisement -