Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС го организираа меѓународниот симпозиум „Медиумската писменост во доба на вештачката интелигенција: Проширување на границите на возможното“ како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Настанот се организира со цел да поттикне дискусија за тоа како образованието за медиумска писменост треба да држи чекор со брзите општествени промени кои ги носи вештачката интелигенција.
Програмската координаторка на ИКС, Александра Теменугова, го отвори настанот и ги претстави целите на симпозиумот, да се истражи како општеството и медиумите се приспособуваат на технолошкиот напредок и вештачката интелигенција и да се размисли како да се интегрира вештачката интелигенција во наставата.
„Прашањата кои се наметнуваат се: Чии податоци се собираат, дали и кој ги собира податоците, дали се повредени нечии авторски права, дали овие поенти „произведени“ од разни технолошки лаборатории, мета податоци и алгоритми – е етички да се споделуваат со различни публики, како што сте вие денеска тука“ – рече Теменугова, откривајќи ги дилемите за кои се разговараше на конференцијата.
Во своето обраќање, директорката на канцеларијата за генерален развој на УСАИД Дон Кармин истакна дека се наоѓаме пред историска глобална транзиција и усвојување на нови технологии што ги трансформираат општествата. Ние во УСАИД сме подготвени да ги прифатиме промените, со максимално искористување на предностите, ублажувајќи ги ризиците. Не треба да се плашиме, само внимателно да ги применуваме новите технологии“ рече Кармин.
Јанис Компатсијарис, директор на Институтот за информатички технологии – CERTH и координатор на европскиот проект AI4Media, го истакна потенцијалот на вештачката интелигенција за подобрување на медиумската индустрија, но предупреди и од опасноста од неетичко користење на овие технолошки алатки.
„Иако звучи негативно, автоматското креирање на содржини може да им заштеди време на новинарите тие повеќе да се посветат на истражувачки теми. Има стотици статии кои се произведени на машини и со внимателна употреба можат да се добијат квалитетни содржини. Но има и негативности како што се дипфејковите и дезинформациите“, нагласи Компатсијарис.
Томас Гуритин, специјалист по разговорна вештачка интелигенција и „четботови“, ги нагласи опасностите од дезинформациите поттикнати од развојот на вештачката интелигенција и важноста на критичкото размислување со цел сузбивање на нивното штетно влијание.
„Првата негативност е што се генерираат се повеќе содржини и статии со дезинформации. Втората закана е лажното претставување на чет ботовите како експерти. Затоа, потребно е сè повеќе да се едуцира младата популација за вештачката интелигенција“ рече Гуритин.
Лидија Ел-Хури, програмски менаџер во Textgain и координаторка на Европската опсерваторија за омраза на интернет (EOOH), ја нагласи можноста за користење на вештачката интелигенција за конечно сузбивање на штетниот онлајн-говор.
„Вештачката интелигенција ни овозможува да направиме нешто добро и со помош на алгоритми да измериме колку е токсична атмосферата генерално на социјалните медиуми или кон одредени личности. Не мора да сте експерт за големи податоци но сите може да го видиме проблемот и врз основа на тоа да се креираат политиките рече Ел-Хури. Таа најави дека тонот на онлајн разговорите ќе се тестира и во Македонија во соработка со Институтот за комуникациски студии.
За време на симпозиумот беше одржана и работилница за млади водена од Гијс Ван Бик и Борис Ристовски, на која повеќе од 30 средношколци, студенти и други млади луѓе ги научија основите на вештачката интелигенција и како да ги користат алатките за вештачка интелигенција на одговорен и на коректен начин.