Алхемичарите отсекогаш сакале обичните и помалку вредни материјали да ги претворат во злато. Изгледа дека сега нешто слично им успеало на научници од швајцарскиот федерален институт за технологија ETH во Цирих. Имено, тие успеале да извлечат злато од електронски отпад користејќи само еден нуспроизвод на производството на сирење – сурутката. Тие својата метода ја претставија во студија објавена во списанието Advanced Materials.
Накратко, тие ги потопиле металните делови од 20 матични плочи во кисел раствор за да ги јонизираатматеријалите. А кога во течноста додале сунѓер направен од денатурирани протеини на сурутка, јоните на златото се залепиле за протеинските влакна.
Со загревање на сунѓерот јоните на златото биле претворени во снегулки, кои потоа научниците ги стопиле во злато. Така тие од 20 матични плочи добиле зрно од 0,45 грама, кое се состоело од 91% злато, што одговара на 22 карати, а остатокот бил бакар.
Тие велат дека овој процес е комерцијално исплатлив затоа што трошоциите за материјалите и за енергија се 50 пати помали од вредноста на добиеното злато. Швајцарските истражувачи сакаат овој принцип да го повторат со отпад од производство на микрочипови и процесот на позлатување и да видат дали можат протеинските влакна од сунѓерот да се направат од други нуспроизводи богати со протеини или од отпадоци од прехранбената индустрија.
(Bug.hr)
(фото: Pixabay)