Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст заедно со компании, понудувачи на дигитални и технолошки решенија, ја претстави новата Платформа за зголемување на продуктивноста кај производствените компании. Преку оваа Платформа приватниот сектор ќе има можност да имплементира различни дигитални и технолошки решенија во своите производствени процеси за да ја зголеми ефикасноста во работењето.

Целта на оваа платформа е да одговори на потребите на домашните компании за раст и развој, односно да се поддржат нивните инвестиции во дигитални и технолошки решенија со кои ќе се зголеми нивната продуктивност. Платформата ја сочинуваат компании кои нудат повеќе видови решенија кои се достапни на пазарот како: MES системи (системи за извршување во производство), системи за зголемување на ефикасност на опремата, АНДОН системи, решенија за дигитализација во земјоделството, дигитални решенија за енергетска ефикасност и други. Од друга страна, компаниите кои се заинтересирани за нивна имплементација во своите процеси ќе бидат поддржани од УСАИД (на база на кофинансирање) во набавката на овие решенија.

Оваа Платформа покрај улогата за зголемување на продуктивноста и растот на производниот сектор, преку соодветна промоција и B2B пристап ќе ги поврзе понудата на овие решенија со различните индустриски сектори. Со овој чекор ќе се олесни и забрза комуникацијата помеѓу двете страни и ќе им помогне на компаниите поедноставно да го изберат најоптималното решение за нив. Имено, оваа иницијатива ќе придонесе за развој и модернизација на приватниот сектор, а воедно и за раст на целокупната економска активност во земјата.