Во домаќинската куќа „Пирустија Неданоски“ во Охридско, со Наташа и Васко ќе научите да сукате и печете под сач

- Advertisement -

Наташа Неданоска со сопругот Васко и синовите Христијан и Петар, се лицето на домаќинската куќа Пирустија Неданоски од село Рамне, Охридско. Во неа се негува селскиот туризам, се готват локални специјалитети, а храната се одгледува во домашната бавча, засадена со автохтони македонски семиња. Гостите може да учествуваат во секојдневието на семејството Неданоски, од Наташа да научат да сукаат, да ги доживеат убавините на Галичица и да уживаат на чист воздух.

Наташа вели дека воопшто не е тешко да се спојат туризмот и националниот парк, бидејќи тие со задоволство живеат според правилата на природата. Таа сака да му одолееме на модернизмот и да ја зачуваме традицијата, а како свој придонес е подготвена да ги едуцира сите млади кои имаат желба да научат, а немаат од кого, на своите работилници „Учиме да сучиме“.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Наташа, „Пирустија Неданоски“ е место каде што можат да се доживеат различни искуства, поврзани со природата, храната, локалните традиции. Раскажете ни како започна оваа приказна?

- Advertisement -

Приказната започна кога ја наследивме старата семејна куќа која пополека почнавме да ја облагородуваме. Минувавме повеќе време во природа зашто за нас како родители ни беше важно така да ги растеме децата. Никогаш не чекавме „идеални“ услови за во нашиот двор да се собере друштво, да прославиме некој настан. Некако многу спонтано, со готвење на традиционалните јадења, објавување по социјалните медиуми, приклучување кон некои мрежи за развој на рурален туризам, започна нашата приказна.

Како се пронајдовте во промоцијата на алтернативниот туризам. Што ве инспирираше да го започнете ова патување?

- Advertisement -

Ние сме луѓе што сакаме да го искористиме максимум она што го имаме и што го поседуваме во нас. Паралелно се развиваа мотивите за облагородување на куќата и местото, лично за нас, за наше уживање и оние мотиви за уживање на гостинот, заедно со нас. Алтернативниот туризам треба да е спонтан и едноставен, да нуди мир и спокој, да биде природен и привлечен. Ние уживаме заедно со гостите т.е. уживаме овозможувајќи им тие да уживаат. Како селско домаќинство кај нас сè е реално и луѓето го доживуваат нашето секојдневие. Промоција на овој туризам по редот на нештата треба да е промоција на вистината за сите нас. Оттука, инспирацијата непоколебливо е целосен приказ на нашиот идентитет.

Пирустија Неданоски“ и вие лично сте препознатливи по специјалитетите од локалната кујна, но и по следењето на концептот на Слоу Фуд. Кажете ни што им подготвувате на гостите?

Оние гости кои се сместуваат кај нас ја имаат привилегијата да се разбудат со мирис на традиционална храна. Сакаме да им угодуваме, сакам да се почувствуваат посебно, да го започнат денот со топлина. Јадењата кои ги подготвуваме се дел од локалната кујна: клопарник, кошмишпите, бовчи, комат, мазник, преснец, питулици, ѓомлезе, тарана, губи, топењца… Сите сум ги научила од мајка ми и баба ми, како и од тетките и другите членови на фамилијата. Но, најважната работа која во мене тлее од најрана возраст е мирисот на тазе подготвена храна во сечиј дом. Неизбришливо е чувството на топло добредојде, будење со мирис на љубов, веселост при принесување на оброкот на масата како стожер за чување на семејството. Оттука, енергијата која сакам ја споделуваме со гостите е повеќе од кревет и храна.

„Слоу Фуд„ за нас е концепт кој е сè што сме ние: чиста, праведна и добра храна подготвена бавно, на традиционален начин. “Пирустија Неданоски“ е Слоу Фуд со секоја постапка, во секој чекор. Почнувајќи од сопствена фарма и градина, задржувајќи ги принципите на домашно подготвени производи како ајвар, слатко, мармалади, чаеви и ред разни зимници, па сè до чување на традицијата преку нејзино практикување и пренесување. Сметам дека сме вистински Слоу Фуд репрезент.  

Пирустијата и сачот се дел од нашата традиција. Колку е различно подготвувањето на храна со нив за разлика од модерниот начин на шпорет?

Сè што спомнав дека поготвуваме, ние тоа го правиме на многу стар архаичен начин, на пирустија и сач, со оган т.е. пепел и жар. За мене лично беше предизвик да се вратам неколку чекори наназад и сè што сум знаела да го подготвувам во електична фурна, сега да биде на традиционален начин. Контролирањето на огнот, маневрирање со сачот и лопатчето со кое го распоредуваме жарот се секако потешки физички активности кои освен тоа, бараат огромно внимание. Не е едноставно да се „подеси“ температурата за секое јадење, колку жар да се стави под тепсијата и на која висина за да се испече тестото или пак колку да се загрее сачот, за да пече одозгора. Но, резултатот е фантастичен уште од првиот залак затоа што имате чувство дека сте ја вкусиле слободата. 

Како изгледа еден ден во Пирустија Неданоски? Што сакаат најмногу вашите гости, дали да научат да приготвуваат некој од вашите специјалитети, да ја истражуваат природата или да уживаат во воздушната бања?

Секој гостин е посебен и затоа на сите гости им се посветуваме подеднакво. Нашиот принцип не е масовност, напротив, првозакажаните се и единствени гости. Им се посветуваме максимално, во зависнот од нивната замисла за престојот кај нас. Поголемиот син Христијан, кој е страстен љубител на природата, може да ги прошета до локалитетите Поник, Летница, Св.Атанасиј, а притоа да соберат печурки, шумски плодови и слично, зависно од периодот. Нашето село секако е воздушна бања со поглед на езеро, па оттука и природно луѓето најнапред ќе се изнадишат чист воздух и ќе се изнапијат природна изворска вода.

Моја страст е подготовка на месените специјалитети, особено што сакам гостите да го проследат целиот процес. Секако дека сум најсреќна кога изразуваат желба за нивно вклучување во дел од процесот, а јас со радост тоа им го пренесувам. Процесот на печење е специјалност на помалиот син Петар кој толку умешно го има совладано што едноставно сме спокојни кога тој е главнот пекач. Ние со Васко најнапред сме задоволни што нашите деца со љубов негуваат сè што создаваме, тие се директни учесници во секој процес од развивањето на оваа приказна.

Сместени сте во Националниот Парк „Галичица“. Како заштитата на природата може да се спои со туризмот?

Многу сме горди што сме дел од НП „Галичица“. Имаме одлична соработка со јавната установа, особено јас како наставник спроведувам низа работилници кои тие ги организираат, работам на себеедукација и се вклучуваме волонтерски во низа активности поттикнати од нивна страна.

Туризмот во заштитено подрачје е лесно и едноставно да се организира од причина што мора да ги следиме правилата на природата, а ние тоа го правиме со задоволство и леснотија. Оттука произлегува поголема едукација за ендемските видови флора и фауна, за изобилството на убавини кое ги нуди паркот, важноста на карстната основа на планината која е филтер меѓу двете езера, подигнување на еколошката свест, воодушевување за екосистемските услуги кои природата ни ги нуди. Кога човек станува свесен каде се наоѓа, кога ја знае вредноста на местото на кое делува, уште повеќе станува грижлив сето тоа да го зачува. Нашата грижа кон планината Галичица и сето знаење за неа со љубов и задоволство им го пренесуваме на љубопитните гости.  

Какви се вашите планови за во иднина?

Генерално, ние сè спремаме попатно, без големи очекувања од себе си и без големи планови кои ќе ни прават притисок. Напорно работиме на доопремување на останатите сместувачки капацитети, а во меѓувреме се снабдивме и со професионална опрема за подготовка на слатко и мармалади, сокови и компоти. Не брзаме во одлуките, спонтано се развиваме. Можеби би нагласила дека во иднина повеќе би се посветила и на едукација на нашите младинци од земјата на едукација за традицијата преку веќе познатите работилници „Учиме да сучиме“. Ете, ако нешто сакам да прерасне во бренд е вистинско пренесување на сè што знам на оние кои имаат желба, а немаат од кого да научат. Универзалните планови ни се да одолееме на модернизмот во служба на зачувување на традицијата. 

Сподели!
- Advertisement -