После околу 25.000 пробни верзии и три години, роботскиот систем на Универзитетот Бостон стигна до тридимензионална форма која апсорбира најголема можна количина на енергија кога се деформира. Изминатите три години во лабораторијата на Машинскиот факултет на Универзитетот Бостон се одвива интересен проект.
Автономниот роботски систем, составен од компјутер, роботска рака, 3Д печатач, преса, бројни сензори и камери, работи дење и ноќе на развојот на тридимензионална структура. Целта е да се најде идеалниот облик на структурата, која ќе апсорбира најголема можна количина на енергија кога ќе се деформира под притисок, односно ќе биде најефикасниот амортизер во светот.
За да ја достигне оваа цел роботскииот систем MAMA BEAR самостојно креираше дигитален дизајн на обликот, го испечати на 3D печатач, потоа го измери и го сними, а потоа на крај го стави на преса и го згмечи. Во текот на процес тој ја мери количината на апсорбирана енергија, го снима начинот на кој се деформира обликот и сето тоа го запишува во голема база на податоци, од која учи како да ја создаде следната, малку подобра 3Д форма.
Во својата работа од 2021 година до денес роботот на овој начин ги прави, крши и ги подобрува формите, создавајќи точно 25.387 пробни 3Д печатени амортизери во различни материјали и на крајот го доби најдобриот. Конечната форма на конструкцијата е цилиндрична, но комплицирана обвивка, која се карактеризира со 75% ефикасност во апсорпцијата на механичката енергија под притисок. Претходниот рекорд беше 71%.
Добиената форма не е нешто што истражувачите го очекуваа. Станува збор за структура во форма на цвет со четири ливчиња. Таа е повисока и потесна од претходно развиените слични структури, а истражувачите веруваат дека можат дополнително да ја подобрат.
Во списанието Nature Communications е објавен труд за целиот процес и за добивање максимална механичка ефикасност со тестирање во реални услови.
(Bug.hr)
(фото: YouTube)