Претседателката на Асоцијација за е-трговија на Македонија – АЕТМ, д-р Нина Ангеловска Станков и директорот на Агенција за пошти д-р Сретен Миладиноски, потпишаа Меморандум за соработка, преку кој двете страни заеднички ќе се залагаат и ќе придонесуваат кон намалување на сивата економија во е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи во Македонија.
Сивата економија во е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи (кои најчесто ги продаваат своите производи преку социјални медиуми) претставуваат нелојална конкуренција на регистрираните е-трговци кои што работат согласно законските прописи, се штетни за репутацијата на целиот сектор со е-трговија и влијаат на губењето на довербата на потрошувачите во онлајн купувањето поради несигурните производи и услуги што ги продаваат, неиздавањето на фискална сметка, како и неможноста секогаш да се остварат потрошувачките права за рефундација на средствата или замена за производите. Намалувањето на сивата економија во е-трговијата и на бројот на нерегистрираните онлајн продавачи се од клучно значење за обезбедување на здрав и одржлив екосистем за е-трговија.
АЕТМ во последните години преку најразлични активности, меѓу кои и потпишување на меморандуми за соработка со различни релевантни институции, активно придонесува кон намалување на сивата економија во е-трговијата и зголемувањето на дигиталната писменост на населението. Воедно, АЕТМ постојано се обидува да ги едуцира граѓаните да купуваат само од регистрирани е-трговци кои се достапни во бесплатниот Регистар на регистрирани е-трговци на кој што АЕТМ работеше изминатата година, а преку многу други активности ќе продолжи да го прави тоа и во иднина.
„Е-трговијата е комплексен екосистем кој го сочинуваат бројни страни кои треба да го дадат својот придонес за целокупен напредок на секторот. Давателите на поштенски услуги играат исклучително важна улога во тој синџир. Нивната услуга и квалитетот при обезбедувањето на услугите влијаат на целокупното задоволство на купувачот и успешното работење на е-продавачот. Во контекст на сивата економија нивната улога е исклучително важна од аспект и на детектирање на ‘нерегистрираните испраќачи’, односно тие имаат евиденција за податоците на испраќачот на пратката согласно насоките на Агенцијата за пошти. Има бројни предизвици кои заедно со Агенцијата за пошти сакаме да ги детектираме и ќе се стремиме да придонесеме за промени каде што се потребни и подобрувања во насока на развојот на е-трговијата и намалување на сивата економија во е-трговијата.“ – вели д-р Нина Ангеловска Станков
Агенцијата за пошти, пак, најавува зголемени проверки врз работењето на давателите на поштенски услуги во однос на пратките со откуп, односно за пратките за кои се плаќа во готово при нивно преземање (cash on delivery) и препораки за охрабрување на зголемено безготовинско плаќање (банкарски трансфер при пратки со откуп) со цел намалување на готовинските плаќања, како и вршење на увид за правилно пополнување на адресниците и подобрување на податоците кои се прибираат за пратките од е-трговијата, со цел подобрување на корисничкото искуство од онлајн пазарење.
„Агенцијата за пошти ја поздравува посветеноста на АЕТМ, и како и до сега ќе продолжи да презема активности и да ги реализира своите планови кои се во насока на спречување и намалување на сивата економија. Агенцијата е партнер на секоја институција која се бори против оваа појава. Наш приоритет е креирање, одржување и развој на амбиент кој овозможува обезбедување на сигурни, квалитетни и модерни поштенски услуги за сите корисници. “ – вели д-р Сретен Миладиноски, Директор на Агенција за пошти
Преку потпишувањето на овој Меморандум за соработка, АЕТМ и Агенцијата за пошти заеднички ќе работат креирајќи мерки и активности кои ќе помогнат во намалувањето на сивата економија, ќе се стремат кон развивање на способностите, дигиталната писменост на граѓаните и градење на капацитетен пазар на труд во секторот за е-трговија преку споделување релевантни информации од областа на е-трговија од заеднички интерес и споделување на тековни и нови искуства, релевантни за нивната област на дејствување.