Германија: На сила стапува новиот закон за државјанство

- Advertisement -

Во Германија од денеска (27 јуни) во сила е нов закон за државјанство. Странците сега можат побрзо да станат Германци и да го задржат пасошот на својата земја на потекло.

Kaко што јавува Дојче Веле, патот до добивање германски пасош сега е поедноставен. Новиот закон за државјанство во Германија се применува од денеска, 27 јуни 2024 година. Многумина од дванаесетте милиони странци во Германија сега може да аплицираат за германски пасош.

- Advertisement -

По пет години легален престој во Германија, странците можат да аплицираат за германско државјанство. Со „посебни постигнувања за интеграција“, тоа е можно дури и по три години. Имено, секој што може да покаже јазични вештини на високо ниво (Ц1, т.е. да може течно да се изразува), волонтерски ангажман или особено добри резултати на училиште или на работа, може побрзо да добие германски пасош. Досега, странците можеа да аплицираат за државјанство најрано после осум години.

Досегашните предуслови за стекнување државјанство остануваат на сила. Секој што сака да се натурализира и натаму мора да заработува доволно за живот. Во овој дел правилата се заоструваат, така што на лицата со ниски приходи во иднина ќе им биде потешко.

- Advertisement -

Новонатурализираните Германци треба да се заложат за заштита на еврејскиот живот, како и забрана за водење на агресивна војна. Секој што не го дели овој став, не треба да стане Германец.

На секој што лажел при натурализацијата може да му биде одземено германското државјанство во рок од десет години. Тоа веќе беше случај и досега.

- Advertisement -

Сега германскиот пасош може да го загуби и секој што не е сериозен во врска со својата посветеност на историската одговорност на Германија – на пример затоа што шири антисемитски пораки на омраза.

Новина е што секој што ќе стане Германец веќе не мора да се откаже од своето претходно државјанство. Тоа значи дека за сите мигранти е можно да имаат повеќе националности. Претходно ова беше предвидено само за луѓе од земјите на ЕУ.

На овој начин, германската влада сака да им излезе пресрет на луѓето кои се чувствуваат тесно врзани со својата земја на потекло.

Децата на странски родители добиваат германско државјанство доколку едниот родител законски престојувал во Германија повеќе од пет години. Претходно тоа беше можно само по осум години. Според студиите, колку порано децата со странски корени добиле германско државјанство, толку се поуспешни на училиште и на работа.

Но, новата регулатива не се применува ретроактивно. Тоа значи дека од ова ќе профитираат само децата родени по 27 јуни 2024 година.

(Дојче Веле)
Фото – JouWatch, CC BY-SA 2.0 https://creativecommons.org/licenses/by-sa/2.0, via Wikimedia Commons

Сподели!
- Advertisement -