Преку Ways2Help помогнавме да се платат 8 милиони сметки за струја и вода на над 300 социјално загрозени семејства!

- Advertisement -

Интервју со Моника Ризовска Таневска, кo-основач нa Ways2help, иновативна платформа за донации чиј што успех сумирано за пет години целосна волонтерска посветеност е: над 8 милиони денари донации во исплатени сметки за струја и вода на веќе и над 300 социјално загрозени семејства! Сите други детали и иднината на оваа платформа од прва рака од Моника

Новинар – Верица Јорданова

Како започна Ways2Help?

- Advertisement -

Како предходни долгогодишни волонтери во различни организации за подобрување на општеството, бевме свесни за предизвиците на организациите внатрешно како и на донаторите и компаниите. По направеното истражување решивме да креираме веб страна во која ќе ги вклучиме сите иницијативи, организации, компании и индивидуалци донатори. Одлучивме да го промениме донаторското искуство и да го направиме попривлечно, но и поедноставно.

Иако тимот за време на натпреварот не се имаше запознаено и видено во живо, мотивот и целосната вложеност предизвика атмосфера во која сите се чувствувавме како веќе подолг период да работиме заедно. Гледајќи наназад како да заборавивме дека станува збор за натправар, фокусот го ставивме на решението на предизвикот и промената што можевме да ја направиме. И покрај тоа што настанот се случуваше во виртуелна средина ја чувствувавме поддршката и заинтересираноста за нашата идеја и тоа ни овозможи да бидеме упорни во реализацијата тогаш а и до ден денеска сè уште.

- Advertisement -

Ways2Help денес е платформа која ги поврзува организациите, компаниите и индивидуалните донатори со цел да се помогне на социјално загрозени семејства, деца без родители и деца на самохрани мајки. Покрај можностите за онлајн донирање, платформата нуди и опции за редовно плаќање на режиски сметки за струја и вода, донации на училишен прибор, храна и санитарни производи.

– На почетокот, зад ова решение првично стоеше тим од петмина луѓе, додека денес имаме и над 3000 волонтери низ цела Македонија кои своеволно ни се приклучија и со сето срце сакаат да помогнат и да се вклучат во акциите.

- Advertisement -

Со секоја акција се зголеми потребата од ажурирање, проверка и развој и доусовршување на секоја функционалност. Секој член од тимот си има своја функција и свој тим, а меѓусебно се заменуваме по потреба. Имаме голема поддршка и од нашите организации соработници кои неминовно ги гледаме и како дел од тимот.

Визијата на Ways2help е активно и здружено да се решат сите локални и глобални предизвици

– Она што секојдневно нè мотивира, е чувството дека слободното време го посветуваме на нешто кое предизвикува неизмерна среќа и исполнетост кај донаторот, но и враќа желба за живот и претставува светла точка во тунелот за социјално загрозените семејства и индивидуи. Дополнително, желбата да обезбедиме еден транспарентен процес на донирање за донаторите и дека ќе успееме да овозможиме повеќе начини да се помогне преку дигитални решенија и поддршка на организациите.

Семејствата кои се дел од акцијата Ways2help #ПлатиСметка се избрани според нивните месечни примања, работоспособност на членовите во семејството како и нивната здравствена состојба при што се гледа нивната финансиска можност да ги покријат своите трошоци на месечно ниво како и дали припаѓаат во категоријата на социјално загрозени семејства.

– За нас беше навистина битно секоја донација да оди во правите раце и сето тоа да е транспарентно. Со цел да се осигураме дека оваа акција ќе биде од помош на оние на кои им е навистина најпотребна, започнавме соработка со организација која секојдневно нè известува и гарантира за веродостојноста на сите семејства на кои досега активно помогнавме со „Плати сметка“ но и со донација на храна, лаптопи, облека и училишен прибор. Благодарни сме и задоволни сме од досегашната соработка со нашите соработници – Вистински Дела на љубезност, без кои оваа акција немаше да биде волку успешна.

Донаторите, иако лично не ги знаат семејствата тие сепак се запознаени со нивната приказна, на страната Плати Сметка, до наведеното семејство е испишана и нивната приказна – кратко објаснување за нивната моментална ситуација и причината за потреба на помош. На овој начин, секој што сака да помогне може да се запознае индиректно со семејството на кое директно значајно допринесува.

Кому е наменета оваа плафтформа?

Ways2Help е платформа посветена за помагање на загрозени семејства кои не се во можност да ги платат своите сметки. Ways2Help има мисија да донесе надеж на оние кои им е најпотребна, на едноставен начин со исплата на сметки за струја или вода на голем број социјално загрозени семејства и деца.

Во извонредна демонстрација на поддршка за заедницата и хуманитарна посветеност, Ways2Help иницијативата за помош на социјално загрозени семејства, стигна до донации и од над 8,000,000 денари за сметки за електрична енергија и вода за да помогне на семејства и деца во потреба низ целата наша земја Оваа значајна акција обезбедува безброј домаќинства да имаат пристап до основни услуги, создавајќи побезбедна и поздрава средина за најранливите членови на нашето општество.

Правење Разлика со Исплата на Сметка 

Ways2Help е организација секогаш посветена на транспарентност во надминување на јазот за оние кои се соочуваат со финансиски тешкотии. Оваа иницијатива веќе 5 години преку постојани напори се труди да се обезбеди помош на голем број социјално загрозени семејства. Со покривање на трошоците за основните услуги, Ways2Help олеснува значителен товар за многумина, овозможувајќи им да се фокусираат на наоѓање на работа и подолгорочно решение за излез од моменталната состојба и обезбедување на други критични потреби како што се храна, здравствена заштита и образование.

„Досега навистина сме позитивно изненадени што и покрај оваа кризна состојба постојат луѓе кои несебично придонесуваат, донираат, се хумани, добри, и несебично спремни да помогнат без разлика дали со помош преку волонтирање, споделување на акциите, донација на облека, храна, или исплата на сметка“ 

– Акциите Плати Сметка, Донирај училишен прибор, се уште еден доказ дека луѓето сакаат да знаат каде допринесуваат, битна им е довербата, веродостојноста, и транспарентноста, а впрочен се што досега правевме беше и во таа насока, да ја потврдиме довербата и да покажеме дека заедно може многу да помогнеме. Ние навистина не очекувавме дека толку брзо ќе најдеме донатори кои се спремни безусловно да помогнат, без возврат, дури и анонимно. Моменталната ситуација е многу комплексна и треба да се подржуваме еден со друг. Постојат луѓе кои до пред година имаа свои фирми, сега немаат, не се во можност да ги платат своите сметки, луѓе на кои што не им следува помош или не знаат дека им следува помош поради недостатокот на информации во јавноста. Ние се трудиме да допреме до сите тие луѓе и со таа цел во иднина ќе следат и акции од едукативен карактер.

Сакаме да ги охрабриме и другите организации да стапат во контакт со Ways2Help и да најдеме заедно и други начини за помош на сите оние на кои им е најпотребно.

За крај, Моника Ризовска Таневска упати и голема благодарност до сите донатори за #ПлатиСметка од самиот почеток досега. 

– Желбата да бидеме максимално транспарентни и доследни на се што сме ветиле и кажале воспостави и доверба кај сите донатори. Ние и ден денес се трудиме и ќе се трудиме сè да биде транспарентно и секој донатор без разлика на тоа колку вложил да добие точна слика каде и како допринесол. 

Благодарни сме и на волонтерите на “Вистински дела на љубезност” кои ги прегледуваат сите семејства, ја утврдуваат нивната состојба и секогаш не развеселуваат како од терен ни пренесуваат реакции од самите семејства кога вклучиле стрјуја и засветила светлина и почнале да плачат од среќа и неверување. 

Ништо од ова немаше да биде без отвореноста и да прифатиме совет, критика и насока за подобрување. Особена благодарност и до нашите ментори. Тие беа значаен дел од дефинирањето и согледувањето на сите можности. Благодарение на нив и понатаму работиме на развојот на самата платформа, денес заедно со новите членови во тимот и волонтери кои од неодамна се дел од нашата приказна која продолжува.

“Ова постигнување не би било возможно без великодушните донации и довербата од нашите донатори, неуморните напори на нашите волонтери и непрекинатата поддршка од нашите партнерски организации. Изразуваме најдлабока благодарност до сите кои играат активна улога во реализацијата на оваа иницијатива. Вашата добрина и посветеност направија значително влијание врз животите на многумина.” изјави Моника Ризовска Таневска, ко-основач на Ways2Help

“Ние сме неизмерно благодарни за поддршката што ја добивме од нашите донатори и волонтери. Сите придонеси ни овозможија да направиме значајна разлика во животите на над 200 социјално-загрозени семејства и деца кои имаат најголема потреба од помош,“ изјави Ариан Џумкар, кој е одговорен за акцијата Плати Сметка на Ways2Help. „Заедно, обезбедивме не само финансиско олеснување преку исплата на сметки, туку и надеж и стабилност за оние кои се во најтешка ситуација.“

Ways2Help Вистински Приказни со Вистинско Влијание

Приказните од семејствата кои ги помогнавме се сведоштво за важноста на оваа иницијатива. Една мајка сподели, „Бев загрижена како ќе ја платам следната сметка за електрична енергија додека сум хоспитализирана и немам никој друг што може да помогне. Ways2Help помогна во моменти кои ни беа најкритични и благодарение на помошта успеавме да задржиме светлина и топлина во зимските денови. Не можам доволно да се заблагодарам за оваа помош.

Друг случај имаме каде што татко на три деца, и болна мајка изјави: „Со помошта од Ways2Help, успеавме да ја задржиме водата и да обезбедиме безбедна и чиста куќа за нашите деца. Оваа помош беше од животно значење за нас.“

Покрај тоа што можат да платат нечија сметка, граѓаните можат и да донираат храна, мебел, облека

Од почетокот па сè до денес Ways2Help има реализирано акции како што се: Донирај Конзервирана Храна на која беа донирани  93,2 кг конзервирана храна, 75.8 кг различни производи на храна, 3,7 кг хигиенски средства, 27кг облека. Овие акции често ги правиме и сме благодарни што сме редовно потпомогнати и од наши компании соработници како Food Hood кои неодамна донираа и над 150 оброци за сиромашни семејства и деца. 

Огромна логистичка помош добиваме од кафе бар Среќа и нивните вработени кои редовно ни помагаат за секоја донација со нивниот простор. Ниедна од овие акции за облека, санитарни производи и храна немаше да биде возможна да не беше помошта и поддршката со логистика.

Продолжуваме со Мисијата и со акцијата – Донирај ранчиња и училишен прибор

Иако овој успех е значително достигнување, мисијата на Ways2Help продолжува. Организацијата останува посветена на поддршката на оние семејства кои имаат најмногу  потреба за помош преку различни програми и иницијативи. 

Ова лето имаме повторно акција за донација на училишен прибор и ранчиња за деца од социјално загрозени семејства. Секој што сака да се приклучи може да дознае повеќе за оваа активност на следниот линк.

Ги охрабруваме сите да ја посетат веб страната на Ways2Help – https://ways2help.us за да дознаат повеќе за нашата работа и како можат да придонесат за позитивна разлика.

Уште еднаш ви благодариме на сите наши поддржувачи! Заедно, правиме разлика.

За Ways2Help

Ways2Help е непрофитна организација посветена на обезбедување непосредна и директна поддршка за индивидуи и семејства кои се соочуваат со финансиски тешкотии. Преку различни програми фокусирани на основните потреби како храна, засолниште и помош за исплата на сметки, Ways2Help се стреми да создаде поправедно и емпатично општество.

Сподели!
- Advertisement -