Mладата иноваторка Зорица Коцева создаде хуманоиден робот кој помага во домаќинствa, болници и училишта

- Advertisement -

Зорица Коцева е млада девојка која веќе добро го познава светот на иновациите. Таа е креатор на хуманоиден робот, за кој вели дека ќе може да зборува, да ги движи рацете и нозете, ќе препознава лица, звук и говор, но и да пружи помош.

Ваков тип на роботи можат да асистираат при транспорт на медицински материјали, лекови, течности до пациенти, да даваат асистенција на постари лица, но и на наставници и тутори за обезбедување на интерактивно учење. Хуманоидните роботи можат да прават друштво на луѓе кои живеат сами, и да им обезбедат разговор и интеракција, грижа и надзор.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Зорица, опишете ни го роботот на кој што работите.

Станува збор за хуманоиден робот кој има човечка конструкција со висина од над 185 сантиметри и тежина од 30 килограми надворешно, а секој дополнителен елемент од метална потпора, тркалца, лента, мотори и електроника како сензори, камери, таблет дополнително ја зголемува тежина на роботот и достигнува и до 50 килограми. Направен е од бел ПЛА филамент, со модели кои се подготвуваа за печатење на 3Д-принтер. Потребни беа мали корекции на истите, зашрафување и склопување на деловите.

- Advertisement -

Составен од стотици делови, во зависност од нивната големина и сложеност, секој индивидуален дел се печатеше од неколку минути до неколку денови, процес кој траеше најголем дел од изработката на роботот за кој водев евиденција. Во тек е додавање на електроника и постепено тестирање на функционалностите.

Ќе може да зборува, да ги движи рацете и со помош на тркалца да прави поместувања со нозете. Ќе има неколку интересни карактеристики и различни функционалности. Да препознава лица, звук и говор, да води разговор преку текст пораки, да имитира, држи предмети и да пружи помош, да асистира во многу области за кои ќе биде дообучен.           

- Advertisement -

Со оглед на неговите функции, каде се ќе може да се користи твојот робот?

Роботот има повеќе функции, од научно истражувачки се до примена во многу области и индустрии. Има за цел да ни долови многу можности кои хуманоидните роботи ги носат, како ефикасност и помош. Важноста и потенцијалот на хуманоидните роботи се гледа во тоа што тие можат да направат значајни промени и напредок во секојдневниот живот, технологијата, како и да го подобрат начинот на работа во медицинските установи, образовните институции и многу други, да ја зголемат ефикасноста и иновациите во различни области.

Користењето пред се ќе се однесува на тестирање на функционалности кои ќе ги извршува под надзор. Да може да асистира и да пружи помош при транспорт на неопходни медицински материјали, лекови, течности до пациенти, поддршка во процесот на физикална терапија, асистенција на постари лица. Горните и долните екстремитети (рацете и нозете) на роботот ќе можат да се вадат и да се презентираат дека можат да служат како помагала за луѓе со ампутирани екстремитети.

Во образованието може да биде помош на наставници и тутори за обезбедување на интерактивно учење при едукативни активности кои ќе бидат поставени на таблет, а во науката помош во лаборатории, презентација на недостапни единици преку холограм, новоразвиени технолошки пронајдоци. Една од улогите е и да обезбеди телеприсуство односно далечинско управување, со роботи кои овозможуваат луѓето да бидат „присутни“ на оддалечени локации преку роботско тело, имитирање на пад и движења.

Може да биде домашна помош и поддршка за некои секојдневни задачи, виртуелна комуникација, придружници и друштво за луѓе кои живеат сами, обезбедувајќи разговор и интеракција, грижа, надзор во контролирани услови. Од забавен аспект може да се користи како рекламен материјал на забавни, музички и спортски настани.

Што ве инспирираше да креирате хуманоиден робот? Од каде дојде до оваа идеја?

Роботот за мене има посебно значење, со тоа што е приватен проект пред се. Не ја исклучува можноста за општествена корист, токму заради тоа и го направив. За да го креирам роботот најмногу инспирации добивав од секојдневниот живот, како позитивни така и негативни. Така учев, стекнав искуство и се надоградував.

Тоа беа работи кои недостасуваат во општеството, кои ги откривав во многу ситуации со кои сум била во директен контакт и за кои сметам дека треба да се променат кон подобро.





Како ги доби најголемите предзнаења пред да се нафатиш на ваков проект, што најмногу ти помогна?

Од рана возраст го гледав татко ми како поправа апарати и разна електроника и секој уред ми беше интересен и сакав да го расклопам и да видам што има внатре. Кога имаше некои работи што не ги знам, истражував за нив. Со ова, ми надоаѓаа идеи за да склопам и направам нешто со сопствени раце кое ќе биде од полза и ќе ни донесе инспирација за нови пронајдоци. Во средно и на факултет со истражувањата околу роботиката навлегував во иновативни теми и трендови, видеа и компании ширум светот кои се занимаваат со роботски пронајдоци и технологии како Boston Dynamics, Festo, Universal Robots познати по collaborative robots или уште како cobots и многу други. Сѐ од секојдневниот начин на работа и функционирање, знаењето и умешноста за математика и физика, електроника, следењето на новитетите ми помогнаа подлабоко да се запознавам и да создадам конекција со роботиката.

Сигурно овој процес не е само забавен, туку и предизвикувачки. Кои беа најголемите предизвици и препреки во процесот на создавање на роботот?

Откако се запишав на факултет сакав да го почнам роботот, но бидејќи немав таква можност одлучив тоа да го направам кога ќе биде погоден момент, да го почнам како свој проект, надвор од образовниот процес. На оваа одлука влијаеа многу фактори. Се соочив со разни погледи и мислења од страна на компетентни личности поврзани со областа. На некои интервјуа кога ќе спомнев за идејата им звучеше дека не е возможно да се направи, дека е научна фантастика да го имаме. Заради тоа сум благодарна на проф. д-р Чукалиев и УКИМ што ми дозволија да го користам 3Д-принтерот и ми овозможија да го реализирам проектот.

Во текот на процесот добивав позитивни мислења од многу мал дел на луѓе кои навистина беа воодушевени и им се допаѓаше, а со тоа ми даваа поттик дека на крај ќе има позитивен ефект од целата приказна. Желбата и истрајноста ги надвладеаја сите препреки, а денеска верувам дека секој може да ја реализира сопствената замисла со стимул и верба во себе и никогаш да не се откажува.

Во која фаза е развојот на роботот во моментов?

Хуманоидниот робот во моментов го тестирам на неколку области кои покриваат лесни движења и алгоритми кои служат за истражувања во однос на новите трендови од вештачка интелигенција и машинско учење.

Како млад човек што сака да се занимава со технологија и иновации, како ги оценувате можностите за младите во земјава?

Кај нас во Македонија има многу личности со голем потенцијал. Има можности за развој и допрва се создаваат, што искрено ме радува. Меѓутоа, доколку некој да сака да се развива, потребни се многу упорност и истрајност. Недостасуваат малку повеќе фирми од оваа област кои би соработувале со универзитетите. Сметам дека е убаво да се вложува во нешто што е од взаемна корист, со што ќе се отворат подобри можности за стекнување практични вештини и знаење.

Какви се твоите планови за во иднина, во врска со овој проект, но и пошироко во однос на развој на кариерата?

Во моментов за овој проект, самиот робот вклучува сложени подпроекти кои секогаш ќе бидат во фаза на понатамошно усовршување, како што доаѓаат нови трендови со кои ќе бидеме во тек. За во иднина имам некои планови на ум, секогаш има многу нешта на кои може да се работи меѓутоа не би се реализирале во скоро време. Секогаш е можно да излезе нешто непланирано во зависност од други фактори. Следам што се случува во Европа и пошироко од оваа индустрија, па се надевам дека сите добри и позитивни нешта ќе ги донесеме и овде.

Сподели!
- Advertisement -