7.6 C
Skopje
четврток, ноември 21, 2019

Македонската иновативна кошничка Elle Hive ќе ги спасува пчелите од изумирање

Kabtel desktop

Елена Фиданоска, сопственик на Macedonian Honey, за Иновативност го објаснува нивниот изум, иновативната кошничка за пчели Elle Hive, која е избрана, заедно со уште седум македонски стартапи, во март во Брисел да се натпреварува во финалето на StartUp Europe Awards 2017. Macedonian Honey со Elle Hive се натпреварува во  категоријата клима и носи нов пристап во одгледувањето на пчели, кои се загрозени на глобално ниво

 

(Разговараше- Сања Наумовска)

Човекот мора да направи се` за да ги заштити пчелите. Медоноската пчела е под постојн притисок и закана од климатските промени, а без неа во прашање се доведува опстанокот на огромен број растенија и овошки. На барање решение за овој проблем во последните неколку години активно работат Елена и Огњан Фиданоски од Macedonian Honey (SZS-FE), македонска семејна пчеларска фарма, која произведува одличен природен, еколошки мед.

Нивните кошници се поставени на планинскиот масив Бистра-Стогово во југозападна Македонија, близу градовите Дебар и Кичево, на 100 километри воздушна линија од Јадранското море, каде природата е полна со богата вегетација и медононски лековити билки како жалфија, нане, маточина, планински чај. Препознатливи се по тоа што не продаваат тегли, туку медот го пакуваат во мали специјални еколошки кесички, кои се за една употреба – Honeystick. Honeystick содржи дневна доза мед која на организмот му ја дава доволната количина на важни минерали и витамини.

Елена Фиданоска, сопственик на Macedonian Honey, за Иновативност го објаснува нивниот изум, иновативната кошничка за пчели Elle Hive, која е избрана, заедно со уште седум македонски стартапи, во март во Брисел да се натпреварува во финалето на StartUp Europe Awards 2017. Macedonian Honey со Elle Hive се натпреварува во  категоријата клима и носи нов пристап во одгледувањето на пчели. Пчелите одгледани во Elle Hive стануваат посилни и нивниот генетски материјал им овозможува на идните генерации пчели полесно да се справат со предаторите и климатските промени. Macedonian Honey ја оформи и платформата International Bee-Station (IBS), која претставува заедница на поединци и фирми, кои сакаат да учествуваат и да го дадат својот придонес во зачувувањето на медоносната пчела.

 

  • Г-ѓа Фиданоска, пчелите се под сериозна закана за изумирање заради климатските промени. Кои се карактеристиките и предностите на вашата иновативна кошничка Elle Hive?

Кошницата е дизајнирана на начин да ги задоволи природните потреби на пчелата, слично онака како [што таа си го организира животот и своето гнездо, кога е сама во природата. Кошницата е изработена од чисто дрво со дебелина од 50мм. Рамките во делот на гнездото се долги, за да се обезбеди континуиран развој на колонијата. Постои можност две семејства да зимуваат заедно во една кошница и на овој начин размената на топлината да биде подобра, а со тоа и презимувањето на колониите поуспешно. Исто така, кошницата е дизајнирана така за да може да ги задоволи потребите на пчеларот на тешко пристапни терени, како што е нашиот  – планински. Воедно, самата кошница може да се трансформира во повеќенаменски делови, како одгледување на матици или за делба на колонијата. Во периодот март-август можат дури 4 колонии да бидат во кошницата. Во кошницата се користат само природни материјали , односно не се користат сотни основи, жица итн. Се` она што го нема во природата, го нема и во Elle Hive.

  • Како се користи кошничката, дали веќе дава резултати?

Кошницата се користи веќе две сезони во нашите пчеларници, а резултатите се видливи и се движат во рамките на нашите очекувања. Во комбинација со пчеларските методи во текот на сезоната и дизајнот на кошницата, колониите стануваат посилни и отпорни на нивните природни предатори и воедно на климатските услови.

  • Кој е креатор на иновацијата, колку долго се работеше на неа?

Креатор на кошницата е Огњен Фиданоски. Кошницата се изработи како резултат на долгогодишното пчеларско искуство и искуствата од користењето на разните кошници кои досега ни беа познати. Од 2012 до 2014 година се работеше на дизајнот, а од сезоната 2015- 2016 се поставенa во нашиот пчеларник. При дизајнот на кошницата водевме сметка и за теренот каде се поставува пчеларникот, бидејќи тоа е од големо значење за пчеларот. На пример, постои разлика во активностите на пчеларот во рамничарски дел, каде пчеларниците се лесно достапни  и може да дојдете со автомобил со приколка, од активностите на планински, недостапен терен, каде треба да одите 1.300 метри по стрмен пат, за да дојдете до пчеларникот.

  • Со Elle Hive учествувате на StartUp Europe Awards 2017, кои се вашите очекувања?

Главното очекување од овој настан е креирањето свесност за проблемот со пчелите, како и начинот на борба против нивното забрзано изумирање. Со биодинамичниот начин на пчеларење и Elle Hive кошницата, сакаме да предизвикаме интерес кај јавноста и да едуцираме, дека пчеларењето нема единствена цел да произведе што повеќе мед, туку дека  пчеларењето е одговорна работа, каде добросостојбата на пчелите и околината е во прв план, а вишокот на мед кои тие го произведуваат е награда за нашата активност.

Пчеларник во зима 2017

  • Што е International Bee-Station (IBS)?

Важно е да разбереме дека многу малку знаеме како комплексните еко системи функционираат. Многу децении различни екологисти, биолози и други научници, гледаат на Земјата како на масовен жив организам или систем, поради меѓусебната зависност на сите видови во него. Заштитувањето на загрозените видови не е себична работа, туку тоа е начин да ја заштитиме нашата иднина. Врските во мрежата на животот се неверојатно комплексни и губитокот на загрозените видови може да има далекусежни последици, многу поголеми од оние кои се предвидени и прифатени. Затоа, мораме да ја искористиме можноста да го сопреме уништувањето на природата и биодиверзитетот. За да го разбереме влијанието на пчелите врз природата доволен е фактот што една колонија дневно посетува 250 милиони цветови. Исто така, факт е дека еден од три залчиња што ќе ги изедеме денес директно зависи од пчелите, како главни опрашувачи.

Светот без пчелите би бил погубен за производството на храна. И не само тоа, 80 отсто од сите билки зависат директно од опрашувањето, како нивни начин на размножување. Бидејќи пчелите се многу осетливи на нивната околина, тие се главен био индикатор за био диверзитетот. Идејата на оваа станица е да биде збир од различни поддржувачи, било правни или физички лица, кои сакаат да придонесат во борбата, но не можат тоа да го сторат од дома (немаат место, немаат искуство, немаат материјал).  Преку IBS ние се грижиме за пчелите, од роење до вадење мед. Нашите поддржувачи  добиваат подарок, чист органски мед, а можат и одблиску да се запознаат со пчеларењето. Редовно им испраќаме видео и фото материјал од пчеларникот. Компаниите кои се вклучуваат во оваа заеднца, се разликуваат од нивната конкуренција, бидејќи стануваат општествено одговорни за околината и добиваат уникатен корпоративен подарок, кој може да го споделуваат со нивните соработници.

  • Во февруари ќе организирате и училиште за пчеларство. Дали иновативната кошничка е дел од програмата?

Да, кошницата е дел од програмата , а воедно и едукацијата за природниот начин на пчеларење, познат како биодинамично пчеларење.  За овој начин на пчеларење, кој го практикуваме, се раководиме од следниве принципи:

  • Не користиме никакви хемиски препарати, ниту киселини за третирање на колонијата – со тоа не внесуваме никаква бариера помеѓу пчелите и природата. Замислете некој лек да ви го заматува видот. Нема да знаете, кога ја гледате повредата дали е тоа визија или реалност и согласно на тоа нема да знаете каква акција да превземете т.е ќе бидете збунети дали да ја третирате повредата или е тоа само илузија која треба да се занемари. Истото е и со пчелите. Со користењето на разни хемиски препарати им ја ослабнуваме нивната природна функција да се бранат од предаторите и да ги третираат заболените делови од колонијата, а истовремено им ја ослабнуваме нивната природна особина да ги предвидуваат промените во климата и останатите начини на комуникација и нивната свесност за околината околу себе. На овој пластичен начин сакаме да објасниме зошто не смее да има никаква интеференција помеѓу пчелите и природата.
  • Не внесуваме стрес во колониите – со секое отварање на кошницата се внесува стрес во колонијата и научно е докажано дека на пчелите им се потребни 6 часа да се рехабилитираат од посетата на пчеларот, односно да ја вратат смиреноста на колонијата во состојба пред отварањето на кошницата. Стресот игра голема улога во животот на пчелите, зошто тие трошат голема енергија за да ја стабилизраат состојбата во гнездото, наместо да се посветат на остантите природни активности кои ги прават кога не би бил пчеларот присутен.
  • Користење на природни материјали во Elle Hive – нема метали, нема парафин, нема пластика
  • Што е специфично за вашиот мед, произведен на надморска височина од 1.600 метри?

Во Европа постојат многу малку места каде пчеларењето е достапно на високи планински места. На пример, во Словенија пчеларењето е возможно до 800метри надморска висина , а така е и секаде на Алпите. Во Македонија, заради единствениот спој на континенталната и средоземната клима , особено на југозапад и заради специфичноста на планината, пчеларењето е возможно до 1.600 м надморска висина. Ова за нашите западно-европски колеги преставува невозможна мисија. Биодиверзитетот или разноликоста на медонската флора е клучната состојка за добар мед, како и незагаденоста на почвата. Наша цел е да произведеме 100 проценти чист планински мед. Кошниците се поставени на скриени места низ планината, каде што билките се чисти и недопрени. Медот собран од нектарот на лековитите тревки како нане, маточина, камилица, бела детелина, кантарион, итн , како и дабовата шума, има нагласени антибиотски својства токму заради висината на која овие растенија растат. Затоа медот спакуван во Honeystick е различен од оној кој можете да го купите во продавница.

[quote]Кога го јадете медот од Honeystick е исто како да ставите лажица во кoшницата и од саќето сами да извадите од златниот дар на природата.[/quote]

  • Macedonian honey е препознатлив и по тоа што не се продава во тегли, туку во мали еколошки кесички за една употреба- Honeystick.  

Honeystick содржи дневна доза мед, која на организмот му ја дава доволната количина на важни минерали и витамини. Според сите истражувања, 2 лажички мед дневно се доволни за организмот да се снабди со овие неопходни елементи и точно толку содржи еден Honeystick. Вие можете да конзумирате и повеќе доколку имате ден исполнет со дополнителна физичка активност, бидејќи медот врши регенерација на заморот на мускулите и му ја дава на мозокот храната неопходна за неговата непречена активност.

Honeystick можете да се понесе насекаде и не мора да се конзумира мед само дома. Може да се користи кога е најпотребен, додека се планинари, шета, плива, трча, вози велосипед, кампува, скија… Дизајнот на Honeystick овозможува лесно да се истисне медот до последната капка и притоа да не се залепат прстите. Може да се носи во ташна, ранец или џеб, без опасност декаа ќе истече. Секое парче се проверува рачно, пред да биде дистрибуирано до потрошувачите.

За да го направиме Honeystick секогаш достапен, ја развивме првата online продавница www.macedonianhoney.com, со бесплатна и брза достава до домот на купувачите. Досега Honeystick го вкусиле на Малдивите, Норвешка, Шпанија, Англија, Словенија, САД, итн. Исто така , ексклузивно, нашиот производ спакуван како сувенир, може да се купи во Duty-Free Shop на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Воедно на блогот на macedonianhoney.com постојано обработуваме теми од спортот, здравјето, животот кои некако се поврзани со медот и неговата улога. Активни сме и секојдневно објавуваме интересни артикли на популарните социјални мрежи.

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •