Додека НАСА се подготвува за враќање на луѓето на Месечината и продолжуваат подготовките за мисијата Артемида, научниците гледаат на нашиот сателит на поинаков начин – како место каде што би можеле да го складираат и да го зачуваат биодиверзитетот на Земјата, особено растенијата и животните кои се најзагрозени.
Нешто слично, односно банката за семиња веќе постои на Земјата и се наоѓа на далечниот север. Имено, уште во 2008 година во Свалбард беше отворен трезор, кој содржи повеќе од 1,2 милиони примероци семиња од целиот свет, вклучувајќи пченица, ориз, грав, овошје, зеленчук итн. Целта на овој трезор е да ја осигура различноста на посевите на Земјата и снабдувањето со храна за човештвото.
Научниците сметаат дека треба да имаат и некаква резервна копија, како што ја нарекоа Ноева арка на растителна различност и сметаат дека најдобро и најбезбедно би било да не ја чуваме на нашата планета. Во овој проект учествуваат научници од некои од најголемите светски универзитети, како Харвард и Смитсонијан, а на почетокот нивниот фокус ќе биде банка во кој ќе бидат сместени живи, криопрезервирани примероци од најзагрозените животни на Земјата.
Според привремените планови, замрзнатите примероци ќе бидат испратени на Месечината, каде што ќе бидат складирани во т.н. банка, која ќе биде поставена на северниот или на јужниот пол на Месечината. Температурите на половите се и до -200 степени Целзиусови, додека целата област е во сенка поради кратерот, па на трезорот нема да му треба никаков извор на енергија за да ги задржи примероците замрзнати.
Иако самата локација за складирање нема да биде проблем, проектот се соочува со други големи предизвици, а научниците најмногу се загрижени за тоа како да ги заштитат примероците испратени на Месечината за време на патувањето во вселената. Бидејќи се работи за сложен и амбициозен проект, јасно е дека за негова реализација ќе треба многу време, кое не се мери во години, туку во децении. Ќе биде потребна соработка на различни народи, културни групи, агенции итн. за да се постигне договор за долгорочните планови на трезорот, т.е. примероците и управувањето.
Иако се надеваме дека нема да се случат големи природни катастрофи (или вештачки катастрофи) на Земјата на долг рок, не треба да ги игнорираме различните долгорочни закани – од климатските промени, исцрпувањето на ресурсите, војните и други закани, така што научниците се согласуваат дека потребен е специфичен план Б кој ќе го заштити биодиверзитетот на Земјата, дури и ако тој план не ја вклучува нашата планета, туку Месечината.
(Metro)
(фото: Pexels)