Jасниот развоен план, иновациите и технолошкиот напредок се клуч за високите резултати на Реплек!

- Advertisement -

Интервју со Панче Гелевски, директор за продажба и маркетинг во Реплек, компанија која во последниве години доби сосема нов лик преку јасен развоен план на менаџментот, иновациите во портфолиото на производи, како и на вложувањата во технолошкиот напредок и во развојот на вработените!

Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

Реплек во изминатите години покажува нова енергија и промени кои на компанијата и дадоа сосема нов лик. Која е вашата визија?

Да, точно е. Реплек во последниве години доби сосема нов лик. Направивме многу промени кои беа неопходни за да се реализира визијата за силна компанија, препознатлива на пазарите на кои настапува, со која ќе се гордеат нејзините вработени. Реплек сѐ повеќе се препознава како модерна, динамична и успешна компанија предводена од млад, амбициозен и проактивен тим на менаџери, кој има визија и знае како да ја спроведе. Таа визија вклучува унапредување на добросостојбата на луѓето, нивното здравје и квалитетот на животот преку иновативни и квалитетни производи, кои ги следат највисоките европски и светски стандарди. Изградената кохезивност и стекнатата агилност на менаџерскиот тим и на сите вработените му овозможуваат на Реплек способност брзо да се прилагодува на промените кои ги диктира динамичниот и често непредвидлив пазар и остварување на високи резултати.

- Advertisement -

Остварените резултати на компанијата се движат во нагорна линија, односно остварувате позитивни резултати во сите сегменти од работењето. Може ли да ни кажете на што се должи тоа?

Во 2023 година остваривме историски резултати во продажбата, со значителен раст од 42% во споредба со претходната година, надминувајќи го проектираниот план. Во првите шест месеци од оваа година пак, постигнавме дополнителен раст на приходите од продажба од 20% во однос на истиот период во 2023-та година. Со тоа ја направивме извесна и реална реализацијата на амбициозниот план за годишен раст на приходите од 23,5%. Високите резултати се должат на јасниот развоен план и посветеноста во неговата реализација на сите во Реплек, на иновациите во портфолиото на производи, како и на вложувањата во технолошкиот напредок и во развојот на вработените. Од друга страна, сето ова го препознаа нашите партнери и на пазарите, па растот на приходите за првите шест месеци во однос на минатата година на домашниот пазар изнесува 46%, а на странските пазари 15%. Ваквите резултати се значајни и за акционерите и потенцијалните инвеститори, а паралелно ја потврдуваат и среднорочната дивидендна политика, чија цел е да овозможи поголема предвидливост на подолг временски период.

- Advertisement -

Реплек е компанија која прва на пазарот започна да произведува масло од канабис и други производи од ова растение. Како се развива овој пазар и кои се потенцијалите?

Потенцијалот на пазарот на производи од канабис е сериозен. Тоа го потврдуваат искуствата на повеќе земји, меѓу кои Канада, Австралија и Израел. Сепак, кај нас тој потенцијал е детерминиран од два предизвика. Од една страна, пазарот на канабис кој е високо регулиран, подлежи на чести регулаторни промени, кои условуваат прилагодувања на компаниите за кои е потребно вложување на дополнително време и енергија. Од друга страна, сѐ уште постојат предрасуди и застарени перцепции кај дел од стручната јавност и кај конзументите. Реплек мисионерски работи на едукација за придобивките од медицинска употреба на производите од канабис преку активности кои ни се на располагање. Неодамна, на пример, го поддржавме гостувањето на д-р Силвиу Брил, директор на Институтот за третман на болка во Тел Авив, Израел, кој е копретседател на Работната група за медицина базирана на канабис и претседател на работната група за онколошка болка на Европската федерација за болка. Тој на настанот организиран од Македонската ревматолошка асоцијација ги потврди бенефитите кои ги носат овие производи, особено во третирањето на болката. Нашата проценка е дека пазарот на овие производи во земјава обезбедува можности за сериозен раст.

Една од клучните состојки на успешните компании се иновациите. Тие се клучната движечка сила во економијата денес. Како Реплек го држи темпото со светските трендови во оваа насока?

Без континуирано следење и имплементирање на најсовремените стандарди и иновативни практики во фармацевтската индустрија невозможно би било спроведувањето на нашата стратегија за ширење на глобалното присуство преку освојување нови и зголемување на учеството на постојните пазари. Постојано сме присутни на големите саеми и настани во нашата индустрија низ светот, спроведуваме темелни и сеопфатни обуки за развој на вештините и експертизата на нашите вработени, кои овозможуваат производство со највисока стручност и професионалност.

Реплек годинава по четврти пат се стекна со EU GMP сертификатот, кој го издава Европската асоцијација за лекови. Тој е највисока потврда за квалитет и високи перформанси во производството и доказ дека компанијата ги следи европските директиви за добра производствена практика. Сертификатот е своевиден пасош не само за европските пазари, туку и за пазарите вон ЕУ, затоа што сите се стремат да ги следат овие стандарди. Континуирано инвестираме и во модернизација и иновативни решенија во производството и во дигитализација на процесите и услугите во компанијата. Иновациите во развој на нови производи се критичен аспект на нашата деловна стратегија. Инвестираме значителни средства во истражување и развој, со цел да обезбедиме решенија кои ги пресретнуваат тековните и идните потреби на потрошувачите. Овие процеси се еден од темелите за развојот и успехот на Реплек.

Паралелно, годинава ја лансиравме и платформата РЕсет, преку која поттикнуваме и промовираме активности за добросостојба, ведар дух, здраво тело и ментална сила на лично и колективно ниво. Целта ни е да ги пресретнеме сѐ поевидентните потреби на новите генерации и да ги поттикнеме да излезат од комфор-зоната и од вообичаените животни навики и ситуации.  

Ова прашање неминовно е поврзано и со прашањето за кадровскиот потенцијал во земјава.  Затоа што развој, иновации и креативност не се возможни без млад, амбициозен и стручен кадар.

Го следиме загрижувачкиот тренд на одлив на кадри од земјата, особено на младите и образовани луѓе. Овој проблем бара темелен и итен ангажман на сите нивоа на општеството. Ние во Реплек поставивме добра и ефикасна програма за детектирање и развој на таленти. Оваа програма, како и имиџот кој компанијата го гради, ни дава значајна позиција на пазарот на трудот, пред сѐ меѓу младите и амбициозни луѓе, кои сакаат динамична и инспиративна средина. Горди сме на фактот што во тимот на Реплек имаме вработени кои се образовани во странство, но се вратиле во Македонија и токму во нашата компанија нашле средина во која слободно можат да ги применат знаењата и искуствата стекнати „надвор“. Креираме поддржувачка и стимулирачка работна околина која овозможува професионален и личен развој на секој член на тимот. Покрај обуките за подобрување на вештините на нашите луѓе, инвестираме во условите на работа и обезбедуваме здрава и безбедна работна средина, но и во посебни бенефиции, како што се приватно здравствено и пензиско осигурување и др. Грижата за вработените е една од нашите стратешки определби, затоа што кога човекот е исполнет и задоволен од својата работа, тој е посветен, мотивиран и креативен. Таквиот вработен е основа на успехот на кој било субјект.

Кој е best seller производ на Реплек?

Реплек пласира 75% од своето портфолио на повеќе од 25 пазари во светот. Производите на компанијата се присутни на пазари во земји членки на ЕУ, Адрија регионот, во земјите на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија, како и на пазарите во ЗНД. Имаме широко портфолио на производи кое ни овозможува настап на различните пазари согласно локалните потреби и пазарни потенцијали. Соодветно на тоа со различни адути настапуваме на различните пазари. На пример Оралсепт спрејот за грлото, минатата година беше меѓу најпопулатниtе извозни производи.. Еден од најпродаваните и најпрепознатливите производи на Реплек секако се Вентор таблетите против болка. Со менување на потрошувачките навики и трендови во фармацевтската индустрија, сѐ повеќе се зголемува интересот за производите со канабис, односно за Каноил маслата со ЦБД кои Реплек ги произведува во различни форми и дози, потоа Канабо козметиката како и за магистралните раствори кои содржат ЦБД и ТХЦ.

Дали годинава планирате воведување на нови производи или фокусот ќе биде на зајакнување на пазарната позиција на постоечките?       

Работиме паралелно и на двете полиња. Фармацевтските производи од постојното портфолио имаат голем потенцијал, кој нуди сериозни развојни можности. Дел од опсежните промени кои ги спроведуваме во компанијата дополнително го „отклучуваат“ овој потенцијал, кој го користиме за зајакнување на позициите Реплек на домашниот и на странските пазари. Од друга страна, стратешки сме фокусирани на проширување на портфолиото со нови производи, а резултатите на пазарите се веќе видливи. Овој пат само како најава, годинава на пазарот ќе пласираме два нови производа со иновативен механизам на дејство, поинаков од досегашните, кои се наменети особено за подобрување на добросостојбата на консументи кои се соочуваат со специфични состојби на болка.

Паралелно, работиме во насока на креирање на еден уникатен пристап – Реплек, вашата домашна аптека. Сакаме да создадеме цел сегмент на производи кои ќе му помогнат на современиот човек да ги задоволи своите потреби за одржување на својата виталност, но и да влијаеме врз изградба на нов животен стил. Ние целиме кон тоа, Реплек да биде лидер на домашниот пазар во овој сегмент и имаме план како да го постигнеме тоа. Во оваа насока, пред неколку месеци ги преземавме ексклузивните права за маркетинг и дистрибуција на познатиот британски бренд HealthAid Limited UK за пазарите во Адрија регионот. Се работи за глобален премиум бренд на додатоци во исхраната кој во своето портфолио има над 560 различни производи. Ова е несомнено нов силен импулс во развојот на компанијата, кој дополнително ќе ги зацврсти позициите на Реплек на пазарите во регионот.

Сподели!
- Advertisement -