Анис Сефиданис е професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, основач на Центарот за истражување и развој на експоненцијални технологии и е креатор на три аватари што комбинираат хардвер и софтвер и кои припаѓаат на полето на дигиталната хуманост. Првиот е паметниот споменик на Григор Прличев кој комбинираше холографија и вештачка интелигенција, потоа Споменикот на иднината претставен по повод празникот Св. Кирил и Методиј, а неговиот најнов проект е хуманиодниот робот, кој ќе работи како првиот диџеј во светот.
Сефиданис, во интервју за Иновативност, вели дека роботот е во антропоморфна форма, т.е. со природни димензии и пропорции на луѓето, а неговата првична улога ќе биде да создава авторска музика и да работи како професионален диџеј.
Разговараше – Сања Наумовска
Проф Сефиданис, работите на хуманоиден робот. Кажете ни нешто повеќе за проектот.
Хуманоидот претставува научно истражувачки проект, кој комбинира неколку технологии на отворен и затворен код. Хардверскиот дел вклучува делови на мехатроника со помош на кои се емулираат грубата и фина моторика на човечкото тело. Роботот е во антропоморфна форма, т.е. со природни димензии и пропорции на луѓето со кои треба да извршува ефикасна комуникација во дадено социјално сценарио. Неговата првична улога во општеството ќе биде да создава авторска музика и да работи како професионален диџеј. Ова воедно е и првиот робот диџеј во светот.
Која ви беше инспирацијата да започнете ваков проект?
Развојот на експоненцијалните технологии, каде предводник на веќе започнатата четврта индустриска револуција е вештачката интелигенција, овозможува да надградат роботите со дигитална „свест“ за себе и околината. Модели базирани на машинско учење веќе генерираат уникатни мултимедијални содржини кои во себе содржат различни пораки и значења за човекот. Парадигмата позната под акронимот GPT, или Generative Pretrained Transformer, комбинира методи на надгледувано и ненадгледувано машинско учење, и во нашиот случај хуманоидниот робот ја користи истата за синтеза на мелодија, говор и останати облици на звук.
До каде е развојот на роботот во моментов?
Хуманоидниот робот е веќе завршен и тестиран, а моментално работиме на посебна облека за истиот, првата македонска колекција за „Луѓе и Роботи“ на бреднот Сефиданис.
Кои се вашите замисли, какви ќе бидат перформансите со кои ќе располага роботот? Што ќе може да работи?
Роботот користи GAI (General Artificial Intelligence), или општа вештачка интелигенција, а неговиот антропоморфен интерфејс му овозможува да се прилагодуца на различни околини и да решава различен тип на проблеми, автономно како и во соработка со човекот.
Какви се условите за работа на ваков тип проекти во земјава? Што мислите дека треба да се менува и подобри?
Пред сѐ неопходна е волја и љубов кон новите технологии. Во Македонија има талент и наша одговорност, пред сѐ како универзитетски професори, е да го стимулираме истиот со цел да создадеме екосистем кој ќе произведе иновации конкурентни на светскиот пазар. Во друштвото за истражување и развој Сефиданис од Охрид го докажуваме тоа, каде роботот е трет од серијата на „хибриди“, аватари што комбинираат хардвер и софтвер и кои припаѓаат на полето на дигиталната хуманост. Првиот беше паметниот споменик на Григор Прличев кој комбинираше холографија и вештачка интелигенција, потоа Споменикот на иднината претставен по повод празникот Св. Кирил и Методиј и најново роботот- диџеј чиј идентитет ќе бие наскоро откриен.
Како во овие услови со кои располагаме ги поттикнувате вашите студенти да работат на напредни проекти?
Условите треба сами да ги создадеме. Како што вели Руми, „Ако тргнеш на пат, ќе ти се отвори пат“. Студентите се свесни дека четвртата индустриска револуција е веќе започната и со полн ентузијазам се приклучуваат на бранот на новите технологии, бидејќи во ерата на вештачката интелигенција минутите значат години, а годините милениуми. Мора да напоменеме дека покрај приватните инвестиции, за еден од нашите проекти, „Споменикот на иднината“, добивме поддршка и од Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија,
До колкава мера треба технологијата и вештачката интелигенција да бидат дел од нашето секојдневие, има ли такви граници?
Можеби не сме свесни, но на дневно ниво ние имаме повеќе интеракција со ВИ одошто со луѓе. Паметните мапи кои не носат по најкраток и најбезбеден пат до саканата дестинација, агентите за онлајн продажба, препораките на социјалните мрежи, Siri, Alexa и ChatGPT, се само дел од мноштвото виртуелни роботи кои ни го олеснуваат и подобруваат животот. Треба да постои регулативна рамка, но истата не смее да биде целосно затворена, бидејќи ВИ припаѓа на палетата на рекурзивни технологии и не знаеме какви плодови ќе роди во иднина.
Какви се вашите планови за во иднина, какви проекти да очекуваме?
Роботи, хибриди, мешана ралност, паметни уреди за современиот живот, напредни академии за новите генерации, и сѐ друго што може да нѐ доближи до иднината.