Филип Камчев е енолог кој од 2021 година работи на развој и промоција на својата семејна винарија „Киево“. Неговиот животен сон бил сопствените лозови насади и грозјето кое го произведува неговото семејство да го претвори во врвно вино и со тоа целосно да го заокружи процесот од нива до трпеза. Камчев како млад човек свесен за модерните текови и улогата на технологијата во секој аспект на живеењето, вели дека новите производни техники се иднината на земјоделието. Тој целосно го дигитализира одгледувањето на своите лозови насади, што му носи економски бенефит, преку заштеда на време и средства, но и еколошки бенефит, преку намалена употреба на средства за прскање.
Новинар – Верица Јорданова
Главна фотка – Slow Wine и Коста Дупчиноски
Г-дин Камчев, во моментов сте дел од проектот Дигитализација на фарми во Западен Балкан (Digitalization of Farms in WB6 Countries) кој е спроведен од АгФутура Технологии, а е заедничка иницијатива помеѓу Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст и Друштвото за меѓународна соработка GIZ. Дали може да ни кажете нешто повеќе за овој проект?
Проектот „Дигитализација на фарми во Западен Балкан“ започна во октомври 2023 година и го опфаќа целиот вегетациски циклус до октомври 2024 година. Главна цел е да се спроведат пилот студии на 13 фарми во Западен Балкан, со примарна цел оптимизирање на процесите на производството преку имплементација на Системот за далечинско земјоделско следење и советување (RAMAS), развиен од компанијата „Аг Футура Технологии“ од Скопје. Преку проектот беа обезбедени советодавни услуги кои вклучуваат цел спектар на операции на насадите, кои нудат технолошка и економска поддршка за оптимизација на ресурсите, разни обуки и работилници за користење на платформата РАМАС на која се одвива советувањето и комуникацијата со агрономите и фармерите.
Зошто се одлучивте да бидете дел од овој проект? Со кои главни предизвици се соочувавте пред да се вклучите и како активностите кои се дел од проектот придонесуваат за надминување на тие предизвици?
Како дипломиран агроном инженер, енолог, кој фамилијарно, практично цел живот се занимава со земјоделство, свесен сум за промените кои се случуваат на глобално ниво. Зголемување на популацијата во светот, намалување на обработлива површина и глобално затоплување. Сите овие фактори се голем предизвик за земјоделското производство, кое е фабрика на отворено. Пред неколку години, сурфајќи по интернет открив за дигитализација на земјоделство (т.е. прецизно земјоделство) и сфатив дека тоа е иднината во овој сектор бидејќи овозможува донесување на подобри одлуки во текот на целото производство и ги олеснува сите процеси. По некоја година дознав за „AgFutura“ и нивниот ангажман на оваа тема и бев позитивно изненаден од фактот дека некој во Македонија веќе се залага за ова.
Дали знаевте за РАМАС системот пред да станете дел од проектот? Кои се придобивките и првичните резултати од имплементацијата на системот кај вас?
За РАМАС (Систем за далечинско следење и мониторирање во земјоделството) дознав од „AgFutura“, бев поканет и сум присуствувал на повеќе настани каде што бил презентиран овој системот. Бев само информативно запознаен што е и кои се неговите придобивки, но сега кога сум дел од проектот за дигитализација на фарми на Западен Балкан имав можност да ги применам функционалноситите и да ги увидам придобивките од користење на РАМАС системот на мојата фарма. Системот за далечинско следење и советување на земјоделството (RAMAS) е клучна компонента во спроведувањето на стратегијата на фармата преку обезбедување напредни алатки како што се далечинско набљудување и аналитика на податоци за следење и анализа во реално време. Системот обезбедува персонализирани совети за садење, наводнување и контрола на штетници, помагајќи во донесувањето одлуки. RAMAS ја подобрува ефикасноста и одржливоста на фармата преку оптимизирање на ресурсите и управување со ризиците, обезбедувајќи подобри приноси и економска стабилност.
На вашата фарма беа направени и анализа на продуктивноста и детална анализа на здравјето на посевот. Како се одвиваа тие анализи и кои беа главните придобивки од истите за вас?
Со помош на сателитски снимки и снимки од дрон на нашите парцели беше направена анализа на состојбата (мапирање). Ова се одвиваше со неколку посети и состаноци со тимот на агрономи на чело со Марио Петковски. Со овие мапи увидовме кои делови од парцелата во каква состојба се, каде треба да се корегира нешто, каде треба да се посвети поголемо внимание од штетници и сл. Исто беше направена и мапа на макроелементи (азот, фосфор и калиум) и таму увидовме дека конвенционалниот начин на апликација на ѓубрива не бил ефикасен и тука имавме директна заштеда на средства. А, благодарение на моделот за штетници, направен е мониторинг на здравјето на виновата лоза. Навременото третирање доведе до намалување на два третмани за прскање, што резултираше со дополнителни заштеди и подобрена ефикасност.
Кои се следните чекори за вас?
Со помош на овој проект и соработката со „AgFutura“, утврдени се недостатоците во нашето производство. Земјоделството е гранка за која треба време и сите промени во работењето и применување нови технологии бараат многу време. Повеќе сезони работа со етапно имплементирање на системот и постојана комуникација, калибрација и толкување на податоците се неопходни за да се корегираат моменталните недостатоци.
Што значи процесот на дигитализација во земјоделството за вас и колку е тој важен?
Дигитализацијата на фармите е неопходна за да се зголеми производството и се намали нивниот трошок (инпут). Со ова директно се намалува јаглеродниот отпечаток, енергенсите, водата, користењето на пестициди и ѓубрива. И приносот е посигурен и побезбеден бидејќи веќе се развиени алатки (disease models) кои се показатели на тоа болестите во која фаза се и дали условите се погодни за одредена болест, а со оваа информација се одлучува дали ќе се прави заштита (апликација на пестициди).
Отсега системот РАМАС може да се имплементира на земојделските површини со финансиска поддршка од УСАИД преку Платформата за Продуктивност на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст.