По повод Меѓународниот ден на еднакви плати, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA ја организираше третата годишна конференција насловена “Equal Exchange: Empowering Ideas, Inspiring Journeys”, со цел да поттикне разговор за предизвикување на конвенционалните норми на тоа што значи успех во претприемништвото, поттикнување на инклузивно лидерство и родова еднаквост на работните места во Северна Македонија. Конференцијата се организираше во соработка со фондацијатата Friedrich-Ebert-Stiftung (FES).
Конференцијата имаше за цел да ги инспирира и мотивира присутните да добијат нова перспектива за тоа што значи да се успее во денешниот претприемачки свет и да добијат свежи идеи за значајни промени во нивните сопствени потфати. За време на конференцијата 20 искусни македонски претставници од бизнис секторот преку панел дискусии и студии на случај ги споделија своите кариерни патеки и стратегии за поттикнување инклузивно лидерство и намалување на родовите стереотипи.
На конференцијата покрај говорниците, беа присутни повеќе од 100 учесници, меѓу кои претставници од бизнис секторот, членови на Советот на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, како и соработници, партнери и поддржувачи на GEA кои имаа можност да се придружат кон реализирање на крајната цел на конференцијата – подигнување на свеста за родовата еднаквост на работното место во Северна Македонија преку меѓусебно споделување на позитивни примери поврзани со најдобрите практики за постигнување родова еднаквост на работното место.
Конференцијата ја отвори претседелката на GEA, Нина Ангеловска Станков, која изјави: „Овогодинешната конференција, посветена на Меѓународниот ден за еднакви плати, имаше за цел да им овозможи на присутните да добијат нова перспектива за создавање порамноправна и поинклузивна работна средина за сите, преку поттикнување на инклузивно лидерство, родова еднаквост и иновации како клучни двигатели на успехот во современите организации. Веруваме дека со поддршката на партнерите и поддржувачите на GEA ќе успееме да влијаеме кон надминување на предрасудите и потикнување на работна атмосфера каде што секој глас еднакво ќе се слуша и цени.“
Своето воведно обраќање имаше и Нита Старова, програмски и финансиски менаџер од фондацијата Friedrich-Ebert-Stiftung: “Вистинскиот прогрес ќе се случи кога сите ние ќе разбереме дека нееднаквоста во платите и ограничените можности за напредување не влијаат само на поединците, туку и на целокупниот економски раст и развој на нашето општество. Општествата каде има поголема еднаквост се поуспешни, eкономијата функционира подобро, образовниот систем е поефикасен, во просек, луѓето се поздрави, живеат подолго и се посреќни со можностите кои им ги нуди животот. Оттаму, создавањето на еднакво и поправедно општество е од суштинска важност за државата да почне да се развива и да оди напред, со засилена поддршка особено за оние групи граѓани кои се запоставени, наместо на оние кои и самите успеваат во животот.”
Во рамки на настанот беа организирани и три панел дискусии со претставници од бизнис секторот, меѓу кои Маја Наумовска Савевска – директорка за корпоративни и маркетинг комуникации вo Halkbank, Александра Дилевска, CEO за С.Македонија и Хрватска во Publicis Groupe, Душко Чифлиганец, заменик претседател на Adora Bussiness Group, Aна Марија Вуковска, ко-основачка на Property One Group и многу други. На конференцијата се разговараше за несекојдневните пристапи кон претприемништвото и беа споделени инспиративни приказни од македонски претприемачи кои им се спротивставиле на нормите, проследени со дискусии за важноста на различноста и вклучувањето во претприемачките потфати, како и за инклузивно лидерство, родова еднаквост и решавање на предизвиците со кои се соочуваат жените на работното место.
Алијансата, која што е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднувани за нивниот уникатен придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место. Алијансата за родова еднаквост на работното место е т.н. commitment maker за Родова еднаквост при UN Women и работи кон целта за одржлив развој #SDG5 – Родова Еднаквост.
Инаку, Алијансата е формирана со поддршката од Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје и A1 Македонија како партнери, Roche, Сава Осигурување, Сава Пензиско, Евроинс Осигурување и Publicis Groupeкако поддржувачи, а е отворена за сите кои сакаат да се вклучат и да ја поддржат нејзината работа и да придонесат кон промовирање на родова еднаквост на работното место. Повеќе информации за Алијансата за родова еднаквост на работното место можат да се погледнат на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/.