ИСОС и МБА склучија партнерство за развој на сметководствената професија и правилна имплементација на меѓународните сметководствени стандарди

- Advertisement -

Јакнење на меѓусебната соработка преку искористување на целокупното расположиво знаење и искуство на двете организации, во насока на поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и делување, се главните цели кои треба да се остварат со Меморандумот за соработка помеѓу Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), што го потпишаа претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова Штериева.

Потпишаниот Меморандум ја поставува рамката на идната соработка помеѓу двете организации преку која треба да се овозможи поддршка на процесите за натамошно унапредување и развој на сметководствената професија во нашата земја и потенцирање на нејзиното значење во банкарскиот и целокупниот бизнис сектор. Особен акцент во идната соработка ќе биде ставен и на активностите кои треба да овозможат правилна имплементација на меѓународните стандарди за финансиско известување.

- Advertisement -

„Правилната примена на најновите меѓународни стандарди за финансиско известување има големо значење за економијата, затоа што со тоа се подобрува ефикасноста и конкурентноста на деловните субјекти, а истовремено креира придобивки и за државата, затоа што овозможува подобра контрола на сите финансиски текови и намалување на даночната евазија. Домашните банки веќе ги преминуваат овие стандарди, а сега преку оваа соработка и партнерство со ИСОС, добиваат можност да ги споделат своите добри практики и искуства во оваа област и со сметководителите и финансовите менаџери во останатите деловни субјекти во земјава“, истакна претседателката на Македонската Банкарска Асоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева.  

Соработката на која со потпишаниот Меморандум меѓусебно се обврзаа МБА и ИСОС треба да се реализира преку организирање на семинари, панел дискусии и стручни работилници на кои ќе се разгледуваат практични примери и предизвиците при примената на Меѓународните сметководствени стандарди. Двете организации се договорија дека ќе формираат и заеднички работни тела кои ќе работат на навремено, ефикасно ажурирање на следните измени во меѓународните стандарди и нивна имплементација.   

- Advertisement -

Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум за соработка, претседателката на Институтот за сметководители и овластени сметководители, Весна Прентоска изјави: „Ова партнерство помеѓу нашиот Институт и Македонската Банкарска Асоцијација претставува значајна поддршка на тековните процеси за развој на сметководствената професија во нашата земја. Со него ИСОС, а преку тоа и неговите членови, а тоа се сите лиценцирани професионални сметководители во нашата земја, добиваат дополнителни можности и пристап до висококвалитетно знаење и практичните искуства на банките при примената на меѓународните стандарди за финансиско известување. На ваков начин дополнително се истакнува и јакне улогата на сметководителите во целосното, точно и објективно евидентирање на деловните настани во книгите на економските агенти, што во крајна линија придонесува оваа професија да го заземе местото во општеството кое го заслужува“, заклучи Прентоска.

Сподели!
- Advertisement -