Почнуваме со контрола на производните капацитети, заедно со Инспекторатот ќе бидат посетени најголемите индустриски капацитети во државата, почнувајки од Скопскиот регион. Работни тимови ќе спроведат увиди на терен, односно надзор над издадените интегрирани еколошки дозволи, рече министерот за животна средина Изет Меџити
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска, денеска го најавија стартувањето на заедничките активности за почист воздух, што во пресрет на грејната сезона ќе ги спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.
„Почнуваме со контрола на производните капацитети, заедно со Инспекторатот ќе бидат посетени најголемите индустриски капацитети во државата, почнувајки од Скопскиот регион. Работни тимови ќе спроведат увиди на терен, односно надзор над издадените интегрирани еколошки дозволи, со цел да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на инсталацијата на терен“ рече Меџити.
Според Меџити, активностите се планирани од причина што пред нас е уште една грејна сезона, кога повторно ќе се актуализира прашањето за квалитет на амбиенталниот воздух.
„Ова е предизвик со кој со години се соочува државата, а Министерството и Владата сакаат навремено да стартуваат со активности во насока на ублажување на очекуваниот пораст на концентрации на ПM 10 и ПМ 2,5 суспендирани честички“, рече тој.
При тоа, нагласи дека квалитетот на воздухот не е проблем што се решава преку ноќ, не е само локален проблем и не е проблем на едно министерство, а активностите ќе бидат инклузивни, ќе се споделуваат и ќе се координираат со сите релевантни институции.
Новоименуваната директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска истакна дека Државниот инспекторат за животна средина секојдневно соработува со Управата за животна средина, како стручен орган, во подготовка на интегрираните еколошки дозволи што се клучни во областа на индустријата и квалитетот на амбиентниот воздух. Во овој период во посебен фокус е медиумот воздух и веќе се планирани редовни инспекциски надзори кај субјектите со А интегрирани еколошки дозволи на територијата на целата држава. При надзорите, согласно динамиката, ќе учествуваат и и стручни лица од Министерството што ги издаваат наведените дозволи.