Во последните неколку години, инвестициите за стартап компании во рана фаза кај нас значително се зголемуваат. Инвестициите во рана фаза обично се движат меѓу 30.000 и 500.000 евра. Овие средства претставуваат почетен капитал за стартапи кои се во фаза на идеја или веќе имаат изградено почетен продукт. Македонските стартап продукти како: Hey Reach, Coach Microlearning, Air Port Briefing, Earth Care и многу други веќе имаат добиено почетни инвестиции.
За инвестициите кои доаѓаат од различни извори, домашни и странски, но и за неопходните законски измени разговаравме со Дејан Алексов, адвокат, основач на адвокатска канцеларија Алексов и Мемиши и ко-основач на Стартап Македонија.
Разговараше – Верица Јорданова
Во последните неколку години, инвестициите за стартап компании во рана фаза кај нас значително се зголемуваат. На што се должи тоа?
Пред десет години, стартап сцената кај нас беше како сеење семе во песок — постоеја идеи, но вистинската плодна почва сè уште недостасуваше. Имаше мал број на луѓе што слушнале за овој термин, ограничена поддршка и мал број на организации, како и пристапот до финансии беше речиси непостоечки.
Сега ситуацијата е сосема поинаква. Свесноста расте, финансиските можности се зголемуваат, доаѓаат и нови генерации со различни вештини. Со ваква природна прогресија, не е чудно што има и зголемен број приватни инвестиции. Често се шегуваме со останати соработници дека некогаш ги гледавме истите луѓе на сите настани, но денес не е така – полека се појавуваат и нови луѓе и бројот во заедницата се зголемува.
Од каде доаѓаат инвесициите и во кои македонски стартапи?
Инвестициите доаѓаат од домашни или странски физички лица, меѓутоа во рана фаза најчесто се од домашни приватни инвеститори – бизнис ангели. Тие инвестираат во група од неколку приватни инвеститори, со цел да го споделат ризикот, при што за својата инвестиција добиваат удел во стартап компанијата.
Ваков вид на инвестиција имаат обезбедно повеќе македонски стартапи, најпоследни во редот се: Joltz со инвестиција од 25.000 евра, а претходат многу други со успешно затворени рунди како Hey Reach, Tolt, Coach Microlearning, Airport Briefing, Earth Care и многу други.
Во моментов економските услови не се идеални, ИТ индустријата можеби е малку побавна во моментов, и атмосферата за инвестирање едноставно не е толку енергична но мислам дека ова е период кој што полека се надминува и во иднина ќе имаме поголем број на вакви инвестиции.
Освен зголемените инвестиции, што друго во моментов се случува на македонската стартап сцена?
Во моментов има неколку активни иницијативи за законски измени кои треба да го поддржат натамошниот развој на стартап компаниите. Во тек е предлогот за донесување на посебен закон lex specialis за бизнис ангели, кои ќе ги поддржи ваквите инвестиции и ќе ги поттикне приватните инвеститори со дополнителни даночни бенефити.
Во тек е иницијатива за измена на Законот за трговските друштва, за воведување на посебен облик на трговско друштво за стартап компаниите – Друштво со променлив капитал, кое што ќе треба да реши неколку предизвици, меѓу кои „таложењето на удел за вработени“ (shares vesting), „уписот на промените кај основната главнина со добивање на инвестиција“ и сл.
Се надеваме дека овие измени ќе станат реалност, па кога ќе зборуваме за shares vesting односно таложење на удел, нема да го погрешиме со некој нов вид на градежен материјал 🙂
Во тек се и неколку различни акцелераторски програми, како и програми за подготвување за добивање на инвестиции (investment readiness) за основачи на стартап компании.
Каде најчесто ги лоцирате недостатоците или слабостите на македонските стартап компании во поглед на нивниот потенцијал да обезбедат инвестиции?
Слабостите најчесто не лежат толку многу кај самите стартапи, туку кај правниот систем и довербата на инвеститорите во истиот. Кога странски инвеститори инвестираат во македонски стартапи, често е условено со основање фирма во ЕУ или САД за да се заштити интелектуалната сопственост и инвестицијата.
Ова е вообичаена практика, но според мене, регистрацијата на фирма во друга држава треба да се случи кога стартапот навистина ќе го проширува бизнисот на тој пазар, а не само заради обезбедување на инвестиција. На тој начин, правниот и бизнис развојот би биле синхронизирани, а не наметнати од инвеститорски барања. Меѓутоа, кога овој услов е задолжителен, а финансиите се неопходни, основачите оправдано се решаваат на таков чекор.
Како во поглед на финансирањето стоиме во споредба со регионот и/или Европа?
Во споредба со земјите од Западен Балкан, нашиот стартап екосистем и финасирањето се на добар пат. Србија има поразвиен екосистем со поголеми можности за инвестиции, додека Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора се на пат да го развијат своето стартап опкружување, секоја со свои предизвици.
Меѓутоа заостануваме зад европските земји, каде што пристапот до финансии е особено развиен и доаѓа најчесто од фондовите на ризичен капитал (VC Fonds) кои ги има во голем број и се наменети за инвестирање во ризични бизниси.
Што откако ќе дојде до одредена инвестиција? Велите дека имаме правни “дупки“. Може ли подетално да објасните со какви пречки се соочуваат претприемачите?
Откако ќе дојде до инвестиција, следува правниот дел, каде што таа инвестиција треба да се регулира со соодветни договори, документација, како и да се запише во Централниот Регистар. Тогаш е моментот кога стартапите или инвеститорите се среќаваат со нашиот тим.
Предизвикот е во тоа што кај нас не постојат стандардизирани договори за инвестирање, какви што имаме на пример при купопродажби или вработување.
Ова го одолговлекува процесот и егзекуцијата на истиот. За разлика од поразвиените системи каде „затворањето“ на овој процес, од подготвување на документација, потпишување и исплата на финансиите трае 1 недела, кај нас овој процес трае многу подолго. И самиот упис на финансиите во Централниот Регистар е предизвик, особено кога имаме повеќе инвеститори кои треба физички и своерачно да ги потпишат документите бидејќи електронските потписи сеуште не се признаени.
Што значат термините Pre-money и Post-money valuation?
Pre-money valuation и post-money valuation се клучни концепти во преговорите помеѓу инвеститори и стартап компании. Pre-money valuation ја одредува вредноста на стартапот пред да се направи инвестицијата. Оваа вредност е важна за основачите, бидејќи влијае на нивниот дел од сопственоста. Поголем pre-money valuation значи дека основачите можат да задржат поголем удел во компанијата.
Post-money valuation, пак, се пресметува откако инвеститорот ќе вложи средства. Оваа вредност е резултат на комбинирање на pre-money valuation со инвестицијата и ја одредува конечната структура на сопственост. На пример, ако pre-money valuation е 1.000.000 евра, а инвеститорот вложува 100.000 евра, post-money вредноста ќе биде 1.100.000 евра.
Во преговорите, овие вредности се важни бидејќи основачите и инвеститорите мора да постигнат согласност за фер вредност на стартапот. Основачите обично се стремат кон повисок pre-money valuation за да го минимизираат уделот што го даваат, додека инвеститорите бараат соодветен удел за нивната инвестиција. Законот за трговските друштва, особено член 193, овозможува учесниците да договараат удели независно од размерот на влоговите. Ова значи дека преговорите не само што утврдуваат вредност, туку и реална потврда на таа вредност од страна на инвеститорот.
Потребни ли се и какви промени се неопходни во законскиот сегмент за потенцијално да се зголеми атрактивноста на македонската стартап сцена за инвестирање?
За почеток, потребно е надлежните министерства каде што припаѓаат одредени Закони да ја разберат проблематиката со која се соочуваат стартап компаниите. Откако проблематиката ќе се разбере, истата ќе може соодветно да се адресира.
Во моментов имаме неколку активни иницијативи преку кои се среќаваме со претставници на Министерства, разговараме и презентираме за предизвиците и можните решенија како тие предизвици да се надминат.
Што други ни недостига на стартап сцената? Како човек кој што долги години ја следи истата кое е твоето мислење, препорака?
Овој одговор е стандарден меѓу сите учесници во стартап заедницата, а тоа е дека ни е потребен добар пример на успешен стартап кој ќе достигне вредност од 100 милиони. Потребен ни е добар пример на успешен инвеститор, кој направил „exit“ – успешен излез од стартап компанија во која инвестирал, преку продажба на својот удел. Потребни се вакви приказни кои ќе инспирираат не само други стартап основачи, туку и системот во целост.