Интервју со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин
Нови
Амбасадорке Деновиве во Скопје се одржа изложбата ‘Fashion. Forever’ на која беше презентирано како шведски модни дизајнери, претприемачи и истражувачи ја обликуваат циркуларната модна индустрија? Може ли да ни кажете нешто повеќе за настанот и каков интерес предизвика истиот? Што се се случуваше во Лабораториум?
Изложбата Fashion Forever минатата недела во Лабораториум ги истакна иновативните пристапи кон одржливата мода и го покажа патувањето на Шведска кон циркуларна економија. Бевме многу задоволни што видовме дека изложбата привлече разновидна толпа модни ентузијасти, професионалци од индустријата и студенти. Со изложбата сакавме да ги поттикнеме присутните да замислат иднина каде модата е одржлива, уникатна и стилска. Во Шведска upcycled или користената облека – или pre-loved претходно сакана облека како што е исто така познато! – се врв на модата.
Како амбасада организиравме и практични активности, како што се размена на облека и кафуле за поправка на облека (Clothes Swap и Repair Cafe). Двете овие активности беа инспирирани од шведските традиции, како и од новото размислување со поглед нанапред, во согласност со циркуларната економија.
Преку изложбата и овие активности, сакавме не само да ја подигнеме свеста за влијанието на модната индустрија и однесувањето на потрошувачите, туку и да ја инспирираме и поддржиме зелената транзиција со истакнување на убавината и изводливоста на модата која трае – или модата засекогаш – каде што нашите стилот не ја загрозува нашата иднина. Ова е основната порака што сакавме да ја испратиме со нашите активности на Fashion Forever.
Среќни сме што гледаме дека и изложбата и нашите работилници привлекоа голем интерес кај македонската младина. Тие се оние кои ќе го водат патот кон поодржлива иднина.
Оваа изложба е подготвена од Шведскиот Институт и ја објаснува транзицијата од линеарна кон циркуларна економија. Кажете ни нешто повеќе за Институтот и за значењето на самата изложба која имавме можност да ја видиме и во Скопје
Шведскиот институт е јавна агенција која работи на промовирање на Шведска врз основа на некои од нашите основни сили и вредности. Институтот исто така игра важна улога во нашата меѓународна соработка.
Изложбата што Амбасадата ја курираше во Лабораториум како дел од Модниот викенд е создадена од Шведскиот институт со цел да се истакне циркуларната економија и одржливите и иновативни трендови кои се појавуваат во шведската модна и текстилна индустрија.
Преминот од линеарен во циркуларен модел кој ги зачувува ресурсите е од витално значење за справување со глобалните еколошки предизвици. Изложбата не само што ги прикажа шведските иновации на одржлив начин, туку служеше и како платформа за инспирација на одржливи практики на локално ниво.
Со споделување на овие идеи, се надеваме дека ќе поставиме основа за повеќе соработки од овој вид и ќе ги охрабриме засегнатите страни од Северна Македонија да истражуваат слични иницијативи за подобрување на одржливата индустрија и практиките за живеење овде.
Може ли да ни кажете нешто повеќе околу концептот на циркуларна модна индустрија. Се чини дека новите трендови во економијата и заситеноста од конзумеризам драстично ја менуваат модната индустрија во целина? Колку тоа е навлезено во Шведска и на каков начин? Како всушност се одвиваше самиот процес на транзиција од линеарна кон циркуларна текстилна индустрија?
Правилно забележувате дека трансформацијата на модата веќе се случува. Клучен двигател е тоа што потрошувачите сакаат да направат одговорен избор. Производителите и трговците, водечките брендови, иновативните стартапи и етаблираните играчи се обврзуваат на храбри цели за обновлива енергија, циркуларност и зачувување на ресурсите. Сепак, има уште многу да се направи и во Шведска, и од индустријата и од потрошувачите за целосно да се случи модната трансформација.
Сепак, циркуларната мода навистина стана начин на живот во Шведска. Швеѓаните се повеќе даваат приоритет на одржливоста во нивните модни одлуки и навики за купување. Имаме цели продавници и трговски центри посветени само на половни и стари артикли – но ако ги погледнете, никогаш нема да откриете. Нема компромис за стилот или шопинг искуството. Трајната, а не брзата мода е претпочитан избор, особено кај младите кои бараат уникатен стил.
На нашиот премин од линеарна во циркуларна текстилна индустрија, го имаме многу интересниот пример на Борос. Овој град беше шведски центар за производство на текстил до доцните 1960-ти, кога судбоносната комбинација на технолошки промени, еволуцијата на трошоците за производство и зголемената меѓународна конкуренција создадоа текстилна криза што го наруши европското примарно производство на текстил. Како одговор на овој колапс, градот Борос имаше за цел да го придвижи синџирот на вредност преку инвестирање во дизајн, образование, квалитет, иновации, маркетинг и логистика.
Целата работа вложена во текот на годините од страна на граѓаните, градските и националните власти, приватниот сектор и другите релевантни чинители го трансформираа градот, толку многу што тој сега е модел за остатокот од светот – активен и континуиран дијалог меѓу работниците , бизнисите и владата е клучот за да се обезбеди праведна транзиција.
Сега, националната платформа за одржлива мода и текстил создава момент со поглед свртен нанапред во Шведска. “Текстил и мода 2030” е иницијатива поддржана од Владата, предводена од Универзитетот во Борос – кој е наш текстилен центар – во соработка со организации како што се Шведската школа за текстил, Паметни текстили, Научен парк Борос, Истражувачки институт на Шведска (RISE) и други. “Текстил и мода 2030” има за цел да тестира и проучува различни техники на одржливи модни поставки кои се во непосредна близина на индустријата или потрошувачите – или и двете. Нејзината цел е да открие како лекциите од малите достигнувања за одржливост може да се пренесат на светската сцена.
Дали македонската текстилна индустрија имаше можност да ги види овие примери? Дали можеби се воспостави соработка меѓу двете земји на темава? Како шведското искуство во иднина може да се пренесе и во македонската текстилна индустрија?
Мило ми е што прашавте! Сметаме дека македонската текстилна индустрија може да има голема корист од искуството на Шведска и во усвојувањето на принципите на циркуларната мода. Искуствата на Шведска, како она на Борос, може да послужат како модели за трансформација на текстилната индустрија во Северна Македонија.
Трансформацијата на Борос во центар на циркуларни текстилни иновации, нуди силен пример за Штип, кој има за цел да усвои слични практики, кои би можеле да се шират и низ целата земја. Шведска, преку својата финансиска поддршка на Програмата на Центарот Олоф Палме, придонесува за работата на Гласен Текстилец во нејзините напори да го промовира правото на пристојни работни услови.
За таа цел, претставници од Борос двапати ја посетија Текстилјада за да го споделат своето знаење, а на студиска посета во Борос отиде и Делегација од Северна Македонија, составена од претставници од општинската и централната власт, индустријата, Кластерот за текстил, како и од образовните институции. Со нетрпение очекуваме да видиме дека оваа соработка расте и ќе донесе промени и придобивки и за Северна Македонија и за Шведска.
Текстилната индустрија во Северна Македонија е интересна и за шведските модни брендови кои сакаат да произведуваат во Европа. Нивниот стремеж за повеќе еколошки и социјално одржливо производство за да се задоволат барањата на потрошувачите и европските стандарди, исто така, ќе и помогне на текстилната индустрија овде во транзицијата и во тоа да стане поодржлива. Сметаме дека тука има вин-вин ситуација, односно со придобивки и за шведските компании, и за македонските бизниси и за текстилни работници, но суштински и за животната средина.
Интересна е вклученоста на текстилните училишта од земјава во активностите на Fashion Weekend. Кажете ни што правеа најмладите креативци во рамки на иницијативата Re:Code school design challenge?
Во сите наши активности бараме начини да ги вклучиме младите. Се чини дека младите генерации се посвесни и постраствени за заштита на животната средина и имаат уникатни перспективи и иновативни идеи што можат да ги понудат.
Како дел од активностите Fashion Forever, во соработка со Македонската модна асоцијација го создадовме предизвикот Re:Code School Design, каде ги поканивме учениците од македонските текстилни средни училишта да создадат облека што ќе ја носам јас.
Задачата беше да се разбере и да се разгледаат мојата работа и нејзините барања, но уште поважно е да се создаде облеката преку upcycling, пренамена и повторното користење на отпадот од производството на текстил или старата облека.
Во моите интеракции со нив ги охрабрив да вградат во нивните дизајни нешто од прекрасните традиции на Северна Македонија.
Во текот на еден месец ученици од училиштето „Димитар Мирасчиев“ од Штип, „Таки Даскало“ од Битола и „Нико Нестор“ од Струга конципираа, дизајнираа и креираа одржлива облека. Проектите на студентите ја истакнаа креативноста и одржливото размислување, нагласувајќи ја важноста од интегрирање на циркуларните принципи во модното образование. Оваа иницијатива им овозможи на студентите да стекнат практично искуство во одржлив дизајн, премостување на учењето во училница со апликации од реалниот свет и поттикнување на нова генерација на еколошки свесни дизајнери.
Нивната облека стана дел од нашата изложба Fashion Forever за време на Модниот викенд Скопје, каде посетителите можеа да гласаат за нивниот омилен фустан. Ќе ми биде чест да ја носам победничката облека од овој предизвик! Секое парче е полно со креативност и со нетрпение очекувам да носам уникатно парче што ќе ја отелотвори силната соработка меѓу нашите земји, заедничката страст за одржливост и моќта на младите. Бев многу пријатно изненадена од она што овие студенти го произведоа за толку кратко време и од нивниот талент. Сигурна сум дека уште многу ќе видиме од нив кога станува збор за одржливата мода!
Интересни беа и настаните кои вклучуваат поправка или размена на облека, како концепти кои во минатото беа многу позастапени. Каков беше интересот за овие настани и што всушност е пораката од истите?
Растејќи во Шведска, можев да видам како нашите баби ќе се соберат за она што го нарекуваме Syjunta – шведски шивачки круг каде, традиционално, главно жени се собираат за да шијат, плетат, поправаат и споделуваат вештини. За мојата генерација, оваа практика за жал изгледаше како нешто од минатото, но со задоволство можам да кажам дека следната генерација во Шведска ја прифати. Станува збор за повеќе од само шиење; се работи за поттикнување на заедницата, креативноста и одржливите практики на живеење. И убав муабет на кафе додека го правиме тоа, се разбира.
Шведската амбасада со задоволство го донесе овој концепт на Модниот викенд Скопје, со Syjunta Repair Café, нудејќи практичен начин да го продолжиме животниот век на нашата облека, а притоа да не правиме компромиси со модата.
Друг концепт што сакавме да го истакнеме е тој за размена на облека – Fika Clothes Swap. Секој од нас има барем едно парче облека кое некогаш било омилено парче во својата гардероба, нешто што престанавме да го носиме или ретко го носиме, па зошто тогаш да не го понудиме на друго лице наместо да го фрлиме. Замената на облеката промовира повторна употреба наместо фрлање – луѓето ја носат својата сакана облека и се добредојдени да изберат од она што другите го донеле. Она што останува потоа се донира на ранливите групи.
Замената на облеката и работилницата за поправка покажаа како модата може да биде и експресивна и функционална, истовремено поддржувајќи ги целите на заедницата и животната средина.
Среќни сме што двата настани привлекоа многу добар интерес и кај младите и кај не толку младите. Имам учествувано во слични настани за време на претходните мои мандати. Еднаш при една таква размена добив плетен жолт кардиган и го донесов со мене во Скопје. Некако парчињата што ги имате стекнато на овој начин имаат приказна, за разлика од облеката што ја купувате во продавниците. Мојот кардиган дојде од мојата пријателка Сабера, која сега е во САД. Така, кога го носам овој кардиган, мислам на неа!
Со сите овие активности Шведска се обидува да направи промена и во другите земји, да поттикне свесност за тоа колку ресурси се трошат за модната и воопшто конзумеристичката индустрија. Колку ова допира до луѓето? Гледате ли промени?
Гледаме промени, да, особено кај помладите генерации. Тие многу побрзо ги прифаќаат одржливите потрошувачки практики и влијаат на навиките на нивните семејства со тоа што се одговорни потрошувачи, така што имаат ефект на мултипликација, ако можам да кажам. Всушност, моите деца се многу пред мене и ме научија многу за повторна употреба и за upcycling.
Гледаме, исто така, зголемен интерес од страна на индустријата за трансформирање и примена на одржливи практики низ нивните процеси и синџири на вредност. Но, треба да се засилат напорите, ако сакаме да имаме одржлива иднина и да го намалиме влијанието на модата врз нашата животна средина.
Соработката и партнерствата меѓу индустријата и академската заедница, но и меѓу бизнисите се клучни во овој процес за да се постигнат промените.
Би сакала овде да истакнам една ваква соработка каде што гледаме дека промената веќе се случува, која исто така беше дел од нашата изложба и активности Fashion Forever. Имено, шведската компанија „Shepherd from Sweden“ која соработува со текстилната фабрика „Димко Митрев“ од Велес за производство на висококвалитетни производи од овча кожа и волна како што се влечки, ракавици, капи, шалови, но и парчиња мебел. Тие се обврзаа на одржливост во нивните операции и процеси како што се намалување на отпадот, користење на обновливи извори на енергија и зачувување на ресурсите со повторна употреба на вода преку нивната модерна постројка за третман на отпадни води во фабриката во Велес.
Како дел од шведската програма за реформска соработка во Северна Македонија, се спроведува проект преку шведската фондација Kvinna till Kvinna и од страна на Гласен Текстилец, чија цел е економско зајакнување на жените и девојките со фокус на текстилната индустрија. Преку овој проект, младите студентки по дизајн имаа можност да работат под менторство на искусни македонски дизајнери за да произведат одржливи парчиња облека кои исто така беа претставени на пистата на Моден викенд во Скопје, а потоа беа ставени на аукција чии приходите ќе бидат наменети за добротворни цели.
Како што можете да забележите, веќе многу е сработено, и тоа ги инспирира чинителите во оваа област да ја забрзаат транзицијата кон целосно одржлива модна индустрија.
Кои ќе бидат следните активности во Македонија во оваа насока?
Fashion Forever беше продолжение на нашите активности Pioneer the Possible од минатата година каде одржливоста и младинското претприемништво беа исто така во фокусот и планираме да продолжиме да работиме на тие теми. Креациите на младите дизајнери кои беа дел од нашиот проект Fashion Forever ќе ги истакнеме на нашиот прием на крајот на годината во декември.
Ќе бидеме домаќини и на работилницата „Mindshifters“ за зајакнување на младите во областа на одржливиот развој во партнерство со младите од младинската организација Млад Знак. Покрај тоа, ние исто така продолжуваме со нашите Electionville активности во Europe House во Струга и Куманово – тоа е активност каде што се ангажираме со младите за демократија и локално управување користејќи гејмификација. Учесниците ќе играат игра во која ги преземаат улогите на општински советници и ќе управуваат со фиктивен град наречен Electionville. Ова е забавен начин да се научи за локалната демократија, и го правиме во вистинското време со оглед на локалните избори следната година.
Но, уште поважно, се надеваме дека иницијативата Fashion Forever ги инспирираше младите луѓе и пошироката заедница да ја согледаат вредноста во повторното користење и одржливоста, поттикнувајќи колективен напор кон подобар свет.
Преку прикажување на потенцијалот за надградба, поправка и преиспитување на потрошувачката, имаме за цел да го разгориме интересот за овие идеи и да поттикнеме понатамошни иновации. Нашата надеж е дека младите, особено, ќе ги носат овие концепти овде во Северна Македонија, носејќи свежи идеи за позитивно влијание и на локално и на глобално ниво.
И доколку има некои млади Македонци кои имаат идеи на овие теми и би сакале да предложат евентуална соработка со Амбасадата, добредојдени се да стапат во контакт. Би сакале да ги слушнеме нивните размислувања!