Креирањето на содржина во маркетинг цели не е нов тренд. Уште од создавањето на првите социјални мрежи, креирањето на промотивни пораки доживеа значајни промени прилагодувајќи се на новиот начин на комуникација со публиката. Во денешно време, содржина креирана од брендови е насекаде околу нас. Сите се обидуваат да остварат контакт со публиката, да креираат заедници и да се поврзат со нивните потенцијални потрошувачи. Но, ретки успеваат во тоа.
Со Бојана Завкова, Strategy Manager и Марко Ѓурѓиќ, Production Manager, партнери во маркетинг агенцијата MOVEMENT разговараме за најновите трендови во развојот на содржини, причините за успех на овој вид на комуникација и нивните предвидувања и очекувања од иднината.
Новинар – Верица Јорданова
Бојана, што ја прави една содржина да биде успешна? Постои ли „формула“ за успех?
Бојана: За жал, не постои предефинирана „формула“ за успех која одговара на сите брендови 😊 Од една страна секоја индустрија и тип на производ и услуга си носат свои специфики, а од друга страна публиката на секој бренд е различна, со свои демографски и бихевиорални карактеристики па со тоа и со свои преференции за содржините кои ги „консумира“. Во работата со клиенти ние секогаш ги земаме предвид овие аспекти и пристапот на комуникација го прилагодуваме на нив, со соодветни насоки и предлози за содржини кои треба да се креираат.
Бидејќи да, ние може да кажеме дека во моментот short-form видеа се меѓу најпопуларниот формат на содржина, но тоа не значи дека секој бренд ќе има успешна комуникација со публиката само доколку продуцира кратки видеа.
Видео содржините се веќе неколку години актуелен начин на комуникација на компаниите. Што сметате дека е неоходно една компанија да знае и да подготви пред да започне со креирање на видео содржина?
Марко: Основно е да работат плански. Пред сѐ потребно е добро да ја запознаат својата целна публика и да заборават на пристапот „ги таргетираме сите од 7 до 77 години со истата содржина“. Овој начин не функционира повеќе. Неопходен е адаптиран пристап, уникатен за секоја целна публика. Едноставно, дете на 17 години има едни цели во животот, додека родител на 40 години има сосема други. Детето најверојатно сака дружба и да биде постојано надвор со пријателите, додека родителот по напорен ден од работа сака да дојде дома и да одмори. Немаат ист начин на живот, интереси, приоритети, не може со ист тип на видеа да ги придобиеме двете целни групи.
Ова е почетното нешто кое им го објаснуваме на клиентите кога држиме обуки за нивните интерни тимови. Потоа продолжуваме со процесот на подготовка за снимање на едно видео. За која цел се снима видеото, кој е проблемот кој го решава, каков тон на комуникација се користи, каков формат е потребен…
Добрата подготовка според нашето искуство е 80% завршена работа за квалитетно финално видео. Колку подобра подготовка, толку полесна реализација и пост-продукција.
Во MOVEMENT работите на креирање на содржина за многу различни профили на клиенти. Како „откривате“ што е тоа што му е потребно на клиентот и неговата публика?
Бојана: Нашиот пристап е секогаш најпрво да направиме темелна анализа и истражување на индустријата, конкурентите, моменталната перцепција за брендот и неговата досегашната комуникација, па потоа согласно резултатите и заклучоците, продолжуваме со изработка на комуникациска стратегија која ќе одговара и на брендот и на неговата публика, и од која понатаму произлегуваат и сите типови на содржина кои треба да се креираат.
Bo оваа фаза, многу е важна и подготвеноста на клиентите отворено да ги дискутираат сите овие аспекти и отворено да пристапат во процесот на брифирање. Како агенција секогаш сме отворени и за дополнителна едукација во форма на тренинзи или обуки, како на клиентите би им го пренеле нашето знаење и искуство, за и тие подобро да ја разберат својата публика и понатаму да можеме заеднички да креираме подобри содржини и поефективна комуникација.
Марко, повеќе од 20 години работите аудио продукција. Кои се најголемите разлики кои можете да ги воочите од тогашниот пристап кон продукцијата во маркетинг цели и денес? Дали со напредокот на креирањето на содржина се јавија нови предизвици?
Марко: Во минатото аудио и видео продукцијата беше привилегија на мал број луѓе. Со алатките кои денес ги имаме на располагање секој може да креира содржина. И тука имаме нов предизвик. Не секој посветува доволно време на едукација и недоволно се следат трендови, за да може да се испорача содржината која одговара најмногу за дефинираната таргет група. Ако треба да дадам совет тоа би било континуирана едукација, следење на актуелности и трендови и постојано тестирање на новите формати за да бидеме во чекор со времето. Во MOVEMENT се трудиме времето кое секако го поминуваме на мобилните телефони да го насочиме кон гледање и читање на актуелности од нашата професија. Клиентите кои го разбрале нашиот пристап добиле резултати, а клиeнтите кои не го разбираат пристапот и доцнат со промените во начинот на размислување, во перцепцијата на купувачите бледеат и не се повеќе прв избор.
Како успевате секогаш да сте во тек со сите моментални трендови? Брзината со која актуелностите во оваа сфера се менуваат е неверојатна, што е потребно да се прави за да може секогаш да сте во тек?
Бојана: Веќе не е ни само да сме во тек со трендовите, туку да бидеме и пред нив, да ги предвидиме или во најдобар случај и да ги поставиме. Брендовите навистина имаат моќ да ги дефинираат трендовите, да постават стандарди за комуникација, да диктираат што е она што е актуелно. Тоа сме го виделе многу пати кај големите светски брендови, но може да го прават и помали локални брендови. Потребна е само поголема флексибилност и храброст од страна на компаниите.
Нашата работа како агенција е да ги поттикнуваме и водиме во процесот, а за да го правиме тоа мора секојдневно да следиме, читаме, учиме и истражуваме. За нас ова е буквално дел од описот на работно место во која било креативна агенција и единствен начин на клиентите да им понудиме најдобри маркетинг и комуникациски решенија.
Кога зборуваме за иднината неминовно е да се спомне влијанието на вештачката интелигенција. Како ВИ мометнално влијае на продукцијата и дали гледате други значајни промени во иднината?
Марко: ВИ ја менува сегашноста, а допрва ќе ја менува и иднината. Ќе ги земам за пример алатките Firecut.ai и Аutopod.fm. Сите кои работат поткасти знаат дека делот со монтажа одзема многу време. Со овие алатки сите резови се прават автоматски и дополнително помагаат да се избришат празните места каде што нема зборување. На овој начин процесот за работа на монтажерот драстично се намалува, со што ефективноста се зголемува. Нудат и доста други можности и сетинзи, но би оставил нешто и читателите да тестираат.😊
Каде ја гледате иднината на креирањето содржина? Што нѐ очекува во следните 5 години?
Бојана: Персонализација на комуникацијата и шопинг искуството, автентични содржини кои ги отсликуваат вредностите на брендовите, „raw“ содржини т.е. содржини кои не се едитирани до совршенство, туку ги претставуваат брендовите во малку поприроден сетинг во кој публиката може да се препознае, како и понатамошен раст на видео и аудио содржини.
Она што е многу важно да се спомене е дека GenAI многу ќе го олесни и унапреди процесот на креирање на содржини, но сепак неопходно во креираните содржини да се почувствува оној вистински human touch, бидејќи тој е тој кој поттикнува емотивна реакција кај публиката. Луѓето остануваат во центарот на комуникациите, и брендовите треба да се насочат кон содржини кои се оригинални и да кажам „приземјени“.
Од неодамна започнавме со серијата мали, неформални, месечни настани “Coffee with MOVEMENT” каде што разговараме токму на актуелни и идни трендови за маркетинг и комуникација, па еве и отворена покана да ни се придружите 😊