Подводниот свет во близина на брегот на северна Австралија крие остатоци од древна земја во која некогаш живееле илјадници луѓе. Ова откритие отвора ново поглавје во разбирањето на древните цивилизации кои некогаш ги населувале сега потопените пространства.
Тимот истражувачи, предводен од д-р Касих Норман од Универзитетот Грифит, фрли ново светло на оваа одамна изгубена област. Се смета дека заедниците кои живееле на северозападниот континентален гребен биле единствени во нивните адаптации и начинот на живот. Потонатиот континент, сега покриен со океан, раскажува приказна за преживување, миграција и постојано прилагодување на природните промени.
Во близина на северниот брег на Австралија откриени се траги од копно, некогаш дом на половина милион луѓе. Потопениот континентален гребен, кој до пред неколку илјади години бил дом на бројни заедници, се простира на огромни 390.000 квадратни километри, што е поголема површина од денешниот Нов Зеланд, пишува Indy100.
Студијата, предводена од д-р Касих Норман од австралискиот универзитет Грифит, открила дека овој пејзаж е неверојатно богат и комплексен, различен од денешниот австралиски простор, но населен со популации кои споделуваат слични јазични и културни изрази со оние во блиските области. Потонатиот масив бил поврзан со денешните региони Западен Арнем и Северозападен Кимберли, а неговите траги се уште се наоѓаат под морските бранови.
Крајот на последната ледена доба, пред приближно 18.000 години, означил нагло зголемување на глобалните температури и последователно зголемување на нивото на морето. Како резултат на тоа, делови од античкиот суперконтинент Сахула се разделиле, создавајќи ги сегашните територии на Австралија, Нова Гвинеја и Тасманија.
Иако долго време се сметаше дека потопените континентални полици се сиромашни со ресурси, неодамнешното истражување фрли сомнеж врз таа претпоставка. Бројни острови долж австралискиот брег, кои некогаш биле дел од овој голем појас, откриваат археолошки докази за антички живеалишта.
Кога Норман и нејзиниот тим ја презеле оваа студија, археолозите имале само теории за животот на оваа исчезната почва. Сепак, резултатите од истражувањето покажуваат дека оваа област била исклучително богата со разновидни живеалишта, вклучувајќи архипелази, реки, па дури и големо внатрешно море.
Мозаикот од слатководни и солени подрачја, како што го опишуваат истражувачите, понудил поволни услови за живот. Еден од најважните аспекти на овој пејзаж е внатрешното море на Малита, кое постоело околу десет илјади години, покривајќи повеќе од 18.000 квадратни километри. Анализата сугерира дека оваа област можела да издржува меѓу 50.000 и 500.000 луѓе во различни историски периоди.
Најголемата густина на населеност е забележана за време на последната ледена доба пред околу 20.000 години, кога целиот гребен бил изложен и достапен за живот. За да ја реконструираат оваа слика од минатото научниците користеле мапи со висока резолуција на дното на океанот за да го проектираат минатото ниво на морето, откривајќи дека ниското ниво на морето создало архипелаг од острови што ги поврзува Сахула и индонезискиот остров Тимор.
Овие острови се формирани пред 70.000 години и останале стабилни неколку милениуми, дозволувајќи им на луѓето да мигрираат од Индонезија во Австралија. За време на последната ледена доба поларните ледени капи се прошириле и нивото на морето паднало за 120 метри, изложувајќи ја оваа земја за прв пат по стотици илјади години.
Меѓутоа, кога завршила ледената доба, нивото на морето повторно се зголемило, потопувајќи ја и принудувајќи го населението да се пресели. Научниците веруваат дека овој процес на повлекување и преселување довел до развој на специфични културни изрази, како што се уникатните стилови на карпеста уметност во Кимберли и Арнем.
Првите нации на Австралија сведочат за овие настани со приказни пренесени повеќе од 10.000 години. Овие нови наоди само дополнително потврдуваат колку е клучно да се вклучи знаењето на домородните народи во разбирањето на минатите климатски промени, истакнуваат истражувачите.
(Indy100)
(фото: Greater Adria)