Фолната киселина ќе биде додадена во интегралното пченично брашно во Велика Британија за да се спречат вродени дефекти, пишува ВВС. Додавањето фолна киселина во брашното би можело да спречи околу 200 случаи на дефекти на невралната туба, како што е спина бифида, секоја година и да го подобри здравјето на бремените жени, велат од британската влада.
Владата на производителите им дава рок до крајот на 2026 година да направат прилагодување на новите правила. Идните мајки и жените кои се обидуваат да забременат треба да продолжат да земаат додатоци на фолна киселина – синтетичка верзија на фолати – како што моментално советуваат лекарите.
Фолната киселина е особено важна во раната бременост бидејќи помага во правилниот развој на мозокот, черепот и ‘рбетниот мозок на детето.
Експертите, од кои многумина со години повикуваат на овој потег, ја поздравија одлуката на владата
Соопштението следи по здравствените подобрувања во други земји, како Австралија и Канада, каде што оваа пракса веќе се применува.
Некои, пак, велат дека промената не оди доволно далеку. Други експерти велат дека ова ќе им наштети на групите како што се жените кои се чувствителни на глутен, јадат ориз наместо леб и интегрални производи.
Фолната киселина, позната и како витамин Б9, се наоѓа во секојдневната храна како грав и зелен зеленчук, што значи дека повеќето луѓе добиваат доволно од редовна, здрава исхрана.
Покрај тоа, Националната здравствена служба на Обединетото Кралство (NHS) препорачува жените кои се обидуваат да забременат да земаат додатоци на фолна киселина приближно три месеци пред бременоста и најмалку 12 недели по зачнувањето. Оваа препорака ќе остане во сила.
Се проценува дека половина од сите бремености во земјата се непланирани. Затоа, збогатувањето на брашното ќе помогне да се зголеми внесот на фолна киселина кај населението и индиректно, подобро да се заштитат неродените бебиња.
Независно советодавно тело на Владата ги проучи сите докази и е задоволно од одлуката за збогатување на брашното и ја смета за правилен начин на дејствување за целото општество. Брашното е веќе збогатено со калциум, ниацин, тиамин и железо за да се подобри јавното здравје.
(BBC)
(фото: Freepik)