Вештачката интелигенција ќе ја трансформира глобалната економија, но дали ќе биде во корист на човештвото?

- Advertisement -

За влијанието на вештачката интелигенција (ВИ) врз општеството, економијата и пазарот на трудот зборувавме со Стивен Езел од Фондацијата за информациска технологија и иновација од САД во поткастот кој го модерираше Кристијан Трајковски од Центарот за истражување и креирање политики.

Секоја индустриска револуција е поттикната од нов изум или начин на производство што предизвикува радикална промена во процесот на создавање вредност. Денес сме на прагот на технолошка револуција, Индустрија 4.0, која не само што има потенцијал да влијае на зголемување на продуктивноста, туку и дава можност за зголемување на приходите за производителите и давателите на услуги, преку намалување на трошоците и оптимизација на процесите, а со тоа и поттикнување на глобалниот економски раст. Употребата на ВИ, обработката во облак, анализата на масивни податочни бази, користењето сензори, автоматизацијата и компјутерски дизајнираните софтвери ги трансформираат индустриските сектори. Влијанието на овие промени е комплексно и тешко предвидливо, што истакнува потреба од подобро разбирање на нивните ефекти врз општеството.

- Advertisement -

Освен тоа што овие технологии го преобликуваат начинот на живот, работа и комуникација, носат и ризици како замена на работниците или автоматизација на работни места, што може дополнително да ја продлабочи нееднаквоста на пазарот на трудот.

Во текот на разговорот, Езел презентираше убедливи податоци кои го покажуваат проектираниот придонес на ВИ во глобалната економија до 2030 година од 15,7 трилиони долари, вклучително и 6,6 трилиони долари добивка во продуктивноста и 9,1 трилиони долари зголемена економска потрошувачка. Конкретно за Јужна Европа, вештачката интелигенција се очекува да претставува 11,5% од регионалната економија до крајот на деценијата.

- Advertisement -

„Веројатно нема да бидете заменети со робот, но можеби ќе ве замени некој кој знае како да користи вештачка интелигенција и кој знае како да ја заврши вашата работа“, нагласи Езел, истакнувајќи ја клучната важност на адаптацијата на работната сила. Тој ги посочи револуционерните имплементации низ индустриите, вклучително и производствениот погон на Fanuc во Јапонија, каде што осум роботи кои учат и работат заедно го намалиле времето за завршување на задачите од осум часа на само еден час.

Езел нагласи дека вештачката интелигенција не претставува директна закана за работната сила, туку можност за нејзино проширување и подобрување. На пример, неодамнешна студија на ОЕЦД, спроведена на 5.300 работници од производствениот и финансискиот сектор, покажала дека 80% од корисниците на ВИ забележале подобрување на перформансите на работа, додека само 8% пријавиле влошување. Студијата открива дека ВИ не ги заменува работните места, туку го трансформира начинот на кој задачите се извршуваат, овозможувајќи поголема ефикасност и продуктивност.

- Advertisement -

Здравството е уште еден сектор каде што ВИ има потенцијал за повеќенаменска примена. Езел сподели пример за компанијата Grail од Калифорнија, која користи ВИ во комбинација со органска хемија. Со користење на течна биопсија, со едно земање крв можат да откријат над 50 различни видови рак со 99% степен на специфичност и прецизност, и да го следат тој сигнал за рак до ткивото од каде потекнува болеста со 88% точност.

Несомнено, со цел прилагодување кон овие непредвидливи и брзи технолошки промени и нивно насочување во корист на човештвото, потребно е создавање сет политики и мерки за безбедно и одговорно користење на овие технологии. Овој сет мерки ќе овозможи побезбедно и поодговорно искористување на целосниот потенцијал на ВИ, зголемување на довербата во новите технологии, без притоа да се наметне претерана регулација која би можела негативно да влијае врз економскиот раст и развој.

На поткастот Езел го изрази својот оптимизам за примената: „Се надевам на европската политика и нивниот поглед на вештачката интелигенција, каде принципот на прифаќање на иновациите ќе го подобри општеството“.

Додека вештачката интелигенција продолжува да го преобликува глобалниот свет, Езел истакна дека успехот лежи во постигнувањето на вистинската рамнотежа помеѓу технолошките иновации и човечките способности. Клучот за оваа трансформација ќе биде да се осигура дека развојот на работната сила ќе биде во чекор со технолошкиот напредок, создавајќи иднина каде што вештачката интелигенција го зголемува, наместо да го замени човечкиот потенцијал.

Линк до поткастот https://www.youtube.com/watch?v=5r_gPLGFRnQ

Сподели!
- Advertisement -