На 14 и 15 декември, во кино Фросина во МКЦ, во организација на Пакомак, ќе се одржат
уникатни еко-магионичарски претстави со Кристиан Шопов, познат како Magic Kiko, кои ги
спојуваат световите на магијата и екологијата. Овие претстави имаат за цел, преку интерактивна
забава и едукација, да ги инспирираат и едуцираат најмладите за селектирањето и
рециклирањето.
Претставите се наменети за деца над 4 години и ќе се одржуваат во 13:00, 17:00 и 19:00 часот на
двата дена. Овој проект е своевидно патување низ светот на магијата, кое носи еколошка порака
на креативен и лесно разбирлив начин. Децата ќе научат како, со мали чекори, можат да направат
големи промени за зачувување на природата.
Режисер и кореограф на проектот е Кренаре Невзати Кери, а копродуцент е Пакомак. Проектот е
поддржан од Министерството за култура, Швајцарската амбасада, Макстил, Виталија,
Меѓународната полициска асоцијација и ДИХТ.
Кристиан Шопов е најпознатиот македонски магионичар и илузионист, кој во 2017 година станува
и еко-магионичар, победувајќи на меѓународниот натпревар за зелени идеи. Тогаш се раѓа идејата
дека преку забава и игра може да се подигне свеста за екологијата, особено кај најмладите. Преку
фантастични магионичарски трикови и својата уметност, тој пренесува значајни пораки.
- Магијата е мост меѓу светот на фантазијата и реалноста. Со ова шоу, мојата цел е
да ја пренесам пораката дека секој од нас може да биде магионичар за нашата планета
– доволно е да започнеме со мали дела. Сакам да ги поканам родителите со своите деца
да дојдат на некоја од претставите, изјави Кристиан.
На претставите во кино Фросина децата ќе имаат можност да учествуваат во едукативни
активности кои ќе ги воведат во светот на рециклирањето и важноста на одржливиот животен
стил. - Ние во Пакомак веруваме дека иднината на планетата зависи од младите генерации.
Токму затоа постојано работиме на нивна едукација и подигање на свеста за
значењето на управувањето со отпадот. Преку ова магично шоу сакаме да ги
инспирираме најмладите и да им покажеме дека грижата за природата може да биде
забавна и возбудлива, изјавија од Пакомак.
За сите посетители кои ќе ја инсталираат мобилната апликација Екомак, следува подарок
изненадување кое ќе ги научи најмладите како и тие да станат магионичари и да изведуваат
едноставни магионичарски трикови.
Влезниците за претставите може да се набават на билетарата на МКЦ и онлајн на
www.bileti.mkc.mk