Ѕвездата FU Orionis, која се наоѓа на околу 1.360 светлосни години од Земјата, е двојно пожешка отколку што претходно мислеа астрономите, покажуваат податоците добиени од телескопот Hubble.
Всушност, областа каде што дискот што формира планета се среќава со површината на ѕвездата достигнува 16.000 келвини – три пати повеќе од површината на Сонцето.
Астрономот Адолфо Карваљо од Институтот Калтек заедно со неговите колеги верува дека областа околу ѕвездата е толку изненадувачки жешка бидејќи брзо ротирачкиот прстен од материјал околу ѕвездата, всушност, се трие на нејзината површина и создава земјотреси кои сјаат сто пати посилно отколку самата ѕвезда.
Судирот на млада ѕвезда и космички материјал создава многу непријатна средина, која е премногу експлозивна и спречува планети, како што се Земјата или Марс, да се формираат околу неа.
„Во таква космичка печка карпестите планети исчезнуваат или горат“, вели Карваљо.
Променливата ѕвезда FU Orionis е една од најбизарните новоформирани ѕвезди. Како и повеќето други млади ѕвезди, таа е опкружена со блескав диск од гас и прашина што на крајот ќе почне да се кондензира и да формира планети. Сепак, младата ѕвезда се храни со материјал од дискот и расте уште повеќе, голтајќи материјал што инаку би се користел за планети.
Како што гасот и прашината се движат околу ѕвездата, тие се вртат побрзо и побрзо, предизвикувајќи дискот да свети – карактеристика на она што астрономите ги нарекуваат ѕвездите „Т Таури“.
FU Orionis е чудна дури и за својата класа на ѕвезди, бидејќи нејзиниот диск е нестабилен. Ова веројатно се должи на количината на материјал во неа, а можеби и поради тоа што младата ѕвезда е дел од бинарен систем, па на неа влијае и гравитациското влечење на друга ѕвезда.
(N1)
(фото: Flickr)