Британскиот стартап Real Ice спроведува тестови на Арктикот за повторно замрзнување на морскиот мраз со пумпање морска вода на неговата површина, создавајќи дополнителни слоеви мраз. Првите резултати од заливот Кембриџ во Канада покажуваат ветувачки зголемувања на дебелината на мразот, но технологијата останува контроверзна и недокажана во поголем обем. Критичарите предупредуваат дека проектот може да има значителни еколошки ризици и да го одвлече вниманието од решавањето на основните причини за глобалното затоплување и климатските промени.
Real Ice разви иновативен пристап за зачувување на морскиот мраз со поставување на електрични пумпи под површината на мразот. Овие пумпи ја туркаат морската вода на површината, каде што се замрзнува и се формира нов слој мраз, кој наликува на големи површински барички. Покрај тоа, отстранувањето на снегот од врвот на мразот го елиминира неговиот изолационен ефект, што овозможува дополнително згуснување и раст на мразот од долната страна, објаснуваат од Real Ice.
Компанијата спроведува теренски тестови речиси две години. Првата фаза беше спроведена во Алјаска минатата година, со цел да се провери отпорноста на опремата на екстремни услови и нејзината функционалност. Од јануари оваа година тестовите продолжија во канадскиот залив Кембриџ, каде што зафатија површина од околу 4.100 квадратни метри и ја зголемија дебелината на мразот во просек за 50 см во споредба со контролната зона во периодот од јануари до мај, истакна Чеколини. Во меѓувреме, Real Ice планира да ја прошири својата технологија со користење на зелени автоматизирани беспилотни летала на водород, со цел да покрие површина од дури еден милион квадратни километри.
Понатамошни тестови и собирање податоци се планирани за 2025 година, а можноста за проширување ќе зависи од проценките на влијанието врз животната средина и финансирањето. Real Ice предвидува глобален фонд или модел на „заем за ладење“ за финансирање на операциите, доколку технологијата се покаже остварлива. „Се што правиме има последици. Проблемот е што последиците се многу подраматични ако ги оставиме работите да се одвиваат по својот тек“, велат од Real Ice.
Мразот на Арктикот ја рефлектира сончевата светлина и ги регулира глобалните температури, а неговата загуба ги забрзува климатските промени преку повратна врска, така што пристапот на Real Ice може да обезбеди привремена заштита од тие ефекти, но неговите еколошки последици остануваат неизвесни, како што истакнуваат многу научници. Патем, морскиот мраз на Арктикот се намали за 95% од средината на 1980-тите, оставајќи претежно тенок, млад мраз, што може да доведе до лета без мраз уште во 2030-тите.
(Bizlife)
(фото: Wikimedia)