Првата жена „министер“ во историјата на Ватикан

- Advertisement -

На 6 јануари поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, за првпат во историјата на Ватикан назначи жена за шеф на дикастерија, што би можело да се спореди со функцијата министер во други земји. Папата ја назначи Италијанката Симона Брамбила, калуѓерка од мисионерскиот ред на Конзолатот, за шеф на Дикастеријата за институции на посветен живот и општества на апостолски живот, објави Vatican News, нагласувајќи дека ова е историски настан.

Брамбила со години се занимавала со мисионерска работа меѓу младите луѓе во Мозамбик, а потоа докторирала психологија на Грегоријанскиот универзитет во Ватикан, каде што била и професорка.

- Advertisement -

До 2022 година, дикастериите се нарекуваа конгрегации, а водечките позиции секогаш беа резервирани исклучиво за мажи, имено кардинали и епископи. Од почетокот на неговиот понтификат папата Франциско го зголеми присуството на жени, и калуѓерки и лаици, во работите на Вартикан. Според податоците на Светата столица, нивниот процент се зголемил од 19,2% на 23,4% од 2013 до 2023 година.

Со апостолското послание Praedicate evangelium од 2022 година им овозможи на лаици, односно лица кои не се свештеници, вклучително и жени, а не како досега само кардинали и епископи, да водат дикастерии и да станат префекти. Во 2016 година папата ја назначи Барбара Јута за директор на Музејот на Ватикан, што вообичаено е позиција на лаици, а во 2022 година калуѓерката Рафаела Петрина за генерален секретар на државната управа на Ватикан. Во дикастериите има и неколку потсекретарки, а една жена е и заменик-директор на прес-службата на Ватикан.

- Advertisement -

Голем број жени заземаат истакнати позиции во Ватикан, што некогаш беше незамисливо. Бидејќи тоа го овозможи папата, неколку лица кои не се свештеници ги водат дикастериите, па така лаикот Паоло Руфини е на чело на „министерството“ за комуникации, а Кабаљеро Ледо раководи со ватиканската дикастерија за економија.

(Beta)

Сподели!
- Advertisement -