Во 12 од 14 земји на Европската унија, кои Заводот за статистика на ЕУ ги вклучи во својата анализа на пазарот на недвижности, бројот на продажби на станбени недвижности е намален во четвртиот квартал од 2022 година во споредба со истиот период во 2021 година. Најголемо намалување е забележано во Финска, со повеќе од 35 отсто. Во последниот квартал од минатата година, бројот на продажби се зголемил на Кипар за повеќе од шест проценти и во Белгија за речиси четири проценти (3,7).
Кога ќе се спореди третиот квартал од минатата година со истиот период во 2021 година, бројот на продажби на станбен имот во Кипар се зголемил за близу 40 проценти, во Ирска за речиси 10 проценти, во Бугарија за повеќе од седум проценти и во Шпанија за 2,5 проценти. Бројот на вакви трансакции е намален во третиот квартал во 10 земји, а најголемо намалување има Данска (28 проценти).
Земајќи ја предвид целата 2022 година, во однос на 2021 година, пораст на бројот на продажби на станбени недвижности е забележан во шест земји-членки на ЕУ, а намалување има во осум земји. Најголем раст е забележан во Кипар (повеќе од 27 проценти), Шпанија (шест проценти) и Бугарија (нешто помалку од шест проценти). Најголем пад на пазарот има Данска од речиси 30 проценти, Финска (повеќе од 17 проценти), Холандија (над 16 проценти) и Луксембург (повеќе од 15,4 проценти).
Нешто поинаква била ситуацијата во 2021 година во однос на 2020 година. Тогаш 16 земји доставувале податоци до Евростат, а во тој период бројот на трансакции се зголемил во 14 земји, а во две се намалил.
Најголем пораст на пазарот на недвижности е забележан во Шпанија (нешто над 39 отсто), Бугарија (39 отсто) и Ирска (над 22 отсто). Намалување е забележано во Холандија за близу три проценти и Луксембург – помалку од еден процент.
Кога се зема предвид просечниот квартален број на трансакции помеѓу 2015 и 2021 година, може да се забележат одредени сезонски обрасци меѓу земјите-членки на ЕУ. Така, бројот на продажби на станбени недвижности е најголем во четвртиот квартал во девет земји (Ирска, Кипар, Бугарија, Белгија, Австрија, Шпанија, Луксембург, Холандија и Португалија), додека станови најмногу се купуваат во вториот или третиот квартал во пет земји (Данска, Франција, Унгарија, Финска и Словенија).
Во 12 од 15 земји, односно во сите освен Данска, Унгарија и Полска, податоците покажуваат дека најмала активност на пазарот на недвижности има во првиот квартал.
Извор – Biznis.rs
Фото – Pixabay