Македонската софтверска компанија IBORN обезбедува инивативен систем за закажување прегледи во 38 клиники во Данска!

- Advertisement -

IBORN е иновативна софтверска компанија која на пазарот е присутна повеќе од една деценија. Нивниот главен фокус се заснова на развивање на решенија кои се справуваат со сложени деловни предизвици и градење ефикасни софтверски системи кои можат да се надградуваат, развиваат и да еволуираат со растот на потребите на пазарот.

Сопствениците на IBORN, Игор Стаматовски, Михаил Димитровски  и Злате Додевски велат дека целта им е да им помогнат на своите клиенти да го погледнат својот бизнис преку дигитален објектив, да ја ослободат вистинската моќ на софтверот и да дојдат до суштината на нивниот продукт кој го пласираат на пазарот. Посочуваат дека се стремат да бидат технички партнер на клиентите при што им обезбедуваат висококвалитетни софтверски решенија.

- Advertisement -

Новинар – Верица Јорданова

За почеток кажете ни какво беше вашето искуство со програмата за експертска поддршка на семејството Битов која се реализира преку “Македонија 2025“?

- Advertisement -

Се работи за Програмата за претприемачи на семејството Битов (Bitove Family Entrepreneurship program – Macedonia2025) со Каталист плус (Catalyste+) којашто препорачува експерти од Канада. Во септември одржавме двонеделна работилница со Жаклин Поасант за Value Proposition Canvas како дел од Business Model Canvas, за само еден сегмент што се занимава со делот за софтверски решенија во областа на здравственото осигурување.

Со неа детално работевме на Value Proposition Canvas, анализирајќи ги проблемите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите кои се нашите потенцијални клиенти. Како ИТ компанија, јасно ни е колку е важно да се има добро дефиниран процес, кој ќе овозможи структурирано и ефективно да се пристапи кон решавање на предизвиците. Затоа, бевме љубопитни да ја истражиме примената на оваа методологија што ќе ни помогне во подобрување на анализата на потребите на пазарот во соодветните индустрии.

- Advertisement -

Кој беше вашиот мотив да аплицирате за користење на оваа можност?

Северноамериканскиот пазар ни е потенцијал кој не го искористуваме и идејата беше да дознаеме како структурирано да пристапиме кон него. Сакавме да откриеме дали постоечкиот маркетинг процес е соодветен и за тој пазар или ќе треба да го адаптираме, но исто така, и да дознаеме како најдобро да ги структурираме продуктите и услугите за пазар кој што не сме го работеле, со информации од прва рака.

Дали сега, после неколку месеци, имате преземено некои чекори како follow up?

Апсолутно. Одлично беше и тоа што нашиот маркетинг тим веќе имаше солидно познавање од Value Proposition Canvas и го имаше применето во развивање на маркетинг стратегијата за нашиот прв продукт, Каило. Жаклин ни помогна да го утврдиме знаењето и да го имплементираме тој модел во сите аспекти, и маркетинг и продажба, односно да имаме еден унифициран модел, како појдовна точка и во двата сегмента.

Игор Стаматовски

Кои се во моментот клиентите на ИБОРН?

Работиме со клиенти од Европа, од развиени пазари како Холандија, Исланд, Данска, Германија и Велика Британија. Соработуваме со стартапи и глобални компании од различни индустрии, вклучувајки и осигурителна, здравствена, музичка индустрија, туризам, хортикултура и во делот на паметен дом (Интернет на нештата). Исто така имаме и наш продукт, Каило, за букирање на третмани и менаџмент на пациенти и нивните досиеја, којшто поддржува онлајн третмани и домашни посети. Овој продукт го користат мрежа од 38 клиники и најголемата приватна компанија за здравствено осигурурување во Данска.

Клиентите се лоцирани најмногу во Европа. Кои се пазари кои сакате во иднина да ги разработувате?

Како што веќе споменавме, целта е да се шириме кон Северна Америка (САД и Канада), но сакаме и да го утврдиме нашето присуство со нови проекти на постоечките пазари во Европа и да се прошираме во останатите скандинавски земји, бидејќи таму гледаме најголем потенцијал за раст и развој.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате?

Од аспект на раст и развој на бизнисот, нашиот најголем предизвик е да се издвоиме на исклучително конкурентниот пазар. Бидејќи и ние внимателно бираме со кого ќе работиме, главниот фокус ни е на долгорочни проекти со интересни технолошки предизвици и амбициозна визија за развој на продуктот. Една од причините за ова е бидејќи за нас е исклучително важно луѓето што работат во ИБОРН, да се среќни и мотивирани со проектите на кои работат. Доаѓањето до вакви проекти, само преку маркетинг, во толку конкурентен пазар, е навистина интересен предизвик. Од друга страна пак, препораките од нашите постоечки клиенти до нови потенцијални клиенти засега функционираат многу добро. Голем дел од нашите нови клиенти доаѓаат преку позитивни препораки, што е доказ за довербата која нашите партнери ја имаат во нас. Иако овој канал е побавен и не може да се активира по потреба, тоа зборува за квалитетот на нашата работа и стабилните долгорочни партнерства што ги негуваме.

Живееме во ерата на генеративната вештачка интелигенција, со појавата на трансформери и LLM (големи јазични модели),  се менува играта, на работ сме на ново откритие.

Сепак за нас технологијата треба да се осознае, да се види кои и се ограничувањата, а кои се бенефитите. Како може  и треба да се употреби во насока да се забрза процесот на развој на софтверските решенија, да се поедностави или да се додаде дополнителна компонента, која ќе нѐ оддели од конкуренцијата. Постојат и тези и стравови дека целосно ќе се смени, начинот на работа и некои аспекти ќе станат непотребни. Така што, треба да бидеме внимателно оптимистични за да видиме како ќе дојдеме до следната фаза на технолошкиот развој. Последните случувања со автономните агенти одат во таа насока. Ние секако ги следиме и имаме интерен тим кој веќе работат на оваа проблематика. Живееме во многу интересно време на промени веќе се дискутира и за AGI (Artificial General Intelligence), но останува да видиме кога ќе се случи.

Каква е состојбата на домашниот пазар од аспект на кадар?

Има проблеми, но сме подготвени да се адаптираме и да ги решаваме. Компанијата изминатите години постојано бележи раст и веќе ја достигнавме целта да стигнеме до 100+ вработени. Најважно ни е да се грижиме за сите да имаат исполнета кариера, раст, да стекнуваат нови знаења. Имаме и луѓе кои почнале како практиканти и целата кариера ја поминале кај нас.

Во процесот на регрутација сме забележале дека не секогаш за секоја технологија има достапен кадар и често е потребен тренинг или на постоечките или на нововработените, за да создадеме знаења и капацитет во одредена област. Недостигот на знаења и вештини го дополнуваме преку внимателно структурирани практикантски програми и дополнителни курсеви и обуки за вработените.

Maркетинг тимот со Жаклин Поасант

Во моментов аплицирате за дополнителна поддршка во рамки на Битов програмата?

Аплициравме во делот на финансии, за да добиеме помош од некој експерт како да ги структурираме финансиите, како да ги планираме инвестициите и буџетите на среден и долг рок. Кога компанијата зема надворешен експерт го прави тоа за да може да направи внатрешна рефлексија и да ги најде сите делчиња каде што нешто има некој застој или недостасува знаење и искуство од поразвиени пазари.

Всушност, тоа се случи и со посетата на Жаклин. Имено, нашиот маркетинг тим бележи успех, но кога ќе дојде човек од надвор што има големо искуство во областа, тимот увиде каде во процесот има недостаток на информации, каде губи време, дали го зборуваме вистинскиот јазик од бизнис аспект, итн. Во голем дел Жаклин, ни помогна да ги отвориме прашањата, со една интроспекција да дадеме фокус на овој аспект од работењето, да дискутираме како да решаваме проблеми. Тој фокус што го носи експертот со своето знаење може да отвори нови перспективи и да го подобри начинот на размислување. Истото го очекуваме и во делот на финансии оваа година.

Сподели!
- Advertisement -