„Преку-граничната е-трговија – неискористен потенцијал за Македонија и Балканот“

- Advertisement -

Е-трговијата во Северна Македонија и Западен Балкан бележи континуиран раст, поттикнат особено од пандемијата, но нивото на развој останува значително под просекот на ЕУ. Потенцијалот на овие мали и фрагментирани пазари лежи во преку-граничната е-трговија, која засега е недоволно искористена. Со популација од 17,1 милиони жители и вкупен БДП (PPP) од 376,6 милијарди меѓународни долари (Светска банка, 2022), регионот има можност да создаде значителен заеднички пазар.

Според Statista, приходите од е-трговијата во Западен Балкан во 2029 година се проценуваат на 3,98 милијарди евра. Србија има највисока проектирана стапка на раст (CAGR) од 10,6%, додека Црна Гора најниска со 6,2%. Приходот по корисник (ARPU) е највисок во Црна Гора (1.421 евра), а најнизок во Србија (465 евра). И покрај растот, регионот не ја намалува разликата со ЕУ, при што само Србија има повисок CAGR од европскиот просек.

- Advertisement -

Сепак, преку-граничната е-трговија во Западен Балкан значително заостанува зад ЕУ. Само 4.3% од малите и средни претпријатија (МСП) во регионот учествуваат во преку-гранична е-трговија, за разлика од 8.7% во ЕУ. Во Македонија, бројот е особено низок – само 1% од МСП се вклучени во прекугранична е-трговија, додека Црна Гора се издвојува со 16%, надминувајќи го дури и просекот на ЕУ (DESI 2022 Report).

Со подобрување на логистиката и намалување на регулаторните пречки, преку-граничната е-трговија може да стане двигател за економски раст и интеграција на Западен Балкан во глобалната дигитална економија. Според „Глобалниот извештај за поштенската индустрија 2023“ на Меѓународната поштенска корпорација (IPC), е-трговијата продолжува да игра клучна улога во поштенските и логистичките услуги, додека традиционалниот поштенски приход се намалува. Извештајот покажува дека дури и минимални подобрувања во брзината и квалитетот на преку-граничната достава можат значително да го зголемат онлајн купувањето. На пример, подобрување на брзината на достава за 1% може да ја зголеми стапката на онлајн конверзија за 1,6%, додека подобрување на квалитетот за 1% може да ја зголеми за 2,2%.

- Advertisement -

„Иако има напредок, потенцијалот за раст на прекуграничната е-трговија сè уште не е искористен. Прогресот е бавен, а високите трошоци за испорака, сложените царински процедури и административните бариери се главни предизвици за компаниите да почнат со прекугранична онлајн продажба. Како резултат, 89% од е-продавниците во Западен Балкан применуваат гео-блокирање, односно не се достапни за купување од други земји надвор од домашниот пазар, согласноистражувањето направено од АЕТМ во 2022 година (Market Analysis on Geo-blocking practices in CEFTA region). Сепак позитивно е што голем дел од нив изразуваат интерес да инвестираат во воведување прекугранична онлајн продажба доколку за тоа се креираат услови, односно се адресираат предизвиците. Ние како Асоцијација за е-трговија работиме на ова поле, како и на зајакнување на регионалната соработка. Со таа цел ја формиравме и Балканската Алијанса за Е-трговија заедно со асоцијациите за е-трговија од Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, преку која заеднички се залагаме за забрзан прогрес и создавање подобра бизнис-клима за е-трговците во целиот регион.“ изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија д-р Нина Ангеловска.

Гореспоменатите податоци се дел од годишниот извештај за е-трговијата во Западен Балкан, изработен од Асоцијацијата за е-трговија во своето шесто издание – „Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година“, поддржан од НЛБ групацијата. Ова издание, за првпат објавено на англиски јазик, има проширен фокус што ги опфаќа сите шест земји од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Извештајот нуди детален преглед на состојбата на е-трговијата, трендовите и можностите за развој, како и примарно истражување за искуствата на е-продавачите и предизвиците со е-плаќањата.

- Advertisement -

Целосниот извештај и повеќе информации се достапни на следниот линк: https://bit.ly/wbanalysis2024

Сподели!
- Advertisement -