Кога двајца охриѓани ќе донесат стартап, капетан на морнарица и co-working простор во Битола

- Advertisement -

Стартапи се раѓаат насекаде. Силиконската долина ги има своите, Берлин и Лондон ги пумпаат своите unicorn компании, но понекогаш, вистинскиот tech хаос настанува кога ќе земете двајца охриѓани, ќе ги ставите во Битола и ќе им дадете 20-член тим, морнарица на една држава од Јужната хемисферта како клиент и co-working што изгледа како да сте го телепортирале од Амстердам.

Ова не е приказна за класичен стартап. Ова е приказна за Qodix – тим што не се вклопува во стандардниот tech startup профил, но токму затоа функционира. Градат решенија што го намалуваат IT отпечатокот на корпорациите, развиваат сопствени системи за влез и излез, а во меѓувреме го создадоа Qworkingo, co-working простор во Битола што изгледа како да има телепорт до Amsterdam Noord.

- Advertisement -

Разговарав со двајцата основачи Игор Георгиоски и Никола Брдароски, за тоа како е да градиш tech компанија од Битола, дали би било поинтересно да продаваат smart security систем во вили во Швајцарија, и зошто понекогаш најдобро е да не се сфаќаат премногу сериозно.

Новинарка | Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Фотограф | Коста Дупчинов

Ајде право во суштината: Како е да создадеш tech компанија во Битола? Романтично, апсурдно или тотално логично?

- Advertisement -

Игор: Тотално логично… ако си малку луд. Создавање tech компанија во Битола, а и во секој град, освен во главниот е мешавина од визија, инаeт и одлучност. Од една страна, имаш талентирани луѓе кои не мора да се преселат во Скопје или странство за да работат на сериозни проекти. Од друга страна, мораш да се избориш со перцепцијата дека „големите работи“ не се случуваат овде.

Но, ако нешто научивме, тоа е дека локацијата не е лимит – менталитетот е. Битола има сè што ѝ треба на една tech компанија: паметни млади луѓе, ИТ заедница, co-working простор, супер брз интернет и добра храна.

А дали е апсурдно, зависи кого прашуваш – некој ќе рече „зошто не во Скопје?“, друг ќе рече „ама во Битола не постои tech сцена…“ – а ние велиме, „не постоеше, сега постои.“ 

Имавте ли момент кога рековте: „Чекај, што правиме ние тука? Требаше да сме во Берлин или Амстердам“?

Игор: Кога бевме студенти, Никола беше на Work and Travel во САД, а јас во Германија. Како студенти, не успеавме да бидеме дел од стартап екосистемот, ама како програмери, со многу борба, учествувавме на повеќе од 20 хакатони, дел од нив интернационални во Монтреал, Москва, Тиват, Белград… Хакатоните не ни беа само натпревари – беа експерименти, начин да видиме колку можеме да испорачаме под притисок, во нови тимови, со нови култури.

И тука сфативме една клучна работа: иновацијата не зависи од локацијата, туку од луѓето. Ако можеш за 48 часа да смислиш, изградиш и претставиш солидно решение во Москва или Монтреал, тогаш можеш да градиш успешен продукт и од Битола. 

Да, имало денови кога сме гледале како tech сцената во Берлин или Амстердам цвета, како стартапите брзо наоѓаат инвеститори, а ние во Битола се бориме со банкарски систем од пред десет години, бирократија што мисли дека cloud инфраструктурата носи дожд и системска неподготвеност за стартапи. Но секогаш кога ќе се појавеше тоа прашање – „Што правиме ние тука?“ – одговорот беше ист: го правиме она што сакаме, таму каде што малкумина го очекуваат. И верувам дека многу стартапи во Битола мислат исто.

Работите cloud-based email решение што го користи една позната морнарицата на држава од јужната хемисфера (не смееме да зборуваме за клиентот директно, од јасни причини). Како од Битола завршивте со воена сила како клиент?

Никола: Добрите вести патуваат брзо, но добрите решенија – уште побрзо, особено кога решаваат вистински проблем. Кога го градевме ReliMail како cloud-based емаил решение, не замислувавме дека ќе заврши во рацете на воена морнарица од другата страна на светот.

Интересно е што ние скоро никогаш не сме побарале клиент и немаме тим за продажби. Сè започна од еден клиент, а од таму, едноставно – нашите клиенти ни доаѓаат сами преку препораки. Оваа морнарица не е исклучок. Некој го забележа квалитетот на нашиот продукт, дојде по препорака и денес ние обезбедуваме емаил инфраструктура за луѓе каде што нема простор за изгубени пораки.

Од Битола испорачуваме безбедносни протоколи и енкрипција за институција што оперира во меѓународни води, што само докажува дека географијата одамна престана да биде ограничување. Ако тоа не е доказ дека можеш да градиш глобални продукти без разлика каде се наоѓаш, тогаш што е?

Дали понекогаш гледате на вашиот тим како на мини-елитна единица? Секој тим-лидер има директни состаноци со клиенти, девелоперите учествуваат во планирање – како успевате да одржите толку високо ниво на самостојност?

Игор: Сите во нашиот тим знаат дека тимот не е ‘елитна единица’, туку едно село каде што секој има своја улога. Не продаваме приказни и празни зборови дека сме „фамилија“ или дека мораме сите да се сакаме. Ние сме жители на исто село, и секој има своја улога во неговото функционирање.

Ако некој е задолжен за водоводот, а не си ја брка работата – целото село останува без вода. Ако некој не ја одржува патеката, сите ќе се сопнуваме. Не мораш да се дружиш со секого, но мораш да ги почитуваш и да веруваш во луѓето околу тебе. Не форсираме никого да мора да оди на настани или на афтерворк пиво со колегите. Сакаме луѓето да се дружат и да работат заради тоа што сакаат, а не заради тоа што мораат.

Наместо микроменаџмент, се фокусираме на јасни цели и очекувања. Довербата е клучна – секој знае што треба да направи и зошто тоа е важно и секој е одговорен за својот дел. Ако некој потфрли, страдаме сите. Но ако сите си ја работат работата како што треба, селото напредува.

Ако постои тајна формула, ние ја немаме. Едноставно, вработуваме паметни луѓе и не им стоиме на патот. Секој има свој дел од селото, а сите заедно се трудиме да го направиме најдобро што можеме. Кога тоа функционира, не треба постојано да бидеме надзор, туку имаме самостојност и автономија во својот дел.

Го споменавте вашиот security систем за влез и излез – дали го создадовте затоа што не можевте да најдете нешто доволно добро или чисто затоа што сакавте да си направите кул gadget?

Игор: Никола и јас отсекогаш сме имале таа љубопитност – не само да користиме нешто, туку и да разбереме како функционира. Уште во 2012 година почнавме да правиме наши дронови, не затоа што немаше готови, туку затоа што беа скапи (а ние бевме студенти со изброени пари во џеб). Но, уште поважно, никогаш не сме сакале само да купиме нешто без да научиме како работи.

Набавувавме сè – контролери, перки, мотори, батерии – и ги склопувавме дел по дел. Тоа ни даде не само знаење за тоа како да направиме дрон што лета, туку и разбирање за сите предизвици околу тоа: каде можат да се случат грешки, кои се ризиците, кои се лимитите. Научивме како функционира царината, увозот на материјали, кои се законите за увоз на батерии како лесно запаливи предмети, што кажува законот за снимање на јавен простор и многу други работи кои воопшто не сме ги планирале на почеток.

Истата филозофија ја применивме и на QOAS (Qodix Office Access System) – нашиот паметен систем за влез и излез во Qworkingo. Немаше производ што нè задоволуваше – сакавме нешто што работи беспрекорно со мобилна апликација, без класични пропусти во сигурноста, без комплицирани процедури за пристап. И, нормално, нашата љубопитност си го направи своето. Кога не можеме да најдеме решение што ни одговара, нашата природна реакција е: „Ај да го направиме ние, колку може да биде тешко?“. Често, одговорот е – потешко отколку што изгледа.

Ако утре решите да го продавате овој систем, каде би сакале да заврши? Дали вашата технологија подобро би изгледала во некоја вила во Цирих или во ултра-строгата безбедносна архитектура на некоја банка?

Никола: Ако утре го пуштиме QOAS на пазарот, сакаме да биде таму каде што навистина решава проблем. Лесно е да го замислиме во луксузна вила во Цирих, каде што сопственикот со едно кликање ги отвора вратите и гаражите, но нашата визија оди подалеку.

QOAS е создаден за зголемување на ефикасноста и елиминирање на непотребните бариери во пристапот. Веруваме дека може да ги направи coworking просторите поефикасни, без административни трошоци и дополнителен персонал. Наместо менаџерите да губат време на картички и кодови – пристапот треба да биде автоматизиран, безбеден и беспрекорен. Идеален е и за Airbnb сместувања, каде што 2 милиони ноќевања годишно се заборавени од домаќините, а 19% од гостите пристигнуваат по 23:00 часот, без никој кој да ги пречека. QOAS не заборава – работи 24/7.

Нашата цел не е само да продадеме производ, туку да го редефинираме пристапот. QOAS не е само систем за влез – тоа е начин на размислување. Создаваме сигурно, бесконтактно и интуитивно искуство, за клиентите да се фокусираат на важните работи – бизнис, гости или едноставно мирна ноќ без check-in проблеми.

Покрај сè, го создадовте и Qworkingo – co-working простор во Битола. Тоа беше потреба или провокација?                          

Никола: Qworkingo го отворивме во екот на пандемијата. Kога сите затвораа, ние отворивме. Кога сите се повлекуваа дома и ги открија бенефитите од работењето во пижами, ние отворивме co-working простор за работа.  Сите зборуваа дека иднината е remote. А ние си рековме – добро, но каде ќе работат оние што немаат идеални услови дома? Оние што сакаат фокус? Оние што не сакаат да бидат сами во соба цел ден?

Кога почнавме, тоа беше потреба. Сакавме да работиме во средина што не е кафуле, каде што интернетот е стабилен, а луѓето околу тебе навистина работат, а не се излезени само на кафе. Во тој момент, стана провокација. Во Битола не постоеше co-working концепт во вистинската смисла на зборот – само кафулиња каде што можеш да седнеш со лаптоп ако купиш кафе. Па си рековме – ајде да направиме место каде што луѓето нема да мора да објаснуваат зошто седат со лаптоп по цел ден.

Но многу брзо сфативме дека не градиме само простор, туку градиме заедница. Градиме место каде што луѓето ќе најдат структура, енергија, мотивација. Работењето од дома има свои предности, но човечката природа бара поврзаност. А кога си опкружен со луѓе што работат, што се движат напред, што размислуваат како тебе – тогаш и ти стануваш подобар.

Coworking просторите не се само бироа и столици. Тие се култура. Тие се начин на размислување.Тие се и малите нешта како првото кафе наутро, како едно “како си колега” иако не работите заедно, како прашањето “дечки, кој е за сендвичи денес?”

Сиот профит од coworking просторот го враќаме назад во заедницата. Учествуваме во Глобалната недела за претприемништво, организираме Freelancers Secret Santa & New Year Party, различни работилници, а наскоро планираме и freelancers retreat – тимбилдинг активности за сите кои немаат „свој“ тим, но сакаат да бидат дел од заедница што ги поддржува.

И во време кога сите тврдеа дека канцелариите умираат, ние решивме да изградиме нешто ново. Повеќето ни рекоа дека тоа е лудо. А, само после првата година постоење, ние докажавме дека тоа е логично.

Која е најнеочекуваната личност што се појавила во вашиот co-working и што ве изненадило кај неа? – Некој што не сте го замислувале дека би работел во ваков простор, но сепак се вклопил совршено.

Игор: Првата зима откако отворивме, за време на Божиќните празници, кога сите бизниси беа затворени, Qworkingo беше отворен ама скоро две недели никој не го користеше, дел заради снегот кој ја затрупа Битола, а дел заради фактот што луѓето беа на одмор или во фаза на опоравување од новогодишните прослави.

Се сеќавам, беше 7 часот наутро, ми ѕвони непознат број. Некој сака да го користи Qworkingo. Доаѓа човекот, влегува и првото нешто што го забележува е дека внатре е пријатно топло, чудејќи се зошто сите кафичи наоколу се затворени. Работеше во просторот една недела и потоа – молк. Помина и наредната недела, и си велиме, во ред, убаво е што странец за прв пат го користеше co-working просторот, ама како и секој турист, вероватно беше привремено. Се врати после неколку дена – заглавен во работа, со куп проблеми. Седнавме со него, два дена го слушавме, се обидувавме да разбереме што сака да постигне со својот проект. Воопшто не знаевме кој е, немавме поим со кого разговараме – едноставно, сакавме да помогнеме.

На крај, му предложивме решение што мислевме дека би можело да му помогне. Му се допадна, стана и кажа дека бара тим за развој на неговиот софтвер и пред да стигнеме да процесираме што се случува, тој ни вели: „Сакам да работам со вас.“ Набрзо потпишавме партнерство и со тоа ни се отвори и европскиот пазар. Нашиот тим од четири луѓе за само три месеци се прошири на десет. А што беше потребно? Еден телефонски повик, една отворена врата во вистинско време и желба да помогнеш, без да очекуваш нешто за возврат.

Што е едно чудно, но кул нешто што секогаш можете да најдете во вашиот co-working? 

Никола: Во Qworkingo, денот најчесто не започнува со отворање лаптоп, туку со првото кафе со нашите “колеги”. Ова не е само рутина – ова е ритуал што носи динамика и енергија. Сабајлечкото кафе е за муабет за случувањата низ град, попладневното за тоа колку ти се спие и колку бил добар ручекот.

Секој што работел сам од дома знае како е – немаш со кого да пиеш кафе, нема со кого да размениш две реченици пред да се нурнеш во работа. Тука е поинаку. Машината за кафе е нашето неофицијално свето место.

А во меѓувреме, просторот пулсира со различни акценти. Имаме различни посетители, од Јужна Америка до Индија, од Украина до Шпанија. Наутро некој зборува на српски, на пладне некој проблем се објаснува на шпански, а попладне веќе си среде разговор каде што едниот зборува на македонски, другиот на англиски, а третиот се обидува да поврзе сè на некоја мешавина што само во Qworkingo има смисла.

Свежо мелено еспресо, продуктивност и утрински „чамче муабет“ – ова е нашиот ритуал.

Дали во овој co-working повеќе се работи или повеќе се дискутираат sci-fi сценарија за иднината на технологијата? – И дали сте имале некој луд концепт што случајно излегол од овие разговори? 

Игор: Никогаш не сме биле простор каде што луѓето само доаѓаат, седнуваат, работат неколку часа во тишина и си одат. Но, исто така, не сме и кафич во кој што луѓето доаѓаат само за галама. Qworkingo постои за продуктивност – луѓето доаѓаат овде за да работат, за да ги завршат своите обврски, за да се фокусираат. Но тоа не значи дека нема простор за спонтани разговори, особено кога тие носат инспирација и нови идеи.

Некогаш зборуваме за AI што ќе ги автоматизира сите работни места, а веднаш потоа некој ќе потроши 15 минути рачно копирајќи податоци од еден Excel во друг. Некогаш објаснувајќи за кориснички интерфејси развиваме футуристички сценарија за бесконтактна интеракција со технологија. Контрастите се неизбежни.

Луѓето често ги гледаат стартапите како компании што сакаат брзо да пораснат, а co-working заедниците како нешто поврзано со networking. Како ги комбинирате овие две динамики?

Никола: Стартапите често се поврзуваат со експлозивен раст, но ние веруваме во стабилен, одржлив раст – чекор по чекор, со јасна визија. Брзината сама по себе не е цел, туку резултат на тоа колку добро ги градиш основите. Од друга страна, coworking заедниците имаат поинаква динамика – тие се места каде што луѓето се поврзуваат природно, каде што нештата се случуваат органски, без наметнување.

Qodix и Qworkingo ги комбинираат овие две перспективи затоа што не веруваме во наметната брзина, туку во квалитетен напредок.  Додека другите ги брзаат, во Qworkingo им нудиме стабилна средина каде што можат да растат без непотребен притисок. Coworking заедниците имаат потреба од динамични луѓе што носат нови идеи, нови можности и вистинска вредност. Најдобрите идеи не се раѓаат во изолација, туку во вистинската средина. А кога ќе имаш место каде што луѓето работат со сериозен фокус, но истовремено имаат можност да разменат искуства, да најдат партнери, клиенти или дури и ко-основачи, тогаш не зборуваме за класичен coworking, туку за екосистем што поттикнува одржлив раст и долгорочен успех.

Вашите проекти опфаќаат транспорт, крипто, финансии, соларни панели – како би изгледал идеален Qodix клиент?

Игор: Некој што знае што сака да постигне, но не знае како да стигне таму. Ние не сме компанија која што зема список со барања и механички испорачува код. Нашиот идеален клиент доаѓа со идеја, визија, па дури и хаос – и бара тим што може да му помогне да ја среди сликата. Некој што не сака само изработувачи, туку партнери во процесот.

Можеби е основач на стартап што сака да го промени начинот на кој работи една индустрија. Можеби е компанија што има стабилен бизнис, но знае дека мора да иновира за да остане релевантна. Можеби е тим што веќе има идеја, но му треба некој што ќе ја обликува во функционален продукт.

Во основа, не бараме клиенти. Бараме партнери. Некој што не сака само да „најми девелопери“, туку луѓе што ќе му помогнат да изгради нешто големо. Некој што не бара само имплементација, туку разбирање, анализа и иновација. Знаеме како бидејќи и ние почнавме како стартап, чекор по чекор, без надворешни инвестиции туку само со визија и упорност.

Најчудното барање што сте го добиле од клиент?

Никола: ReliMail започна во 2019 – без инвестиции, без плата, само желба да изградиме нешто што и самите ќе го користиме. Додававме функционалности, тестиравме, но секогаш ни се чинеше дека нешто недостасува. Поминаа две години, а ние сè уште бевме во бета фаза.

Во еден момент, нашиот партнер од Јужната хемисфера предложи да го пуштиме на тест кај негов клиент. Си рековме зошто да не, работевме како луди на производот, а никој не знае дека постои. Договорот беше едноставен – намалени цени за тие да бидат нашите бета тестери. Ни беше најавено дека првo ќе префрлиме 600 корисници од вкупно 4000, и ние очекувавме 600 корисници што ќе разменуваат по некој мејл дневно. Но, наместо тоа, добивме 600 HR администратори кои праќаат по 5.000 мејлови дневно – со куп атачменти. Апликацијата ја пуштивме во петок на крај на нивното работно време, а до понеделник на нашите сервери веќе имаше 4000 маилови.

Во исто време додека ние се справувавме со тековниот сообраќај, во позадина се префрлаа стотици терабајти податоци од нивниот претходен мејл провајдер.  Тогаш сфативме – ништо не те подготвува за првиот вистински клиент. Можеш да тестираш колку сакаш, но сè додека не пуштиш нешто во реален свет, немаш поим што те чека. Тоа беше и моментот кога Relimail стана вистински производ. Преживеавме, го адаптиравме системот, и од тој момент – знаевме дека сме направиле нешто што вреди.

А дали научивме лекција? Да. Следниот пат, кога ќе слушнеме „тест клиент“, ќе прашаме што точно значи „тест“.

Доколку можете да работите на еден апсолутно неконвенционален проект – без оглед на профит, само за задоволство – што би било тоа?

Игор: Една од нашите неостварени желби е спој на coworking и coliving во нешто што вистински ја отсликува нашата култура.

Нам како охриѓани изнајмувањето сместување ни е во крвта. Шала настрана, би сакале да направиме нешто за луѓето што не сакаат само привремен престој за работа, туку за оние што сакаат да живеат и да работат во заедница на одреден временски период.

Замисли место каде што digital nomads, претприемачи и креативци можат не само да престојуваат, туку и да работат, да соработуваат и да создаваат. Простор што не е хотел, не е хостел, не е традиционален coworking, туку нешто што ги комбинира сите најдобри елементи на продуктивноста и удобноста.

Во текот на денот, имаш брз интернет, meeting rooms, удобно канцелариско столче и тим што помага. Навечер, просторот се трансформира – луѓето се собираат за заеднички вечери, tech talks, филмски вечери, дискусии што почнуваат со „ај само по едно пиво“ и завршуваат со идеи за нов стартап.

Каде го гледате Qodix за 5 години? Дали ова е компанија што ќе расте во меѓународна мрежа или ќе остане како компактна, но хиперспецијализирана tech единица?

За 5 години, Qodix ќе биде она што логично ќе произлезе од вредностите што ги градиме денес. Можеби ќе се движиме да станеме голема меѓународна компанија со стотици вработени, а можеби и ќе останеме компактна, хиперспецијализирана tech единица што решава комплексни проблеми за ограничен број клиенти. Одговорот не е во бројките, туку во квалитетот на она што го правиме.

Она што знаеме е дека за 5 години нема да бидеме исти како денес. Нема да бидиме истите Игор и Никола што започнаа пред скоро 5 години. Ќе имаме подлабока експертиза, посложени проекти, уште подобар тим. Ќе бидеме таму каде што нашата вредност е најголема.

Она што дефинитивно нема да се промени е начинот на кој размислуваме. Нема да се промени начинот на кој што Qodix се грижи за своите вработени. Секогаш ќе бидеме тим што не работи по шаблон, што не продава само код, туку решава проблеми. Ако треба да вработиме уште 50 луѓе за да го правиме тоа подобро – ќе вработиме. Ако треба да останеме компактни за да го задржиме квалитетот – ќе останеме компактни. Qodix е основан како стартап од двајца пријатели и колеги, со идеја да помогне на другите стартапи – и токму тоа ќе биде нашето јадро, без разлика колку ќе растеме.

Најважно од сè – ќе растеме, но нема да се изгубиме во растот. Ќе останеме Qodix.

На крај – ако треба да напишете една реченица мото за Qodix, што би било тоа?

“Ако веќе го правиш, направи го како што треба ИЛИ ако веќе го прајш, напрај го ко шо требит! (oставено оригинално охридски кажано)

Наместо заклучок…

Qodix не е типичен стартап. Нема VC капитал, нема егзит стратегија како свето писмо, нема маркетинг бла-бла. Има само тим што сака да прави паметни решенија, да експериментира со технологии што можеби ќе завршат во морнарицата, а можеби во некоја модерна вила.

Битола можеби не е tech capital, но токму такви места најчесто создаваат најинтересни приказни.

И Qodix е една од нив.

Сподели!
- Advertisement -