Компанијата на Фатмир Абази во Боговиње е првата во земјата што рециклира градежен отпад и од него произведува тампон за асфалтирање

- Advertisement -

Компанијата Беса Шоп од тетовско Боговиње е пионер во рециклирање на градежен отпад во земјата. Веќе три години преработува бетонски блокови, бекатон коцки, асфалт и друг отпад од кој создава суровина што се реупотребува како тампон пред асфалтирање.

Проблемот што го создава одложувањето на овој отпад и желбата да се заштити животната средина им била мотивот да инвестираат во машини за рециклирање на градежен шут, вели Фатмир Абази, кој заедно со неговиот брат Басри се сопственици на Беса Шоп. На тој начин станале пример како потенцијалот за развој и економските бенефити можат да одат рака под рака со екологијата. Абази вели дека посакува тоа да го согледаат и други компании, а градежниот отпад веќе да не биде најголемиот загадувач на природата.  

- Advertisement -

Г-дин Абази, кажете ни што работи Беса Шоп?

Беса Шоп е семејна компанија која се занимава со градежништво и постои од 1988 година. Мојот татко го почнал бизнисот со еден камион произведен во 1972 година, кој се уште го чуваме. Главното поле на делување ни е асфалтирањето, рушењето, ископите. Исто така сме и првата компанија во земјата која рециклира градежен отпад.

- Advertisement -

Во моментот имаме 40 товарни моторни возила, камиони, валјаци, багери и една машина за рециклирање бетон. Неодамна инвестираме во уште една, нова, со која сериозно ќе го зголемиме нашиот капацитет на преработка на градежен отпад. Од него произведуваме суровина, која што се реупотребува како тампон пред асфалтирање на површини.

Во Беса шоп денеска работи и третата генерација од семејството. Ангажирани се сите, дури и најмладите, кои учат како да го продолжат семејниот бизнис.

- Advertisement -

Што беше мотивацијата да почнете да рециклирате градежен отпад?

Низ годините постојано се сретнувавме со проблемот каде да го депонираме отпадот што се создава кога рушиме објекти. Идејата дојде сама по себе кога на повеќе патувања се уверивме како се решаваат овие проблеми во европските држави. Решивме дека ќе инвестираме во машина за рециклирање и го направивме тоа во 2022 година. Таа машина ги задоволува нашите потреби, но не го решава проблемот со огромните количини отпад кои се создаваат, не само во Полог, туку во целата земја.

Еден од најголемите проблеми во Полог и во другите региони е што нема адекватни депонии. Заради тоа рециклирањето на материјалите кои се остаток после градежни работи, на пример рушење на објекти или патишта, е решавање на голем проблем. Тука видовме можност и решивме во соработка со ГИЗ- GIZ North Macedonia – The German Society for International Cooperation да инвестираме повторно и купивме нова машина за рециклирање. Може да се каже дека тоа е вин- вин ситуација, се заштитува природата од загадување со градежен шут, а од друга страна има и економски бенефит, односно материјалот се реупотребува и се штедат ресурси.

Еколошките придобивки од вашата активност се големи, а очигледно има и голем економски потенцијал. Каква е вашата соработка со институциите и компаниите?

Има подготвеност од повеќе локални самоуправи и од компании кои работат во Полошкиот регион да соработуваат. Ние сме во оваа дејност со децении, сме работеле на многу проекти и сме познати. И општините и компаниите знаат дека имаме можност за рециклирање на градежен отпад, но реалноста е дека ние досега не бевме подготвени да преработиме поголеми количини и машината ја користиме само за наши потреби. Но, со новата инвестиција тоа може да се смени. Бидејќи сме првата компанија која го работи ова во земјата, сега институциите, Министерството за животна средина, Управата за јавни приходи и други ги утврдуваат правилата под кои ние ќе можеме да примиме отпад од други компании и потоа да го продадеме производот што ќе го добиеме. Министерството веќе ни даде лиценца, сега се чека одлуката на УЈП. Би сакал да бидеме пример за други компании да почнат да размислуваат за ваков тип на инвестиции, бидејќи многу сме назад во однос на европските практики. И државата треба да даде поттик бидејќи економскиот потенцијал постои, а ќе се реши и еден огромен еколошки проблем.

Каде го гледате потенцијалот за развој, имате ли некои идеи како да го проширите ова што го работите?

Двете машини за рециклирање доколку се стават во погон истовремено можат да преработат до 700 тони отпад на час. Тоа се големи количини и голем потенцијал за развој на компанијата во овој правец. Со оваа инвестиција се обезбедуваме дека ќе можеме да работиме во континуитет, да не се плашиме дали доколку ни се расипе машината ќе мора да паузираме и повторно единствената опција за градежниот шут да биде исфрлање на диви депонии. 

Во моментов од преработката на бетонските блокови можеме да добиеме само материјал кој ќе се користи како тампон за асфалтирање. Но, има и други можности кои ги разгледуваме. Циркуларната економија е иднината, тука треба да се бараат можностите бидејќи развојот и заштитата на животната средина не треба да се исклучуваат, туку да одат заедно.

Какви се вашите планови за во иднина?

Мотото на компанијата е „Рециклирањето е иднината“ и мислам дека самата работа ќе ни каже во кој правец ќе треба да се движиме, какви можности ќе се отворат и што ќе побара пазарот. Има многу опции како може да се искористи градежниот отпад, не е само дробењето што ние го правиме. Постојат можности за надградување на нашите машини и за сечење на бетонски блокови и нивно искористување како помали делови за поплочување или пополнување или пак добивање на готов асфалт. Планираме во иднина целиот простор да ни биде покриен, а на кровот да поставиме фотоволтаици. Сакаме машините да работат комбинирано и да користат и електрична енергија од сонцето.

Свеста за потребата од реупотреба на отпадот ќе се развива кај сите со текот на времето, но и со подобра контрола и со казни. Ние ќе бидеме подготвени, ги обезбедуваме условите за секој да може да дојде и да одложи отпад. Целта ни е да не застануваме, ќе одиме само напред.

Сподели!
- Advertisement -