Престојот во Grizzly Igloos на Козјак се плаќа и со вреќа ѓубре собрано од околната природа

- Advertisement -

Уживање и престој во природа, на планина, покрај вода е сликата за идеален одмор или викенд за многумина. Дел од таа слика се и уникатните Grizzly Igloos на Козјак, кои се веќе препознаена туристичка дестинација во земјава.

Она што е интересно е фактот дека во овие интересни куќарки престојот може да се плати и со вреќа ѓубре! Уникатниот концепт е новост што од минатата година го вовеле сопствениците Кристина и Александар Христови, со желба да придонесат за почиста околина во паркот Јасен.

- Advertisement -

Во ова инспиративно интервју Кристина и Александар ги повикуваат сите љубители на природата и авантурите да им се придружат во благородната иновативна еко иницијатива Grizzly Guardians и да уживаат во Grizzly Igloos.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Кристина и Александар, вие и тимот на Grizzly Igloos утре почнувате нова активност, акции за чистење на околината на Козјак. Кажете ни како започна оваа идеја и што направивте досега за да се реализира?

Со акциите за чистење започнавме лани и ова ни е веќе втора сезона како го чистиме паркот Јасен на Козјак, орагнизирано во неколку акции, дел на езерскиот брег, а дел на планинскиот терен. Постојано се вртевме во круг, ние чистиме, тие фрлаат и за една недела пак е се полно со ѓубре. Баравме начин како да го стопираме тоа, како да престане тој магичен круг? Што е тоа што можеме да го направиме а е нетипично, храбро, и финално што ќе функционира? Како големи љубители на природата, како домаќини, како Grizzly тим, си дадовме збор, да ја решиме оваа ситуација, барем во нашиот парк, по секоја цена! Сите механизми ќе ги користиме и граѓански и преку институции за да успееме во ова.

- Advertisement -

На почеток бевме сами, но потоа дојдовме до идеја да повикаме јавно да ни се придружат и други граѓани, а како благодарност да им подариме ноќевање во GRIZZLY IGLOOS. Овој концепт се покажа како многу успешен, каде што на само еден повик имавме 750 пријавени волонтери, највеќе во историјата на волонтерско чистење, каде што собравме преку шест тони ѓубре, а дониравме 100 ноќи на волонтерите кои земаа учество. Решивме да го усовршиме, унапредиме и со тоа поуспешно да го примениме. Така се роди Grizzly Guardians.

Воведувате и новина, собрана вреќа ѓубре како платежно средство. Раскажете ни нешто повеќе за концептот Grizzly Guardians?

Grizzly Guardians е иновативна еко иницијатива. Велиме иновативна бидејќи опфаќа неколку акспекти кои се апсолутно нови. Првиот аспект е новата валута – вреќа ѓубре, со која посетителите плаќаат да спијат во GRIZZLY IGLOOS, или ја користат флоатата кајаци, супови, електрични точаци или електрични АТВс.

Понатаму, вклученост и трансформација на посетителот, односно секој посетител на паркот го претвораме во бела клетка која ќе се грижи и ќе го одржува истиот, постојано – а не само на орагнизирани акции.

Волонтираме како редари во општината, без надомест, но со ингеренции да можеме да легитимираме и да санкционираме посетители кои фрлаат ѓубре, палат диви огништа, незаконски сечат шума итн.

Дигитализација на целиот процес преку мобилна апликација која во моментов ја развиваме, каде што секој кој ќе влезе во Јасен со скенирање на QR код, ќе може да се регистрира, да си одбере било каква активност, планинарење – да добие рути за хајкинг, или патека до пештерите, пловење низ езеро – како да отклучи суп или кајак, возење е-точак или е-атв – добива рути за возење, сето ова достапно, а за возврат да направи нешто добро и корисно во паркот.

Среќни сме што еколошки свесните компании ја препознаа оваа иниијатива и не поддржаа, па така Halk Bank преку HalkEco е наш прв стратешки партнер со кои ја набавивме опрема која ја ставаме на располагање на посетителите. Но, имаме и многу други компании кои не поддржуваат и се поистоветуваат со нашата приказна.

Колку вакви акции ќе се организираат и кој се ќе може да се придружи?

Акциите Grizzly Igloos ги најавуваме во зависност од ситуацијата на терен. Покрај чистење, како оваа утре (во недела на 13 април), ќе следат и акции за пошумување, растурање на диви огништа, едукации за заштита на животна средина, работилници за рециклирање итн. Секој граѓанин е добредојден да се придружи, заедно да правиме промени кон подобро, да менуваме свест, да едуцираме и да се грижиме за околината.

Отпадот, особено исфрлањето во природа е сериозен проблем во земјава, за кој никако да се најде решение. Што мислите кои се причините што ни се случува тоа и како ние како поединци можеме да придонесеме за промени?

Апсолутно се почнува и завршува со нас. И фрлањето и чистењето. Работиме на поткревање на свеста и сметаме дека со оваа акции придонесуваме. Не може за се да ги обвинуваме институциите.  Секој мора да почне од себе и во својот круг. За нас тоа е Јасен, но замислете доколку секој би одвоил малку време за општокорисна работа, да се заврти околу себе, да почне да делува како во својот дом, така и надвор. Па така, сопственици на локали ќе се грижат за парковите и улиците околу нив. Децата во школските дворови и околни паркови, планинарите на планините. Секој во својата околина. Но, покрај добриот пример, мора да станеме гласни против оние кои прават штета, уништуваат и грдат. Не смееме да премижуваме и да мислиме дека тоа не е наша работа. Се што не опкружува е наша обврска и се почнува од нас.   

Дали мислите дека ни недостасува едукација или акција?

Едукацијата е присутна, за екологија, за заштита на природата учиме уште во градинка, во училиште… имаме едукација. Проблемот е понатаму во свесноста, во општото мнение, кога гледате дека некој за ова прашање е тотално незаинтересиран, не придава важност, не почитува, сите почнуваат така се однесуваат. Акција недостига, но ако има мотивација таа покренува акција. Тоа е тоа што ние го правиме. 

Каков е вашиот пример, како организатори на престој во природа, за справување со отпадот што останува од вашите гости? Тешко ли е да се организира кога сте далеку од градот и од урбаната инфраструктура?

Нашето искуство со гостите е нешто што со гордост секаде го кажуваме. Гостите во GRIZZLY IGLOOS се вљубеници во природа и со огромна пасија ја чуваат околината. Не само што не фрлаат ѓубре околу, туку го земаат ѓубрето со себе и го фрлаат во најблиските контејнери. На почетокот се чудевме каде е ѓубрето, зошто се празни нашите канти, за потоа да сфатиме дека го земаат со себе, дека воопшто не го оставаат кај нас. Неретко ни даваа изјави од типот, кога го качувавме нагоре не беше ѓубре, и не сакаме да ве оптеретуваме дополнително, со задоволство ќе си го земеме со нас.

Инаку, имаме одлична соработка со локалното комунално претпријате од Општина Сопиште кои доаѓаат и го собираат отпадот што е собран, еднаш неделно, така што немаме проблеми во тој дел. 

Колку гости имавте досега во Grizzly Igloos, што најмногу сакаат и бараат гостите?

Гостите во GRIZZLY IGLOOS се вљубеници во природата, сакаат планини, сакаат дивина и недопрена убавина, искрени природни искуства и права авантура. Сето она што го претставуваме ние преку концептот во GRIZZLY IGLOOS. Нешто што особено не радува е фактот што успеваме да привлечеме гости кои во Македонија доаѓаат за прв пат, токму за да дојдат во GRIZZLY IGLOOS. 90% од странските гости ни имаат изјавено дека се дојдени во Македонија со единствен мотив да го посетат Grizzly Igloos и дека до тој момент не ја гледале Македонија како туристичка дестинација.

Имавме еден гостин од Шри Ланка, чија реченица нема да ја заборавиме никогаш – Јас сум ви најголем комплимент рече… вие сте единствената причина за моето патување во овој крај на светот. За нашите гости Македонија е ексклузивна, а не транзитна туристичка дестинација и тоа е наша најголема гордост.  Во најлудите мечтаења не сонувавме дека ќе станеме светски посакувана дестинација и дека ќе имаме гости од сите краеви на светот. Тој факт освен што ни донесе неизмерна радост, не натера да чуствуваме и голема одговорност да ја претставиме нашата Македонија во најубаво светло, и со секој посебен гостин се однесуваме како со првиот што пристигна, со истата љубов и внимание и гостопримство. Имаме гости што живеат на туристички локации, а не одбрале нас за своето патешествие, можеби е смешно но кога имаме гости од Грција или од Малта, секогаш се шалиме интерно дека се сврте тркалото 😊

И сега замислете како се чуствуваме кога ќе не прашаат зошто има толку ѓубре во природата? Дали можеби имало некоја катрастрофа што довела до тоа или? Можеби екскурзија имало во текот на претходниот ден? Не им е јасно…

Какви се вашите планови за во иднина, ќе воведувате ли некои промени, имате ли нови интересни идеи?

Планови и идеи имаме многу, во моментот подготвуваме уште еден голем проект кој за многу кратко време ќе можеме да го презентираме јавно. Се што правиме е со цел да ја оствариме нашата желба што врпочем е и наша мисија, а тоа е нашата Македонија да стане најпосакувана дестинација за планински туризам, а и да не заборавиме дека попатно ни се остварува животниот сон да го поминуваме времето во планина и природа 😊.

И на крајот, главна порака која сакаме да ја испратиме е дека сите треба да си го поставиме прашањето: што можеме ние да направиме за нашата држава, а не што може државата да направи за нас? Тоа е важно прашање што секој треба да си го постави. Секој може да помогне.

Сподели!
- Advertisement -