Живее од спорт – но не е спортистка. Не се натпреварува, но ги решава најважните поени на најголемите мечеви во светот.
Анета Павловска – сега Деспотоска – е ретка птица во спортскиот универзум: женско лице на непристрасност, дисциплина и концентрирана страст. Првата Македонка која судела на Олимписки игри во тенис. Дел од екипите на Вимблдон, Ролан Гарос, Сингапур, Гвадалахара… И сѐ тоа – без гласна промоција. Без лажна скромност. Само со труд, тишина и доследност.
Пред шест години за „Иновативност.мк“ зборуваше со истиот став – дека живее од спорт, но не е спортистка. Денес, таа реченица звучи уште помоќно, бидејќи зад неа стојат уште повеќе искуства, патувања и победи.
Оваа година ја добива бронзената значка од Интернационалната тениска федерација – статус кој ѝ дозволува да суди како главен судија на мечеви од Грен слем, АТП и ВТА турнирите. Во судискиот свет, ова значи дека си стигнал не само технички, туку и етички, ментално, организациски – до ниво каде имаш целосна доверба од светската тениска заедница.
А таа доверба Анета ја носи со леснотија. И со шапка.
Кога не суди најголеми тенисери на планетата, Анета е на друг „терен“. Во своето мало, но инспиративно студио во Капиштец – каде ги создава шапките од брендот A Court. Рачно изработени, карактерни, со приказна. Моден суд со личен печат.
Новинарка | Љубица Ангелкова
Фотограф | Ненад Тасевски
Анета, од судија на тениски терени до showroom со шапки звучи како свич со драма. Ама кај тебе – сѐ тече природно. Како се роди A Court?
A Court се роди спонтано, но љубовта кон уметноста ме влече отсекогаш. Последниве години, а особено во време на пандемијата, имав повеќе слободно време, па почнав да посетувам часови за цртање во Adams Art.
А подоцна, на едно долго патување на Филипините, каде што бев приватно со сопругот Филип, се охрабрив да купам материјали и да се нурнам во една поинаква уметност. Таму почна вистинската A Court приказна.
Најголемиот дел од материјалите ги носам од Австралија – каде што често патуваме. Шапките се 100% австралиска волна. Ги цртам со водоотпорни бои или ги везам рачно. Дизајнот е целосно моја идеја, а секое парче е уметничко дело – уникат што постои во само еден примерок. Тоа ми е најважно.

Шапките се рачно изработени, со детали и текстури. Кој беше првиот чекор од идеја до бизнис?
По процесот на учење, истражување на висококвалитетни бои и материјали, следниот чекор беше отворање на A Court showroom во Капиштец – кој работи исклучиво со закажување. Сакав да обезбедам време и внимание за секој клиент. Да се слушнеме, да се видиме, да се разбере неговата енергија.
Многу од шапките ги носам – од мали, локални мајстори што создаваат со душа. Тие шапки доаѓаат како тивки пораки. Јас ги доработувам, ги прераскажувам, и секогаш им додадам нешто што е мое – но и нешто што е клиентот.
Особено ми се драги fascinator-ите – деликатни, сценски, но носливи. Сè уште срамежливо ги пробивам на македонскиот пазар, но верувам дека можеме да изградиме нова култура на нивно носење.
Пред неколку години кажа: „живеам од спорт, ама не сум спортистка.“ Тоа е и силно и точно. Како се градеше твојот пат на терените?
Мојот пат почна во Битола, потекнувам од семејство на тенисери. Академијата Павловски ја формира мојот татко. Прво започнав како тенисерка, потоа тренерив деца и возрасни, па влегов како судија. Не беше лесно, не беше брзо – но секој чекор ме изградил.
Во тенисот, судијата е невидлив сѐ додека не згреши. Затоа концентрацијата мора да биде апсолутна. Секој меч е нов предизвик. Со тек на време, кога ќе ти дадат доверба – ти возвраќаш со достоинство. Така стигнав до Олимпијада. А таму – длабоко тивка победа.


Твојот татко е тениски тренер. Колку таа љубов кон спортот и неговата истрајност влијаеле врз твојот пат – и врз тоа како денес ја доживуваш дисциплината, но и успехот?
Многу. Од него ја научив дисциплината што не се покажува, туку се живее. Љубовта на татко ми кон тенисот е тивка, длабока и доследна – и мислам дека токму таа истрајност ме обликуваше како личност.
После Олимпијадата ми рече: „Горд сум.“ Тоа не беше обична реченица. Тоа беше најважниот поен во мојот живот – не оној на терен, туку оној внатре во мене.
Колку е тешко да се биде и креативец и претприемач, а во исто време и тениски судија?
Како да живееш два различни животи кои совршено се надополнуваат. Едниот ми ја носи структурата, другиот ми ја дава слободата. Заедно го прават балансот кој ме опишува како личност.
Во A Court, работам со уметност. На терен – со одлуки. Во двата света се бара мир, сигурност и трпеливост. Мене тие ме исполнуваат, без разлика во кој се наоѓам во моментот.

Твојот сопруг е во сосема друг универзум – ИТ, со сопствен бизнис и outsourcing компанија. Колку се среќаваат вашите светови? И што учиш од него?
Често велам дека сме како два паралелни коридора со различна светлина – ама со исто темпо. Тој е во светот на алгоритми, структури и процеси. Јас сум во светот на сензации, бои и тишина. Но и двајцата градиме нешто свое. Со слична посветеност.
Од него учам дисциплина во одлуките, јасност во комуникацијата, трпеливост во градењето. А јас него го потсетувам дека не секогаш сè мора да има логика – понекогаш е доволно да има чувство. Тој ми дава стабилност, јас му давам мекост. Така функционираме – секој во свој свет, а заедно во нашиот.
Клиентки ти се жени со став, со вкус, со барање за нешто уникатно. Како оди тој процес на „да им го погодиш карактерот преку шапка“?
Со разговор. Со слушање. Не е само прашање на мода – туку на личен глас. Некогаш почнуваме од „не знам што сакам“ – и завршуваме со шапка што зборува повеќе од било кој фустан.
Знаеш дека си погодила кога ќе ја видиш насмевката – тивка, задоволна. И кога ќе ја чуеш пораката по неколку недели: „уште не ја соблеков.“


Што значи успех за A Court? Масовност? Инстаграм тренд? Или нешто друго?
Сосема друго. Успех ми е кога некој ќе ја види шапката и ќе рече: „ова е сум толку јас.“ Успех ми е кога ќе добијам порака после месец: „уште не ја соблеков.“
Не ми требаат сто илјади следбеници. Ми требаат вистински љубители. A Court не е бренд за сите – туку за тие што ќе ја препознаат својата точка. А особено ми значи кога некој ќе препознае дека шапката носи нешто повеќе – историја, патување, човечка рака.
Што следи? Ќе шиеш нешто ново, ќе создаваш нова колекција?
Моментално работам на неколку колекции паралелно. Едната е стандардната летна – со полесни материјали и многу боја. Втората е невестинската – Bride Collection, која е посебна како и денот што го претставува. А третата – мојата најамбициозна – е Royal Collection. Сакам таа да диктира нов начин на доживување на модата преку уметност.
Секое парче го третирам како галериско. Нека биде само едно – но да биде незаборавно.
И за крај – која ти е најнеочекуваната шапка што си ја направила?
Секоја шапка е посебен свет. Во секоја вложувам дел од себе, а сепак – секоја е одраз на некој друг. Тие не се мои во класична смисла – јас сум само медијатор меѓу инспирацијата и клиентот.
Не можам да издвојам ниту една. Како да изберам мисла од дневник што не го објавувам? Или како да ја прашате една мајка кое дете ѝ е најдраго. Секоја шапка ми е важна за она што ме научила, што открила кај некого, што кажала без зборови. И секоја заминува со дел од мене – но и со чувство дека токму таму ѝ е местото.


