Лука го предводи тимот матуранти од „Орце Николов“ кој ги претвора саѓите во мастило за печатење

- Advertisement -

Петмина матуранти од гимназијата „Орце Николов“ се на прагот уште еднаш да докажат дека секој отпад може да биде и суровина и од загадувач да стане еколошки производ. Иновацијата на тимот LuftOn, од саѓите, остаток од процесот на спалување дрва, да направат мастило за печатење, е нешто за кое пред една година воопшто и не се зборуваше.

Сега, Лука Кадриќ, Мина Митановска, Вања Тасева, Марија Гавриловиќ и Леа Георгиевска се на прагот да патентираат хемиски процес со кој тоа ќе стане можно, а за пет години очекуваат печатарите во сите институции да користат саѓи како масло за печатење.

- Advertisement -

Во интервју за Иновативност, Лука зборува за идејата и нејзината реализација, но споделува и неколку пораки и очекувања упатени до возрасните, до корпорациите и до институциите, како треба да се грижат за светот што им го оставаат на младите. 

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Лука, кажи ни нешто повеќе за вашиот тим LuftOn, кој е дел од него, кога и зошто се формираше?

LuftON е тим од пет ученика од гимназијата „Орце Николов“ кој се формираше во ноември 2022, со цел да настапиме на UpShift програмата на LEAD. На кратко, UpShift e програма за средношколци каде тимовите презентираат еколошки, иновативни решенија, а најдобрите пет добиваат парична помош да ги реализираат истите. Нашата идеја беше во една од петте наградени и токму така започна нашата приказна.

- Advertisement -

Како дојдовте до идеја саѓите да ги искористите како мастило за печатење?

Всушност приказната е многу интересна. Во процесот на размислување за решението со кое ќе настапиме, истражувавме на интернет и наидовме на едно видео каде што е преставен квазинаучен процес сличен на она што ние го работиме сега. Но, утврдивме дека е сосем лажен и нефункционален. Поради револтот кој се јави кај нас, поткрепен со активистички дух и љубов кон науката, решивме токму тој процес да го направиме реалност. Додатно, утврдивме дека мнозинството од нашата држава се грее на дрва. Со тоа се произведува огромна количина на саѓи кои за жал, завршуваат во околината и ги загадуваат воздухот, почвата и водата.

Во кој стадиум е развојот на идејата во моментот?

Во моментот сме во крајната фаза на развој каде ја прецизираме конечната формулација за мастило со најдобар квалитет и ефективност, и како тоа да остане безбедно за околината. По ова, нѐ чека процес на сертифицирање и проверка и надежно за краток временски период ќе имаме проверен, функционален производ. Во оваа прилика, би сакале да искажеме благодарност до Технолошко-металуршкиот факултет и проф. д-р Перица Пауновиќ кои безрезервно ни помогнаа во овој процес со нивните лаборатории и експертиза.

Како се вклопува вашата цел во концептот на кружна економија? Целта е едноставна. Сакаме еден од најштетните загадувачи на околината да ги отргнеме од циклусот на загадување и да ги искористиме за создавање на употреблив, еколошки производ. Со ова, сакаме да придонесеме кон борбата против климатските промени. Младите како нас сѐ повеќе почнуваат да се грижат за животната средина, што е многу позитивно. Ги охрабруваме, воедно и повикуваме сите млади да истражуваат и размислуваат за нови креативни иновации. На тој начин можеме да создадеме позелена иднина. Исто така, потребно е и зголемен слух од повозрасните генерации кои се на чело на институциите. Само доколку нашите идеи и предлози бидат слушнати и подржани може заеднички да направиме поголема промена.

Во проектот што го реализирате како тим LuftOn, работите на решение поврзано со подобрување на квалитетот на средината каде што живееме. Освен советите за младите, што би им препорачале и на повозрасните, од кои всушност ги наследувате проблемите?

Најпрво, секој да тргне од себе и да се грижи што помалку да загадува како индивидуа. Подигањето на колективната свест е клучна во овој процес. Оттаму, секој од нас треба ги мотивира најблиските околу себе (семејството и пријателите). Само така може да направиме вистинска промена. Исто така, нам како млади ни е оставена задачата да ги држиме големите корпорации кои загадуваат одговорни. Не треба да бидеме рамнодушни кон нивните загадувачки постапки. Секој од нас треба да стане еколошки активист и гласно да се бори за подобра животна средина. Сепак на крајот од денот, од нас зависи каква иднина ќе живееме.

Какви се вашите планови за иднината, каде ја гледате вашата иновација, на пример, за пет или десет години?

Сега за сега, целта ни е да го докажеме овој хемиски процес. Плановите за во иднина тргнуваат од нашата локална заедница, односно стремиме да ја оспособиме гимназијата „Орце Николов“ комплетно да функционира на нашето еколошко мастило. Како матуранти кои си заминуваат од гимназијата, избравме тим на наследници во училиштето кои ќе ја продолжат нашата работа и заложба. За пет до десет години се надеваме дека токму ова мастило ќе најде голема примена во многу институции и установи ширум нашата држава и така ќе придонесеме кон намалување на загадувањето на нашата околина.

Сподели!
- Advertisement -