Брзата експанзија на вештачката интелигенција предизвика загриженост за животната средина поради нејзината значителна потрошувачка на енергија и емисијата на јаглерод. Обучувањето на големи модели со вештачка интелигенција бара значителна пресметковна моќ, што доведува до зголемена употреба на електрична енергија и емисии на стакленички гасови.
Но, еден нов стартап мисли дека центрите за податоци можат да бидат дел од решението. Компанијата Orbital Materials, основана од поранешен истражувач на DeepMind, лансира прва од ваков вид пилот-програма за фаќање на CO₂ користејќи отпадна топлина од серверите. За ова, стартапот планира да користи материјал дизајниран со вештачка интелигенција, кој може да работи поефикасно во услови на топлина од дата-центри. Orbital Materials ќе го тестира својот пилот-проект во дата-центар управуван од Civo во Велика Британија.
Директното ловење на воздухот, кој потоа се филтрира низ материјали наречени сорбенти, е скапа техника, каде што трошоците можат да достигнат и до 1.000 долари по тон заробен јаглерод. Соосновачот и извршен директор на Orbital Materials, Џонатан Годвин, вели дека раните тестови сугерираат дека трошоците на дата центарот Велика Британија може да се намалат на околу 200 долари за тон.
„Тоа е пониско од она што го очекувавме“, вели Годвин. Тој додава дека клучот е нова молекула – пурпурен прав кој работи на различни температури од конвенционалните сорбенти, што го прави подобро прилагоден на топлинската интензивна средина на центрите за податоци.
„Интеграцијата на нашата способност да користиме вештачка интелигенција и извонредниот хемиски тим ни овозможуваат да иновираме во сорбентите многу повеќе од кој било друг“, рече тој.
За време на процесот на фаќање јаглерод вентилаторите црпат воздух и го процесираат низ сорбент материјал, кој го заробува јаглеродниот диоксид. Откако ќе се загрее, сорбентот ослободува CO2, кој се собира во големи резервоари и се транспортира до местата за складирање. Orbital Materials овој систем за филтрирање го сместува во преносни контејнери за транспорт, кои можат да се распоредат директно во центрите за податоци.
Идејата директно да се чисти воздухот се развива со години. Сепак, никогаш не се материјализирала досега бидејќи центрите за податоци емитуваат топол воздух, додека традиционалните сорбенти бараат ладен воздух. За да се справи со овој предизвик, Orbital Materials користеле сопствен модел на вештачка интелигенција за да дизајнираат молекула способна поефикасно да апсорбира јаглерод на повисоки температури. Добиениот материјал – пурпурен прав – потоа бил тестиран во лабораторијата на компанијата. Стартапот сега го продава ова како свој прв комерцијален производ.
(Interesting Engineering)
(фото: Pixabay)