Европската вселенска агенција (ESA) денес ќе го лансира најпрецизниот атомски часовник досега PHARAO до Меѓународната вселенска станица (ISS). Целта е да се тестираат предвидувањата на општата теорија на релативноста на физичарот Алберт Ајнштајн.
Часовникот, со големина на мал фрижидер, ќе биде поставен на надворешната страна на европскиот модул Columbus на ISS, на надморска височина од околу 400 километри. Лансирањето на ракетата Facon9 на SpaceX е закажано за 4:15 часот по локално време од вселенскиот центар Кенеди на НАСА на Флорида.
PHARAO е резултат на речиси тридецениско истражување. Благодарение на ладењето на атомите на цезиум до речиси апсолутна нула, часовникот може да го мери текот на времето со исклучителна прецизност, велат научниците.
Времето се движи малку побрзо во орбитата отколку на површината на Земјата – разлика од една секунда на секои 300 години. Споредувајќи ги резултатите на PHARAO со атомските часовници на Земјата, научниците сакаат прецизно да ги тестираат ефектите на релативноста и веројатно да најдат аномалии кои би го отвориле патот кон обединување на општата релативност и квантната механика.
Надвор од основните прашања од физиката, новата генерација на ултра-прецизни часовници може да има и практична примена – од прецизно мерење на промените во надморската височина до следење на движењето на подземните води и нафтата.
Мисијата PHARAO ќе трае најмалку 18 месеци.
Часовникот ќе остане на ISS до планираното пензионирање на станицата во 2030 година.
(021)
(фото: ESA)