Словенија ги забрани електронските цигари, казни до 5.000 евра

- Advertisement -

Словенечките здравствени и даночни инспекции започнуваат со засилени контроли поради зголемената употреба на ароматизирани електронски цигари, особено меѓу младите. Како што пренесува 24ur.com, ќе се санкционираат не само продавачите, туку и лицата кои купуваат или нудат забранети производи преку интернет, дури и ако тоа го прават бесплатно.

Според измените на Законот за ограничување на употребата на тутун и сродни производи, кои стапија на сила минатата година, продажбата на електронски цигари и дополнувања со овошни, слатки и билни ароми е забранета – без разлика дали содржат никотин или не. Дозволени се само производи што содржат една од 16 супстанци кои даваат арома на класичен тутун, информира Министерството за здравство на Словенија.

- Advertisement -

– Истражувањата покажуваат дека електронските цигари се користат и од деца на возраст од 9 до 11 години. Треба да биде јасно дека тие се штетни за здравјето, содржат канцерогени состојки, а главната активна компонента – никотинот – предизвикува зависност и негативно влијае на срцето, крвните садови, белите дробови и развојот на мозокот – изјави Весна Маринко, директорка на Директоратот за јавно здравје.

Според податоците, потрошувачката на ароматизирани електронски цигари кај малолетници пораснала за 200% во последните три години, што ги поттикнало властите на решителна реакција. Иако бројот на пушачи во Словенија е намален (од секој трет жител пред 20 години на секој петти денес), алармантниот раст на електронски цигари меѓу младите го наметна воведувањето на оваа забрана.

- Advertisement -

Предвидените казни за лица кои продаваат или нудат забранети ароми се движат од 3.000 до 5.000 евра. Купувачите на овие производи преку интернет, пак, може да бидат казнети со сума од 125 до 5.000 евра.

Надзорот ќе го вршат Здравствениот инспекторат и Управата за јавни приходи, кои ќе земаат примероци од производите, ќе ја проверуваат нивната усогласеност со законската регулатива и ќе отстрануваат несоодветни производи од пазарот.

- Advertisement -

Скопје Инфо

Фото –

Сподели!
- Advertisement -