Кинескиот технолошки гигант Xiaomi откри целосно автономна фабрика со големина од 11 фудбалски игралишта, симболизирајќи ја новата ера на производство на вештачка интелигенција.
Кога ќе ја слушнете фразата „темна фабрика“, може да замислите дистописка сцена: машини кои работат во темнина, без луѓе. Сепак, во 2025 година овој концепт стана симбол на технолошкиот напредок. Xiaomi е во епицентарот на овој тренд со својата автономна фабрика од 81.000 m², која произведува по еден паметен телефон секоја секунда.
Оваа таканаречена „темна фабрика“ работи без престан 24/7, без ниту еден работник. Срцето на системот е Hyper Intelligent Manufacturing Platform (HyperIMP), мотор со вештачка интелигенција, кој не само што управува со производството, туку и самостојно решава проблеми, ги прилагодува процесите и ги оптимизира операциите.
За разлика од традиционалната автоматизација, каде што машините слепо извршуваат однапред поставени задачи, системот на Xiaomi користи следење во реално време, предвидливи алгоритми за откривање аномалија и автоматски корекции без човечка интервенција.
Благодарение на оваа технологија, Xiaomi тврди дека фабриката може да произведе до 10 милиони телефони од високата класа годишно.
Сепак, оваа приказна оди подалеку од телефоните. Кина систематски се оддалечува од моделот на евтина работна сила и оди кон евтина автоматизација. Во 2023 година Кина инсталираше повеќе од 290.000 индустриски роботи, што претставува повеќе од половина од светските инсталации од овој тип. Цената на роботската работа сега е околу 1,60-2,00 долари на час, додека просечната плата на работник во фабрика е 5,51 долари на час.
Моделот на Xiaomi е дел од пошироката стратегија „Made in China 2025“, чија цел е да доминира во области како што се вештачката интелигенција, роботиката и биотехнологијата. Роботите преземаат повторливи задачи, додека луѓето се обучуваат за работа во истражување, развој и одржување.
Секако, има и предизвици: можност за губење на работни места поради автоматизација, безбедносни ризици поради поврзаните системи, како и прашања за контрола и зависност од вештачка интелигенција
Сепак, пораката е јасна: подвигот на Xiaomi е само почеток на пошироката трансформација на производството. До 2030 година се предвидува дека вештачката интелигенција ќе автоматизира околу 30% од сите фабрички задачи во светот. Светот влегува во ера на производство во мрак, но со јасна визија за иднината.
(YourStory)