Заеднички чекори кон инклузивни работни средини-ново партнерство на GEA и Women in Tech

- Advertisement -

Во духот на унапредување на родовата еднаквост и создавање инклузивни можности во сите индустрии, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA и  Women in Tech Macedonia и ја официјализираа својата соработка преку потпишување на Меморандум за соработка.

Претседателката на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, д-р Нина Ангеловска Станков, и претседателката на Women in Tech Macedonia, Моника Ризовска Таневска, го потпишаа овој меморандум со цел реализација на заеднички активности насочени кон унапредување на родовата еднаквост на работното место и поттикнување на еднаква застапеност на жените во сите професионални области, како и создавање на поддржувачка средина за нивен професионален развој и напредок. Ова партнерство е во согласност со трите главни столба на GEA: еднаква застапеност на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа, и еднакви можности за напредок во компаниите, кои претставуваат темел на нивните активности за создавање фер и инклузивна работна средина.

- Advertisement -

Алијансата за родова еднаквост на работното место, иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ), активно работи на промовирање на еднакви можности за сите и поттикнување на родова еднаквост на работните места. Алијансата е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднувани за нивниот придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место. Алијансата за родова еднаквост на работното место е т.н. commitment maker за Родова еднаквост при UN Women и работи кон целта за одржлив развој #SDG5 – Родова Еднаквост.

„Соработката со Women in Tech Macedonia е значајна бидејќи со заедничка работа на едукација, менторство и програми за зајакнување на жените ќе придонесеме за надминување на родовите бариери на работното место и за создавање основа за инклузивна работна средина каде што талентот и знаењето се вреднуваат подеднакво. Нашата заедничка цел е да создадеме инклузивна култура, еднаквост и отклучување на моќната синергија помеѓу дигитализацијата, е-трговијата и жените.“ –изјави д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA.

- Advertisement -

Women in Tech Macedonia е дел од глобалната иницијатива Women in Tech®, која активно работи на затворање на родовиот јаз и поттикнување на жените да станат активни чинители во сите индустрии. Нивниот фокус е насочен кон пет клучни области: образование, претприемништво, социјална инклузија, технологија и иновации. Преку разни проекти и програми, Women in Tech Macedonia им помага на девојките и жените да стекнат соодветни вештини и самодоверба за успех во нивната едукација и кариера.

„Нашето партнерство со GEA ќе овозможи нови можности за жените во сите професионални области, преку едукација, менторски програми, професионално поврзување и поддршка во развојот на нивните кариери. Веруваме дека преку заеднички напори ќе создадеме позитивни промени и ќе го забрзаме процесот на родова еднаквост во сите индустрии во Северна Македонија и регионот.“ – изјави Моника Ризовска Таневска, претседателка на Women in Tech Macedonia.

- Advertisement -

Преку оваа соработка, GEA и Women in Tech Macedonia ќе соработуваат со бизнис секторот, владини и невладини организации, како и со меѓународни институции за да обезбедат конкретни можности за развој на жените на работните позиции.

Со заеднички активности како кампањи, обуки, конференции и иницијативи за зголемување на родовата еднаквост на работните места, GEA и Women in Tech Macedonia ќе работат на унапредување на положбата на жените во сите сектори, како и на усогласување на родовите политики со европските стандарди. Оваа соработка е значаен чекор кон создавање на подеднакви можности за жените и градење на одржлив дигитален екосистем во кој сите имаат еднаква шанса за успех.

Сподели!
- Advertisement -
->